1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сликање на записниците - добра или ризична идеја на ДИК?

15 април 2019

Од ДИК сметаат дека ќе се зголеми ефикасноста, транспарентноста и брзината на објавување на резултатите. Поранешниот претседател на ДИК, Александар Новаковски, има голем број контрааргументи.

https://p.dw.com/p/3Glnj
Mazedonien Parlamentswahlen
Фотографија: DW/ P. Stojanovski

Во сенка на кампањите на претседателските кандидати, остана најавата на претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) Оливер Деркоски, за новината што ќе биде воведена на претседателските избори, a за таа цел Комисијата донесла и соодветно упатство. Тоа се однесува на достава на податоци од Избирачките одбори до ДИК, со цел да се зголеми ефикасноста, транспарентноста и брзината на објавувањето на резултатите.

„Од овие избори почнуваме со една новина. Записникот 16 што го запишуваат Избирачките одбори и го носат во Општинските изборни комисии, треба да се слика и да се испрати до ДИК, пред да се носи таму. Затоа што се случуваше во минатото тие записници да бидат изменувани, и во нив да се поправаат бројките“, изјави Деркоски минатата недела.

Со новината, од ДИК сметаат дека ќе се превенира можноста од манипулација со изборните резултати, односно ќе се прави двојна проверка, а ќе има и поголема транспарентност.

Повеќе:

Најскап гласот на иселениците - законот плаче за промени

Реден број и предупредување од ДИК за Река, Силјановска и Пендаровски

Ризик од конфузија

Но, кај упатени во оваа сфера, посочената новина предизвикува скепса. 

„Идејата да се воведе сликање на оригиналниот записник на Избирачкиот одбор, а со цел заштита на записникот од одредени манипулации и побрзо објавување на резултатите, според мене, е неприфатливо“, вели поранешниот претседател на ДИК, Александар Новаковски.

„Ќе ги наведам причините. Прво, Државната изборна комисија нема законска можност тоа да го дозволи, бидејќи не е предвидено со закон. Второ, оправданието дека Избирачките одбори ги преправале записниците е неприфатливо, бидејќи на броење на гласовите и составување на записникот може да присуствуваат сите преставници на подносители на листа, плус пет членови и заменици членови во избирачкиот одбор и со тоа е заштитен записникот. А, ако истиот не се потпише од мнозинството членови, Општинската изборна комисија (ОИК) согласно со закон е должна да ги утврди сите неправилности. Праќањето на записникот со сликање од над 3.000 избирачки места ќе стори конфузија и може некој сериозно да направи намерен хаос, а тие слики не мора за ништо да бидат користени во фазата на евентуални приговори“, укажува Новаковски.

Kommunalwahlen in Mazedonien
Ако се сомневаме во 30.000 членови на изборната администрација, тогаш сериозно се доведуваме во прашање како нефункционална држава, предупредува НоваковскиФотографија: DW/P. Stojanovski

Гарантирана контрола

Процесот на контрола и превентива од манипулации го гарантира и самиот состав на секој Избирачки обор. Него го сочинуваат пет члена, од кои еден е претседател, а за секој од членовите се избираат и заменици. Претседателот на Избирачкиот одбор и неговиот заменик, два члена и нивни заменици се избираат од редот на вработените во државната, јавната и општинската администрација, по случаен избор, и со мандат од четири години. По еден член на ИО и неговиот заменик се именуваат на предлог на политичките партии во опозиција, кои на последните избори за пратеници освоиле најмногу гласови, а друг по предлог на политичките партии на власт кои на последните избори за пратеници освоиле најмногу гласови.

Второто ниво на превенција доаѓа од фактот дека за цело време на денот на гласањето, ОИК дава упатство за работење на ИО и ја контролира нивната работа. Исто така, ОИК може да ги разреши членовите на ИО во случај на нивно противзаконско работење, како пред денот на гласањето, така и на денот на гласањето. Во таков случај, ОИК подготвува детален извештај и истиот го доставува до ДИК. Во извештајот се наведува името и презимето на членот на ИО кој е разрешен, причините за разрешувањето, како и копии од доказите врз основа на кои било констатирано противзаконито работење.

Недоверба во администрацијата?

Имајќи го предвид ова, со најавената новина, според Новковски, се создава комплетна недоверба во изборната администрација.

„Ако ние се сомневаме во 30.000 членови на изборната администрација, тогаш сериозно се доведуваме во прашање како нефункционална држава. Тој записник го има во оригинал еден примерок и сите други претставници добиваат табеларен приказ, плус се става табеларниот приказ на секое гласачко место по завршување на изборите. Замислете до што би довело, ако сето ова го контролира ДИК преку слики, а само за пример, во ДИК пет дена не функционираше веб-страницата“, вели Новаковски.

Смета дека идејата за фотографирање на Записникот 16 е избрзан потег и дека не држи ни оправдувањето дека со тоа побрзо ќе се објават резултатите.

„Начинот на кој се предлага ова, според мене е сериозно неприкладен и може да биде искористен во други цели. ДИК нема право да ги објавува резултатите, па и неофицијални, врз база на слики, туку Општинските изборни комисии треба да ги пратат резултатите во ИТ-центарот на ДИК по приемот на записникот од избирачкиот одбор. Во период кога на овие избори имаме само едно гласачко ливче со тројца кандидати, сметам дека резултатите до Општински комисии ќе бидат стигнати за краток период, а ДИК ќе ги добие директно од Општинските комисии преку електронска пошта. Секако, ДИК нив ќе ги објави неофицијално, а проверката потоа мора да се прави врз база на оригиналните записници кои Општинските комисии ќе ги достават до ДИК“, објаснува поранешниот претседател на Државната изборна комисија.