1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Синдикатот во потрага по идентитет

28 октомври 2010

Синдикалното движење во Македонија како институција за заштита на правата на работниците ја губи својата моќ. Според проценките, синдикалното членство брои околу 200.000, од кои околу две третини се под капа на ССМ.

https://p.dw.com/p/PqlH
Протести не се организираат подолго времеФотографија: Petr Stojanovski

Во услови на рекордна невработеност, поразителни бројки за сиромаштија и слаб економски раст, синдикатите демонстрираат пасивност. Штрајковите и протестите како метод на синдикална борба веќе подолго време не се организираат. Експертите коментираат дека во текот на овие две транзициски децении, борбата за фотелја остана главен и единствен мотив за борба на македонските синдикалци. Според социологот Илија Ацески синдикатот е длабоко поделен, не ја игра вистинската улога и од самиот старт постојано бил под контрола на политичките структури на сите досегашни влади:

Gebäude des mazedonischen Gewerkschaftsbundes
Според проценките, синдикалното членство во Македонија брои околу двесте илјадиФотографија: Petr Stojanovski

„Се‘ додека имаме синдикат со вакви поединци, тој ќе биде на опашката. Тие живеат сами за себе, затворени во она што го наследија од стариот систем. Не сум оптимист дека наскоро ќе се создаде основа за некое ефикасно синдикално движење, иако на државата тоа и одговара, но не и на демократска држава, или влада која сака да гради принципи по европски терк“, смета Ацески.

Колку е жестока битката за синдикалната фотелја покажуваат и последните случувања во Сојузот на синдикатите на Македонија. Најстарата и најголема синдикална организација во земјата денеска (28.10) на Конгрес во Охрид го бира новиот претседател. Едиствен кандидат е Живко Митрески, кој пролетоска го урна од функцијата Ванчо Муратовски, на собир кој беше затворен за медиумите.

Митрески: Целта е независен синдикат

Zivko Mitrevski
Живко МитрескиФотографија: Petr Stojanovski

Митрески најавува длабоки реформи и промени во законот за работни односи и утврдување на минимална плата:

„Еден од клучните моменти кој сакаме да го реализираме е да го елиминираме тој сериозен печат кој долго време стоеше за ССМ и несреќно одбраната стратегија за давање поддршка на политичка партија. Напротив, јасно кажавме дека ќе градиме автономен и независен синдикат, но отворен за соработка со сите кои ќе бидат во прилог на нашите определби и цели.“

Јовановски: Ако Конгресот успее, синдикатот ќе се растури

Лутиот ривал на Митрески, Драге Јовановски, кој беше исфрлен од претседателската трка на затворена седница на Советот на синдикатот, со образложение дека не ги исполнувал критериумите, предупредува дека доколку денешниот Конгрес успее, синдикатот ќе се растурел. Јовановски не успеа да се кандидира иако беше поддржан од синдикатот на Управата и правосудството кое има најбројно членство:

„Преку 50% од делегати покренаа постапка за формирање на нов синдикат, бидејќи со овој синдикат е јасно дека не можат да се остварат правата. Живко Митрески само ќе го забрза процесот на формирање нов синдикат.“

Инаку Сојузот на синдикатите на Македонија и Конфедерацијата на слободните синдикати во Македонија се двата репрезентативни синдикати кои заедно со Организацијата на работодавачи се партнерите на владата во социјалниот дијалог. Сепак, неодамна формираниот Економски социјален совет, се` уште не започнал суштинска и конкретна расправа за подобрување на состојбите. Според проценките, синдикалното членство во Македонија брои околу двесте илјади, од кои околу две третини се под капата на ССМ.

Автор: Костадин Делимитов

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска