1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Слободата е во заложништво, но не одиме кон режимизација

27 март 2020

Во овие моменти се бара политичко примирје, драги партиски претставници. Тоа го бараат пред се граѓаните. Наместо деструктивност и само токсични критики и полемики, се бара одговорност од сите политички чинители.

https://p.dw.com/p/3a6sy
Ivor Mickovski
Фотографија: Privat

Ја следам дискусијата која полека се раѓа кај ВМРО-ДПМНЕ околу авторитарниот популизам и тоталитарните тендеции во услови на вонредна состојба.

Истото може да се види и кај одредени либерални кругови во државава или кај некои квазилевичари. Конкретно кај ВМРО-ДПМНЕ кое веќе некое време во ситуација на криза со коронавирусот се обидува да ја наметне темата околу хибриден режим, сега преку професорката Силјановска и нивниот иден носител на листа, не предупредува околу зголемената опасност од авторитарен популизам и режимизација во услови на вонредна состојба.

И би немало проблем кога ова би било чисто академска или експертска анализа која не предупредува, како што ќе каже Силјановска: „Се плашам и предупредувам дека концентрацијата на енормна моќ во рацете на Владата, без контрола, отвара простор за тоталитарни тенденции“. Проблемот настанува кога ова доаѓа од устата на претставник на ВМРО-ДПМНЕ, без разлика колку нејзиното „крило“ гради одреден имиџ на полиберална и подемократски настроена струја во партијата.

Постои тука една селективност или слабост во аналитичкиот аспект околу генезата на популизмот и тоталитаризмот во нашето општество. Силјановска не греши во своите општи констатации околу тоа како нашата држава е киднапирана од партиите, сите контрадикции и нефункционалности на една банана држава како што ја нарекува, околу недоволно демократското функционирање на нашата држава, околу малограѓанштината и феудалниот карактер на нашата политика.

Проблемот настанува кога Силјановска заборава дека нефункционалностите и слабостите кои денес ги констатира се пред се една голема и трагична оставштвина од владеењето на ВМРО, и второ, дека партијата која утре ќе ја претставува на избори, се уште нема покажано знаци на напуштање на тоа наследство и на реформирање во своето функционирање.

Со други зборови Силјановска прави една одлична анализа на состојбите кои се продукт токму на политичко-партиското дејствување на ВМРО, додека нејзината манипулативност лежи во фактот дека некој од ВМРО го користи моментот за политичка пропаганда и креирање на изнасилени стравови дека Владата може да ја искористи кризата за присвојување на апсолутна власт.

Тоа што дополнително не се зема во предвид е што Македонија со кризата се соочи додека се наоѓаше во својот веќе анахрон Пржински формат на преодна Влада, нешто што помалку апсурдно испадна можеби и повеќе корисно, отколу штетно за нас, имајќи ја предвид политичката поларизација. Втор проблем е што поради распишаните, а потоа одложени избори, нашето Собрание беше распуштено и не беа пронајдени уставни предлози како тоа повторно да се свика. Дали е тоа доволно за да се каже дека власта има апсолутна моќ и нема поделба на власта?! И дали може со преголема леснотија како што прави Силјановска, да се каже дека Пендаровски е само марионета на оваа власт?! Да, се тоа може да се каже, но потоа мора да се види како и зошто се дојде до вонредна состојба и како еднаш воспоставена, власта функционира и дали ги злоупотребува своите прерогативи.

Повеќе:

-Коронавирусот и Македонците: Ни треба медијатор!

-Што се случува во ВМРО-ДПМНЕ?

