1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Слобода е и правото да не се објави!

Михаел Книге/превод: БГ16 јануари 2015

Острата критика кон водечките медиуми во САД кои не ги објавија карикатурите на Шарли Ебдо е разбирлива, но погрешна. Слободата на печатот не значи и неконтролирано објавување на карикатури.

https://p.dw.com/p/1ELG2
Фотографија: picture-alliance/epa/Y. Valat

Импулсот беше јасен и широко распространет. По ужасниот масакр врз новинарите на Шарли Ебдо, медиумските организации ширум светот се солидаризираа во поддршка на убиените колеги и слободата на говорот.

Бројни медиуми, како ДВ, на масакрот реагираа со објавување фотографии од новинарите кои држат плакати со текстот "Je suis Charlie", порака која набрзо стана глобален симбол.

И самото изразување на солидарност и поддршка од страна на новинарите стана дел од континуираното покривање на настаните и дебатата околу приказната за Шарли Ебдо. Во пресрет на масакрот, многу медиуми ги објавуваа карикатурите на Шарли Ебдо, но бројни тоа не го сторија. И повторно, одлуката на медиумите да ги објават или да не ги објават карикатурите стана дел од приказната и доведе до голема дебата. Постоењето на оваа дебата не само што е легитимно, туку е и корисно.

Исто така е фер да се критикуваат и водечките американски медиуми како Њујорк Тајмс, Волстрит журнал и Асошиетед прес, кои одлучија да не ги објават карикатурите на кои е прикажан пророкот Мухамед. Но, да се нарекуваат овие медиуми „хипокритични“ и да се обвинуваат за автоцензура можеби е емотивно разбирливо, но е навредливо и контрапродуктивно.

Задача на медиумските организации и на новинарите е да проценуваат и да пренесуваат информации кои тие ги сметаат за важни и релевантни за нивната публика на начин кој тие го сметаат за најдобар за постигнување на нивната цел. Вредноста на една вест е често цитиран критериум, јавниот интерес е исто така важен, но не толку често споменуван.

Deutsche Welle Michael Knigge
Михаел КнигеФотографија: DW/P. Henriksen

Новинарски дилеми

Да ги погледнеме карикатурите на Шарли Ебдо од тој аспект. Дали е неопходно, за да се објасни позадината на приказната околу нападите врз Шарли Ебдо, да се објават дел или сите карикатури на Мухамед? Или да си го поставиме прашањето поинаку: дали карикатурите на Мухамед, патем навредливи за многу муслимани, имаат некаква суштинска новинарска информациска вредност?

Веројатно мнозинството новинари ќе одговорат дека тие имаат информациска вредност затоа што ја претставуваат суштината на тоа зошто Шарли Ебдо беше нападнат.

Вториот аспект е дали е во јавен интерес да се објавуваат слики кои се навредливи, па и богохулни за дел од општеството. Одговорот на тоа прашање е далеку понејасен. Да бидеме јасни, слободата на говорот им дава на новинарите за право да објавуваат информации, дури и доколку се тие навредливи за дел од општеството.

Но, тоа не значи дека новинарите треба некритички да објавуваат запалливи информации или слики само затоа што можат. Наместо тоа, тие мора да проценат дали можат да ја пренесат неопходната информација без непотребно да ги навредуваат луѓето.

Како резултат на тоа, дали ќе се објават карикатурите или не, и кои од нив, е прашање на проценка. Порталот „Базфид“ како и многу други интернет медиуми во САД, објавија поголема селекција на карикатурите на Шарли Ебдо. Волстрит журнал и Вашингтон Пост, одлучија да не ги објавуваат старите карикатури на магазинот, но ја објавија карикатурата од насловната страница на последниот број на која Мухамед плаче. Њујорк Тајмс одлучи да не објави ниту една карикатура на која е Мухамед.

И сето тоа е оправдано. Тоа се нарекува слобода на печатот. И тоа ја вклучува и одлуката нешто да не се објави.