1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Силна експлозија во Осло, повеќе повредени

22 јули 2011

Експлозија во близина на норвешката влада одекна попладнево во Осло. Според изјави на очевидци, има повеќе повредени, а причинета е и голема материјална штета. Голема веројатност дека се работи за терористички напад

https://p.dw.com/p/121sx
Први фотографии од експлозијата во ОслоФотографија: picture alliance/dpa

Норвешката полиција засега е недостапна за коментар, а нема официјални информации дали станува збор за терористички напад. Сомневањата дека веројатно се работи за терористички напад ги подгреа информацијата дека во епицентарот на експлозијата се наоѓаат остатоци од целосно уништен автомобил.

Очевидци велат дека експлозијата одекнала во центарот на Осло, во непосредна близина на седиштето на влада, министерството за финансии и најтиражниот норвешки таблоид „ВГ“.

„Прозорците на зградата на ВГ и на владиното седиште се искршени. Неколку луѓе, прекриени со крв лежат на улицата“, изјави новинар од локалното радио за агенцијата АФП.

Според првичните информации, норвешкиот премиер Јенс Столтенберг не бил во својата канцеларија во време на нападот.

„Има стакло насекаде. Овде е целосен хаос. Прозорците на сите околни згради се искршени“, вели новинарот очевидец.

На фотографиите постирани на интернет-страницата на норвешкото државно радио се гледа уништената фасада на зградата на „ВГ“, војници кои го затвораат подрачјето околу експлозијата, и граѓани кои им помагаат на повредените.

Автор: Борис Георгиевски/афп/ројтерс

Редактор: Александра Трајковска