Следната недела ќе бидат распишани предвремените избори
4 април 2011Според извори од партиите, оваа недела во Собранието треба да се изгласа претседателот на Државната изборна комисија, како и измените и дополнувањата на Изборниот законик, по што ќе следи распуштање на парламентот и распишување предвремени парламентарни избори. За изгласување на овие точки е потребно двотретинско мнозинство.
ДУИ се концентрира на спроведување на Рамковниот договор
Помалиот коалиционен партнер во актуелната влада, Демократската унија за интеграција, пак, на денешната прес-конференција соопшти дека на претстојните парламентарни избори ќе настапи со програма, заснована на целосното спроведување на Рамковниот договор, реформи во здравството, образованието, културата, намалување на невработеноста и сиромаштијата и решавање на проблемот со името.
Според Абдулаќим Адеми, новоизбраниот шефот на Изборниот штаб, на неделната седница на Централното претседателство на ДУИ е оценето дека со можноста за гласање на граѓаните во дијаспората, ќе се овозможи претставување и на нивните интереси во Македонија.
„ДУИ цени дека предизборните коалицирања, особено меѓу албанските политички партии, се многу значајни. Меѓутоа, новоформираните партии и оние кои до сега не учествувале на парламентарни избори, сметаме дека преку изборите прво треба да докажат колку се важни“, рече Адеми.
По изборите, ДУИ очекува постабилна влада и парламент, решение на спорот со името и деблокирање на евроинтегративните процеси.
Минатата недела лидерот на најголемата опозициска партија СДСМ, Бранко Црвенковски, објави дека тие се откажуваат од сите барања и дека безусловно ќе учествуваат на изборите, по што премиерот Никола Груевски донесе одлука изборното соочување да биде на 5 јуни.
Автот: ТТ/ЕМФ/миа, макфакс
Редактор: Симе Недевски