1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Култура

Симболите на Велигден и нивното значење

БГ/ ДВ
30 март 2018

Многу од денешните обичаи поврзани со Велигден имаат потекло од античко време или од Средниот век. Знаете ли од каде доаѓа името на празникот и каква е врската меѓу велигденското зајаче и велигденскиот оган?

https://p.dw.com/p/2v70O
Deutschland Osterbrunch
Фотографија: picture-alliance/Springerpics/A. Deimling

Велигден е најзначајниот празник за христијаните, бидејќи на овој ден се празнува воскреснувањето на Исус. Тоа во Германија го знае секое дете, но ретко кој знае дека Велигден првично бил паганско празнување во чест на божица на пролетта и плодноста кај Германите. Таа се викала Остара, што значи исток, бидејќи била споредувана со зората и од нејзиното име е изведен денешниот германски збор за Велигден - „Ostern“. Нејзиниот празник се славел секогаш по првата полна месечина во пролетта. Тогаш луѓето танцувале со мечеви, што претставувало борба на богот на сонцето со зимските моќи, кои во ова годишно време редовно ја губат оваа битка.

Овие пагански активности биле трн во окото за црквата, па на советот во Никеја во 325 година било одлучено најважниот празник во христијанството да биде во исто време со пролетниот празник на многубожците.

Göttin Ostara
Велигден првично бил паганско празнување во чест на божицата на пролетта и плодноста Остара

Велигденското зајаче

Денес секое дете го знае него, бидејќи го има од чоколадо или марципан, во форма на колач или како херој во безбројни сликовници, а на Велигден во недела, пак, ги крие велигденските јајца во градината. Кариерата на божиќното зајаче како носач на јајца започнала во 19 век. Првиот доказ за неговото постоење потекнува од 1682 година и е даден од професорот по медицина од Хајделберг, Георг Франк фон Франкенау. Во неговиот медицински трактат „De ovis paschalibus - за велигденските јајца“ тој го опишува обичајот во Алзас и во Горна Рајна и се изјаснува за негативните здравствени последици што прекумерното конзумирање на такви јајца може да го предизвика.

Велигден меѓу христијаните важи за симбол на новиот живот, како што првично бил и пролетниот празник кај Германите. Затоа не е ни за чудење што зајакот во симболиката има клучна улога, бидејќи зајачицата годишно повеќепати донесува на свет и до осум младенчиња. И во времето на божицата на пролетта зајакот се обожувал како свето животно.

Ostereier und Hasen
Кариерата на божиќното зајаче како носач на јајца започнала во 19 век. Фотографија: Kzenon/Fotolia

Околу велигденското јајце

Во културната историја на човештвото јајцето се среќава многу рано. Уште во четвртиот век јајцата биле ставани во гробовите на Римјаните и Германите и симболизирале почеток на нов живот. Во Средниот век вазалите на земјопоседниците им давале велигденски јајца или зајчиња како надомест за добиената земја. На ова првично плаќање денес се должи подарувањето на велигденски јајца.

Обичајот кај католиците да се бараат велигденските јајца низ дворот веројатно е измислен од буржоазијата, бидејќи на децата на селаните тешко можело да им се претстави дека зајаците наместо кокошките ги несат и квачат јајцата. На зајакот му било импутирано дека во суровата зима, кога гладните зајаци доаѓаат во селата во потрага по храна, ги сокрива шарените јајца.

Додека велигденските јајца се наоѓаат на менито од пред три века, велигденското јагне е на трпезата многу од поодамна. Овој обичај потекнува од ритуалот кај евреите за колење на животното за време на празникот Пасха. Во христијанската црква тоа станало симбол за Јагнето Божје (Agnus Dei).

Ostern Sorben Bräuche Reiterzug in Wittichenau
Обичај меѓу Лужичките Срби во Бранденбург е велигденското јавање коњи.Фотографија: picture alliance/Andreas Franke

Велигденски оган

Тој горел уште во времето на Остара. Огнот претставува симбол на сонцето, кое го овозможува животот на Земјата. Со велигденскиот оган се поздравува сонцето како заштитник на плодноста и новиот раст. Во долината на реката Везер луѓето тркалаат кон долината запалени гуми, а во други области се пали кукла од партали на запален крст, која треба да го претставува предавникот на Исус - Јуда.

Еден стар обичај кај Лужичките Срби во Бранденбург е велигденското јавање коњи. Притоа со крст на коњот се минува низ полињата. Така семето на нивите треба да се благослови, за жетвата на есен да биде богата.