1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Систематска дискриминација на Ромите во Чешка

9 април 2011

Ромите во Чешка живеат во гета и се невработени. Секое трето ромско дете посетува специјално училиште. Само малкумина успеваат и покрај сите пречки да постигнат нешто повеќе во животот.

https://p.dw.com/p/10ppr
Bilder von Roma in Litvinov, Tschechien. Sie wurden von Miriam Ostermann (DW freie Mitarbeiterin) am 30. Juli 2009 aufgenommen.
Ромските деца одат во специјални училиштаФотографија: DW

Осум часот наутро во основното училиште во работничкиот кварт Шишков во Прага. Ова е специјално училиште за деца со помало ментално пореметување. Во одделението 2Б има 18 ученици со природно црна коса и темна боја на кожата, речиси сите се ромски деца. Но, тоа е сосема нормално објаснува директорката Ирена Меснерова: „На ромските деца им е потребна поголема грижа, затоа што тие имаат проблеми со учењето. Во нормалните одделенија со 30 деца тие се несреќни и преоптоварени. Освен тоа, според успехот се најлоши, бидејќи не можат да ги завршат работните задачи.“

Ваквото мислење го делат поголемиот број луѓе во земјата. Во Чешка автоматски се одвојуват децата на ромското малцинство од редовните училишта. Како што се вели во земјата има одвоен образовен систем за Ромите и белите деца.

Во Чешка живеат околу 300.000 Роми

Bilder von Roma in Litvinov, Tschechien. Sie wurden von Miriam Ostermann (DW freie Mitarbeiterin) am 30. Juli 2009 aufgenommen.
Мал е бројот на радители кои ги надминуваат бариерите во живототФотографија: DW

Во хуманитарната организација „Амнести интернешнл“ зборуваат за систематска дискриминација. И Европската унија постојано ја критикува владата во Прага:„Ромските деца немаат никакви шанси за подобро образование во Чешка. Тие не го зборуваат добро јазикот и затоа добиваат лоши оценки. Поради тоа не можат да го завршат одделението и многу често завршуваат во специјални училишта. По завршувањето на образованието имаат големи проблеми да најдат соодветна работа. Ние им помагаме на овие семејства да ја надминат бариерата“, објаснува Катершина Хулова од чешката организација „Луѓе во нужда“.

Секое попладне 15 до 20 деца се среќаваат со доброволците, кои им помагаат при учењето и пишувањето домашни задачи. Децата доаѓаат од семејства во кои родителите речиси воопшто не знаат да читаат и да пишуваат. Меѓутоа и голем број од родителите не му придаваат големо значење на образованието. Мартина и Ладја го прекинаа овој т.н. ѓаволски круг. Тие редовно доаѓаат во ромскиот клуб во Прага. Овде имаат мир и време да учат и да си играат.

Не успеваат сите да го прекинат „ѓаволскиот круг“

Mit einem Kleinkind auf dem Schoß sitzt eine junge Roma im Dezember 1992 auf der Frankfurter Einkaufsmeile Zeil und bittet Passanten um Almosen.null
Само мал број Роми успеваат во животот, останатите се невработени и питачатФотографија: picture-alliance/dpa

Со помош од хуманитарната организација тие посетуваат средно училиште. „Јас се викам Мартина и имам 13 години. Сакам да учам и кога ќе пораснам сакам да станам пекарка или фризерка.“ -„Јас се викам Ладја и имам 14 години. Сакам да станам автомеханичар. Тоа ќе ми претставува задоволство. “

Ромката Ивета Деметерова успеа. Таа заврши средно училиште и факултет. Три пати во неделата работи како новинарка во чешкото радио и ја води емисијата за ромското малцинство во земјата. И покрај сите бариери во општеството, нејзините родители успеале да им овозможат неа и на најзините две сестри да посетуваат нормално средно училиште. Од учениците често биле навредувани дека се циганки, а наставниците ги запоставувале, објаснува сега 44 годишната Ивета. Но, денес голем број училишта би се противеле да примат ромски деца. Мнозинството од чешкото општество сака етнички „чисти“ училишта. Само мал број родители Роми имаат сила да ја пробијат оваа бариера: „Секое дете се радува да оди на училиште. И ромските деца исто така. Тие сакаат да учат, а на тој начин им расте и самодовербата. Доколку училиштето постојано поставува пречки на патот, тогаш семејствата се повлекуваат. Тогаш сите заедно одат во специјалните училишта. На тој начин им се затвораат сите врати за образување. Тоа е голем прекршок од страна на чешкото општество“, вели ромката Деметерова.

Автор: Штефан Хајлајн / Бисера Огњановска Митров

Редактор: Симе Недевски