1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Скопје се надева на уште посилно сојузништво со Вашингтон

21 јануари 2021

Откажување од политиката „Америка на прво место“ значи повеќе грижа за соработка со сојузниците во светот, меѓу кои е и најновата членка на НАТО, Северна Македонија, смета Денко Малески.

https://p.dw.com/p/3oDmg
USA Washington D.C. Kapitol Kongress Regierung
Фотографија: Carolyn Kaster/AP Photo/picture alliance

Ден на демократијата, почеток на ново поглавје, враќање на вредностите на демократијата, засилување на трансатлантското пријателство... Ова се дел од пораките во честитките кои уследија по стапувањето на должност на новиот претседател на САД, Џо Бајден, и потпретседателката, Камала Харис. Инаугурацијата на 46-от американски претседател вчера беше најгледаниот настан во светот, со бројни анализи за претстојните политики на САД во пост-трампово време.

Денко Малески, професор, амбасадор и првиот министер за надворешни работи во независна Македонија, смета дека светот може конечно да здивне - со изборот на Џо Бајден за претседател на САД, пристојноста и вистината се враќаат во Америка.

„Ова не е вообичаена смена во Белата куќа, кога поразениот претседателски кандидат му ја подава раката на победникот, и присуствувајќи на неговата инаугурација му ја изразува личната поддршка во вршењето на најодговорната работа во државата. Овојпат тоа не се случи помеѓу Трамп и Бајден, зашто тоа можат да го направат само политичари кои ги споделуваат истите вредности на либералната демократија. Но, со Доналд Трамп, Америка го искуси својот бренд на авторитаризам, кој не само што ја наруши демократската традиција на мирното примопредавање на власта, туку и самите демократски институции и процедури“, вели Малески.

Сега, посочува тој, следува период на обединување околу вредностите на демократијата.

„Ќе треба време земјата која се нарекува себеси ‘светол град на ридот' одново да го врати загубениот демократски углед. Дома, новиот претседател Џо Бајден ја има задачата да ја обедини длабоко поделената најстара уставна република во светот околу вредностите на демократијата, пристојноста и вистината. Надвор, откажување од политиката ‘Америка на прво место' во прилог на мултилатерализмот значи повеќе грижа за сојузите и соработка со сојузниците во светот, меѓу кои е и најновата членка на НАТО, Република Северна Македонија", смета Малески.

Mazedonien Denko Maleski ehemaliger Außenminister
Малески: Ова не е вообичаена смена во Белата куќаФотографија: DW/P. Stojanovski

Пример што инспирира

Вчера сите погледи и честитки беа насочени кон Вашингтон. На покана на американската амбасада во Скопје, инаугурацијата на Џо Бајден и Камала Харис ја следеа претседателот Стево Пендаровски, премиерот Зоран Заев и министерот за надворешни работи Бујар Османи, заедно со американската абасадорка Кејт Мери Брнз. По инаугурацијата, тие испратија и честитки до претседателот и потпретседателката на САД.

„Честитки до новиот американски претседател Џо Бајден. САД се наш стратешки партнер кои секогаш ја поддржувале демократијата во земјава и нашите евро-атлантски интеграции. Честитки до Камала Харис, првата жена потпретседател на САД“, напиша Пендаровски на Фејсбук.

Стапувањето на должност им го честиташе и премиерот Заев, посакувајќи им мандат исполнет со успешни политики кои обединуваат.

„Мандат, во кој сум сигурен дека американската демократија ќе биде глобален пример што инспирира. Претседателе Бајден, се радувам на времето пред нас во кое верувам дека ќе го продлабочиме сојузништвото меѓу Северна Македонија и САД, како и блиските врски и пријателството меѓу нашите граѓани", напиша премиерот Заев.

Честитки до 46-иот претседател на САД вчера упати и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, посакувајќи му добро здравје и успех на функцијата.

„Уверен сум дека САД под водство на г. Бајден ќе останат стратешки партнери на Република Северна Македонија, Албанците и целиот Балкан за време на нашиот веќе неповратен процес кон целосната интеграција во Европската Унија, но и во продлабочувањето на традиционалното пријателство со Америка. Нашата соработка е искрена и ги споделуваме истите вредности. Сите успеси ги постигнавме заедно, секој успех е заеднички. Бог да го благослови албанско-американското пријателство. Бог да го благослови американскиот народ“, се вели во честитката од лидерот на ДУИ.

Повеќе:

САД ја потсетуваат ЕУ каде е местото на Северна Македонија

Бајден и Македонија

Бајден и Балканот

Исклучително цврсто партнерство

САД и Македонија воспоставија дипломатски односи во 1995 година. Во декември минатата година во македонското МНР беше промовирано специјално издание на поштенска марка по повод 25 години од воспоставувањето на дипломатските односи помеѓу двете земји. На промоцијата преку видеоконференциска врска се обрати Филип Рикер, поранешен американски амбасадор во Скопје.

Philip T. Reeker US State department
Филип Рикер: Партнерството меѓу двете земји е исклучително цврстоФотографија: US Goverment

„САД и Северна Македонија имаат најсилни односи од кога било. Северна Македонија стана најнова членка на НАТО. Она што почна како Канцеларија за врски со едно биро денеска е модерен објект кој ги симболизира растечките односи низ годините меѓу двете земји“, рече Рикер, нагласувајќи дека партнерството меѓу двете земји е „исклучително цврсто“.

Но, Северна Македонија го дочека новиот американски претседател без свој амбасадор во САД. Амбасадорот Малески има коментар за ваквата состојба: „Кога малите држави си го дозволуваат луксузот да немаат амбасадори кај големите сили, си прават штета себеси, не на големата сила. Во отсуство на моќ, главната девиза во трансакциите меѓу државите во светот, малите држави мораат да го бранат својот углед со беспрекорно поведение. Имено, ако немање амбасадор во Вашингтон го нарушува угледот на вашата држава, тој треба да биде именуван навреме. Просто. Само треба дисциплина да се внимава на временските рокови и свест за интересите на државата, а не на водачот или партијата".