-Лажни вести во коалиција со корoнавирусот

Вонредната состојба беше прогласена почитувајќи ги нашите Уставни одредби од страна на Претседателот. И покрај несогласувањето меѓу владејачката партија и опозицијата околу распишување на вонредна или кризна состојба, сепак беше испочитувана пржинската рамка на партиски преговори, каде и преку консензус беше усогласено одложувањето на изборите, како и фактот дека Пендаровски формираше експертска група по ова прашање, група од која дел беше и Силјановска. Тоа што ВМРО-ДПМНЕ не сакаше да прифати прогласувањето вонредна состојба и се залагаше за кризна состојба, можеме да го толкуваме и како правилен потег имајќи во предвид дека постапката за прогласување на вонредна состојба е предвидена само во два члена од Уставот (125 и 126), дека немањето на посебен закон за прогласување вонредна состојба претставува правен недостаток, и дека во услови кога немаме како законските уредби да поминат низ законодавниот дом, тоа може да претставува концентрирање на моќта само во извршната власт. Но, повторно, тоа што ВМРО сега не сака да го разбере е дека токму концентрацијата и централизацијата на моќта во околности на коронавирусот, дава најдобри резултати во носењето на мерки за соочување со кризата.

Друг аспект е дека прогласувањето на кризна состојба е предвидено со Законот за управување со кризи, кој е понизок правен акт од Уставот. Оттука нашиот Устав познава прогласување вонредна и воена состојба, но не и кризна. И третата работа која тука ВМРО не сакаше да ја согледа, е дека одлуките на Владата во вонредна состојба може веднаш да се ефектуираат, нешто што значи поитно и поефикасно справување со коронавирусот. За разлика од вонредната состојба, кризната состојба поставува ограничувања кои може да влијаат врз ефикасноста на владините мерки во справувањето со вирусот, како и тоа дека при кризна состојба потребно е на територијата на цела држава да се основаат кризни штабови, што би значело ангажман на голем број на лица, што пак не е препорачливо имајќи ја предвид сериозноста на ситуацијата со коронавирусот. Тоа што особено не е препорачливо околу кризната состојба е што финансиските импликации од нејзиниот реализирање би биле далеку пооптеретувачки по нашиот буџет од вонредната состојба.

Други колумни од Ивор Мицковски:

-Агамбен, Ниче(не Македон) и Николоски од аспект на короната

-Македонија (болна од страв) во време на коронавирусот

-Вирусот на расизмот позаразен од коронавирусот

Една од клучните тези на Силјановска е дека преодната влада се дала на производство уредби со законска сила, но не кажува дека токму тоа е поентата на прогласувањето вонредна состојба, да може Владата преку декрети да носи брзи и ефикасни законски уредби. И се разбира дека тие уредби со законска сила ќе опфаќаат многу полиња, и дека не може некој произволно и од страна да одреди што е полезно, а што не е во услови на ваква криза. Односно, Силјановска го пренебегнува фактот дека кризата со коронавирусот покрај здравствените има многу широки општествени, економски, финансиски, социјални и други импликации и дека ти можат да се адресираат само со широка палета на владини законски интервенции.

Се ова го зборувам како човек кој намалку од се има правна експертиза, но кој доволно добро успева да толкува што е здраворазумски во ваква, досега невидена криза и ситуација. Со други зборови, јасно ми е дека една власт, ќе биде пред се добра и успешна во овие услови, не ако само го следи словото на Уставот(кое не гледам каде е прекршено), туку и дека мора да импровизира и брзо да се адаптира ако сака да излезе на крај со една драматична ситуација која и понатаму се влошува, и која ќе продолжи да се влошува.

Е сега, можеме да расправаме околу вирусот на уредби со законска сила или декрети, еден вид на „состојба на декрети“. Проблемот со таа ситуација е што нормативните уредби стануваат се поригорозни и порестриктивни. Се носат набрзина, некои не се докрај добро обсмислени, факт е дека е глупост владејачката партија преку Заев да носи предлог мерки и закони, кога ефективно се најдоминатниот фактор во Владата. Но, тоа се повеќе проблеми на формата, а не на суштината. Клучното прашање е дали градуалноста на тие уредби и нивната растечка рестриктивност се отворено контрадикторни и штетни или пак даваат резултати без да ја ослабат функционалноста на нашите институции?!

Јас би рекол дека никој човек со малку интелектуална искреност и чесност не може да каже дека нашите институции не се соочуваат добро, дури и изненадувачки добро со кризната ситуација. Отсуството на закон за вонредна состојба не произведе хаос ниту во носењето на уредбите, ниту во прераспределбата на институционалните компетентности. Не се создаде полифонија од мерки, туку мерките и уредбите консеквентно и зависно од состојбите добиваат на растечка ригорозност, што верувам и е нормално во оваа ненормална ситуација.

