1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Катастрофи

Силен земјотрес во Турција-расте бројот на жртвите

СН/агенции
25 јануари 2020

Во разурнувачкиот земјотрес кој ја погоди источна Турција загинаа десетици луѓе а стотици се повредени. Бројни згради се урнаа во потресот со епицентар во градот Сивирџе во провинцијата Елазиг.

https://p.dw.com/p/3Wndj
Schweres Erdbeben in der Osttürkei
Фотографија: AFP/I. Akengin

Најмалку 21 лице досега го загуби животот, а над 1.000 се повредени во земјотресот кој ја погоди источна Турција, а спасувачките екипи и денеска ја продолжуваат потрагата по преживеани во урнатините. Најмалку 30 лица останаа затрупани под урнатините на зградите по синоќешниот земјотрес.

Земјотрес со интензитет од 6,8 степени по Рихтеровата скала го погоди источниот дел на Турција во 20.55 часот по локално време, а потоа следеа два помали потреси со магнитуди од 5,4 и 5,1. Турските телевизии објавија снимки како луѓето во паника излегуваат на улиците од оштетените згради. Голем број објекти се урнаа во потресот.

Schweres Erdbeben in der Osttürkei
Фотографија: AFP/I. Akengin

Епицентарот на земјотресот бил на длабочина од 6,7 километри кај градот Сивирџе во источната провинција Елазиг. Потресот меѓутоа бил почувствуван и во голем број соседни провинции.

Повеќе:

-„Краткорочно предупредување од земјотрес не е можно“

-Дивоградбите се поопасни од земјотресите!

-Црниот сеизмички појас- голема опасност за Скопје

Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, порача дека сите надлежни институции и служби ги преземаат сите потребни мерки по земјотресот кој синоќа го погоди источниот дел на Турција.

Türkei Erdbeben in Elazig
Фотографија: picture-alliance/AA/K. Kocalar

Ердоган во пораката на Твитер наведе дека сите турски ресорни институции работат да се заштитат животите на луѓето и да се намалат губитоците на минимум. „Министрите за урбанизам и за околина, за внатрешни работи и за здравство се испратени во регионот погоден од земјотресот. Сакам да се знае оти како претседател на државата внимателно ја следам ситуацијата и работата на терен. Сите институции, со АФАД и со Црвената полумесечина на чело, се со нашиот народ“, порача Ердоган и им оддаде почит на настраданите.

Турција се наоѓа на трусно подрачје и земјата често ја погодуваат земјотреси. Во земјотресот со магнитуда од 7,4 кој во 1999 година ја погоди Турција настрадаа 17.000 луѓе, од кои околу 1.000 во Истамбул.