1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Словачка - земја со „мафијашки структури“?

Кено Верзек
6 март 2018

Словачка по убиството на истражувачкиот новинар Јан Куцијак влезе во длабока криза на доверба и идентитетска криза. Дури и претседателот лично се прашува дали земјата е правна држава или е во канџите на мафијата.

https://p.dw.com/p/2tkdQ
Slowakei Proteste wegen Ermordung von Journalisten
Фотографија: Reuters/R. Stoklasa

Убиството на истражувачкиот новинар Јан Куцијак и неговата свршеница ја потресоа Словачка како малку кој друг настан од независноста на земјата во 1993-та. Младата двојка која сакала да прави свадба во мај, беше егзекутирана во село источно од Братислава. Според претпоставките, убиени се поради истражување на Куцијак кој сакал да докаже дека италијанската мафија има директен пристап до владата и тајните информации преку двајца од најважните советници на премиерот Роберт Фицо.

Длабока идентитетска криза

Покрај убиството, монструозноста на целата ситуација е она што длабоко потресе многу луѓе во земјата. Тие се сеќаваат на хаосот од 1990-тите во Словачка, кога владееше автократот Владимир Мечијар. Тогаш политиката и организираниот криминал одеа рака под рака, Словачка со години беше на раскрсница меѓу развој во насока на автократска мафијашка држава и правна држава со демократска перспектива.

Сѐ до убиството на Куцијак и неговата свршеница многу луѓе во земјата веруваа дека ова прашање е дефинитивно одговорено најдоцна со пристапувањето на Словачка во ЕУ во 2004 година. Но, наеднаш, ретко кој се чувствува и натаму сигурен кога одговара на прашањето - каква држава е Словачка. Убиството ја втурна земјата не само во политичка, туку и во длабока криза на доверба и идентитетска криза.

Andrej Kiska Präsident der Slowakei
Претседателот Андреј Киска е нарекуван „добрата совест на Словачка“Фотографија: Getty Images/AFP/G. Hochmuth

Оваа криза словачкиот претседател Андреј Киска, претприемач, филантроп и еден вид добра совест на својата земја, во неделата, во обраќањето до граѓаните ја опиша со зборови кои не се забораваат брзо: „Денес недовербата на луѓето кон државата е огромна. Тоа е оправдано. Многу луѓе веруваат дека трагедијата на убиството на Куцијак и неговата свршеница ја отсликува словачката стварност на повеќе начини. Тоа е страшна визит-карта на нашата држава по 25 години постоење. Нешто лошо се крие под површината, нешто лошо се крие во фундаментот на нашата држава.“

Како во лош мафијашки филм

Чувството за кое зборува Киска може да се почувствува пред сѐ во редакциите на независните медиуми. Онаму, каде истражувачките новинари работат на слични теми како убиениот Куцијак и каде политичките набљудувачи ги гледаат под лупа оние на власт. Значи, онаму каде најдобро се познава анатомијата на власта.

Како дејствува власта во Словачка знае и 28-годишниот Петер Хабара. Тој лично има доживеано како премиерот Фицо ги навредува новинарите и ги нарекува „хиени“, „идиоти“ или „антисловачки проститутки“. Хабара работи во порталот „актуалити.ск“, каде беше вработен и убиениот Куцијак. Двајцата биле пријатели, истражувале заедно, го анализирале на пример словачкиот аспект на Панамските документи.

Хабара е сѐ уште шокиран поради смртта на колегата, како и сите во редакцијата. Атмосферата во порталот е мачна, сите зборуваат тивко, никој не се насмевнува. На работната маса на Куцијак има свежо цвеќе, а колегите се грижат за тоа постојано да гори една свеќа.

Slowakei Ermordeter Journalist Kuciak beigesetzt
Фотографија: picture alliance/NurPhoto/A. Widak

Хабара е шокиран и поради начинот на кој владата пристапува кон расчистување на случајот. Кога премиерот Фицо минатата недела за време на прес-конференција на маса презентираше еден милион евра кеш и тие пари ги понуди како награда за информација која ќе доведе до убијците на Куцијак, Хабара помислил дека се наоѓа во лош мафијашки филм, а не на прес-конференција на еден премиер на земја членка на ЕУ. И онака малата доверба на Хабара во политичките престтавници на неговата татковина, се намалила уште повеќе. „Се чини Фицо навистина верува дека ова убиство може да го реши со пари, како што мафијашите се пресметуваат меѓусебно“, вели новинарот.

Повеќе: 

Нови избори во Словачка по убиството на новинарот Куцијак?

Словачка: „Мафијо, надвор од нашата земја“

Убиството на Јан Куцијак - црното досие на Словачка

Само празна реторика

Левонационалистичкиот и номинално социјалдемократски премиер Роберт Фицо ја одредува судбината на Словачка преку една деценија. Од 2016 година Фицо го намали прилично својот популистички, антимуслимански дискурс и во последно време постојано повторуваше дека Словачка е дел од јадрото на Европа. Поради тоа, а и со оглед на ситуацијата во Полска, Чешка и Унгарија, имиџот на Словачка беше главно позитивен.

„Тоа главно беше реторика, Фицо направи малку за врзување со Европа“, оценува Петер Морвај, надворешнополитички коментатор на дневниот весник „ДеникН“ и еден од најпрофилираните експерти во Словачка за централна и источна Европа. Морвај вели дека Фицо вешто и успешно водел двоен курс - од една страна умерени пораки нанадвор, а од друга страна популистички дискурс навнатре. Само што, ако се земе предвид настапот со еден милион евра, премиерот го губи чувството за расположението на јавноста, вели Морвај. „Делува како веќе да ја нема ситуацијата под контрола и со тоа сѐ повеќе ја води Словачка кон сериозна криза“, нагласува новинарот.

Der slowakische Premierminister Robert Fico steht hinter Bündeln von Euro-Banknoten während einer Pressekonferenz über den Mordfall eines führenden Journalisten, der hochkarätigen Steuerbetrug untersucht
Словачкиот премиер Роберт Фицо со еден милион евра кеш кои ги понуди како награда за информација која ќе доведе до убијците на Куцијак и неговата свршеницаФотографија: Getty Images/V.Simicek

Како би можел да изгледа излезот од ваквата криза е прашање на кое ретко кој набљудувач во земјата се осмелува да дава прогнози. Претседателот Андреј Киска во неделата побара темелно преструктуирање на владата или предвремени избори - барање кое Фицо веднаш го отфрли и го обвини претседателот дека говорот не е „пишуван во Словачка“, туку е составен од „луѓе кои имаат сосема други цели“.

Тотално губење врска со реалноста

Поранешниот истражувачки новинар и политички коментатор Арпад Солтеш е вџашен од ваквите забелешки на премиерот. Тој смета дека Фицо сосема „загубил врска со реалноста“. За жал, додава Солтеш, во Словачка во моментов практично нема прифатлива политичка алтернатива. Етаблираните владејачки и опозициски партии се дискредитирани, а единстената алтернатива која се нуди за излез од кризата се само десните екстремисти и десните популисти, вели Солтеш.

Тој добро го познавал Куцијак, делумно работеле и во иста редакција. Пред да се случи убиството Солтеш во интервјуата и коментарите постојано повторувал дека Словачка е условно зацврстена правна држава. Кога претседателот Киска пред неколку месеци јавно поставил прашање дали Словачка е држава со мафијашки структури, тој во еден свој коментар го критикувал остро. Сега Солтеш самокритично заклучува: „Згрешив.“

Читајте нѐ и преку апликацијата на ДВ за андроид