Што пак ни кажува дека вонредната состојба, иако без законска рамка не е во состојба да се ограничи на еден голем исклучок, таа сепак не произведува премногу конфликтни и контрадикторни исклучоци.

На крајот Силјановска завршува и со препораката дека не смее да се дозволи ограничување на т.н. апсолутни права и слободи, затоа што без нив не би биле човечки суштества. Се мачам да ја разберам оваа позиција која се коси со реалноста на состојбите.

Фактот дека овој став околу „ограничувањата на слободата“ особено не полетува, кажува дека снобовските ставови или пак душегрижништвото од ВМРО не палат особено. Тоа е добро, бидејќи вакви дискусии во ова време и во вакви услови, се апсурдна проблематика и дебата. Јасно е дека сите ние, и не знаеме до кога, сме подложени на драстично намалување на индивидуалните слободи и права.

Но, големата разлика со било кој друг случај кој ја намалува нашата самоопределба, избор, слобода на движење, е што од нашата жртва профитира колективната слобода. Ако седиме дома, го намалуваме ризикот и ние да се разболиме, и да направиме општествена штета.

Сите губиме нешто, се разбира, но со повисоката цел: во корист на сите останати - во корист на општеството и заедницата.

Голема политичка махинација и злоупотреба е во ваква ситуација и во вакви услови, да се злоупотребува поимот „граѓански слободи“, особено кога тоа се прави на ангро, општо, а не тендира кон конкретни случаи на можна злоупотреба или нефункционалност.

Тој што сега зборува за „режимизација“ комплетно ги изгубил од вид чувството за пропорција, поимот општество и општествено добро, концептот за солидарност и колективна свест.

Со други зборови, се однесува како тие што не донесоа до некаква форма, лева или десна, на режимизација.

Би било добро кога опозицијата малку би излегла од категоријата промовирана како основачна идеја за постоењето на политиката според Карл Шмит, односно: дуализмот пријател – непријател. Се разбира дека секогаш постојат ризици една власт да забега, впрочем, тоа предобро го знаеме од искуствата со владеењето на ВМРО. Но, за разлика од нивниот историски и материјално констатиран тоталитаризам, сведоци сме дека тоа не е случајот и со оваа владејачка гарнитура, без разлика колку има свои криминално-коруптивни проблеми, и која не се срами некои популистички практики и култови на личноста од минатото и понатаму да ги перпетурира.

Сепак, денес гаранциите се далеку поголеми, и конечно, опозицијата е дел од преодната влада и има можност да делува конструктивно и критички. Македонија деновиве ја доби и долго очекуваната препорака за почнување преговори со ЕУ, нешто што го потврдува фактот дека и покрај сите институционални нефункционалности, не сме на пат кон апсолутизам или режимизација, туку на бавен и честопати тежок и спор, полн со контрадикции и недоследности - пат кон демократизација. Во ниедно истражување или анализа на земјите кои воведоа вонредни мерки, Македонија не е посочена дека ја злоупотребува кризата за носење закони кои надвор од нужните норми за соочување со кризата пречекоруваат во кршење на владеењето на правото или некаква форма на режимизација.

Се бара политичко примирје драги партиски претставници, тоа го бараат пред се граѓаните. Наместо деструктивност и само токсични критики и полемики во овие моменти, се бара одговорност од сите политички и општествени чинители. Конечно, ако тоа не го гледате си правите штета самите на себе. Во вакви ситуации се менува целиот концепт на општество, граѓаните се подредуваат на една волонтаристичка редукција на нивните права и слободи, свесни и за економските и финансиските жртви кои допрва ќе следуваат. Но, во сето тоа се раѓа и еден механизам на доверба, каква што можеби и не сме познавале. Тој што ќе ја разочара, или ќе се стави на патот на истата, ќе плати голема политичка цена.

Со други зборови, постои една обединетост во оваа криза, обединост на уплашени и ставени во дефанзива граѓани, но која граби напред. Од тие причини сите наследници на логиките на Тачер треба конечно да разберат: општеството постои, а не само политиката.