1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сеќавањето на минатото е молитва за иднината!

11 септември 2011

На комеморацијата за жртвите на 11 септември и екуменската служба на религиите од светот, што се одржа во Црквата на американската заедница во Берлин, присуствуваше и сојузниот претседател Кристијан Вулф.

https://p.dw.com/p/12Wv1
Комеморација во БерлинФотографија: DW

„Заедничката молитва на религиите од светот е сигнал: ние нема да потклекнеме пред тероризмот и му се спротивставуваме. Нема да прифатиме луѓето да бидат жртви на подмолните напади. Секој тероризам е длабоко нехуман. Тој е спротивност на суштината на религијата и не може да се потпира на неа.“

Ова осамна на интернет страницата на сојузниот претседател  Кристијан Вулф пред неговото учество на денешната (11.09) утринска служба на американската заедница во Берлин, на која служеа претставници на христијанската, еврејската и муслиманската религија.

Иако службата беше најавена за 10 часот, во црквата на Деневицплац уште од 9 часот беше преполно. Пристигнаа гости не само од американската заедница во престолнината, туку и многумина претставници на политичкиот живот на Германија. Главен гостин на комеморацијата беше сојузниот претседател Кристијан Вулф. Гостите, меѓу кои и поранешниот канцелар Герхард Шредер, шефовите на дипломатиите - поранешниот Штајнмајер и актуелниот Вестервеле, министерот за внатрешни работи Фридрих, лидерката на Зелените Кинаст и други, ги поздрави американскиот амбасадор во Германија Филип Марфи.

„Ова утро во Америка и ширум светот  се одржуваат црковни служби во сеќавање на оние кои пред десет години загинаа  на 11 септември. Не смееме никогаш да ги заборавиме оние кои мораа да ги дадат своите животи. Но, освен сеќавањето, ние мораме повеќе да направиме. Колку е посилен нашиот ангажман за нашите централни вредности - рамноправноста и слободите, толку  подобро ќе можеме да ги чествуваме нивните животи и наследство. Луѓето ширум светот стекнаа искуства дека дијалогот и партнерството се најсилни алатки за изградба на посилни заедници и подобар свет кој сите си го посакуваме”, истакна Филип Марфи.

Gedenkfeier 11. September in einer amerikanischen Kirche in Berlin Dennewitzplatz
Најдобра молитва за иднината е мирот, порачаа претставниците на религиите од светотФотографија: DW

Потоа збор имаа претставниците на различните религии: рабинот Розвицки, имамот Љевакович, монсињор Хефс, претставникот на ѓаконијата Горгис... Сите говореа за едно: заедништвото и силата која тоа со себе ја носи. Црковната служба беше проселедена со музички хорски и соло изведби.

Едноминутен молк

Попладнево комеморација за жртвите на терористичките напади од пред 10 години се одржa и во Градското собрание на Берлин, каде домаќин беше  градоначалникот Клаус Воверајт. Голем број политичари и претставници на културата и бизнис заедницата од Берлин, во свечената сала на Црвената општина им оддадоа почит на загинатите на терористичките напади во Америка.

Потсетувајќи дека никој нема да ги заборави миговите што го шокираа светот Воверајт ги евоцираше миговите по катастрофата во Берлинскиот дом, улиците, кога млади и стари  се солидаризирале со семејствата на жртвите.

Jahrestag der Terroranschläge vom 11. September 2001
Свечената сала на Градското собрание беше преполнаФотографија: DW

„Америка беше нападната. Но, кулите во пламен, нападнатиот  Пентагон значеа дека ние сите бевме нападнати. Тоа беше напад врз демократијата, слободата и нашите вредности. Ова особено го чувствуваат Берлинчани кои во поделениот град имаа прилика овие вредности особено да ги осознаат”, истакна Клаус Воверајт потсетувајќи дека пријателството кон Америка не е никаде толку вкоренето како во Берлин.

Градоначалникот се осврна и на она што следуваше по 11  септември: исламизмот, реакциите од терористичките напади, апелот на канцеларот Герхард Шредер за „неограничена солидарност” со Америка.
Подвлекувајќи ја и скепсата која ја наметна  војната во Ирак, Клаус Воверајт  потсети  дека и анти-исламистичките популисти и десните екстремисти се непријатели на слободата и демократијата. Притоа, потсети дека во секојдневието мнозинството на берлинските муслимани се дистанцирале од тероризмот што претставуваше активен придонес за општсетвеното заедништво на овој град. Во оваа смисла, Воверајт го пофали и односот на христијанската црква и  еврејската заедница по 11 септември, кои инсистираа на дијалог со исламот. Затоа „одговорот на предизвиците на тероризмот мора да биде сплотеноста на луѓето што сакаат слобода, без разлика на конфесијата на која и‘ припаѓаат и независно од која земја  потекнуваат”, подвлече Воверајт.

На свечената комемнорација  се обрати и американскиот амбасадор Филип Марфи кој истакна дека токму во истите мигови и американскиот претседател Барак Обама е на „Граунд зиро” во Њујорк. Тој говореше за нападите, жртвите и пријателството со Берлин, акцент ставајќи на споменикот кој токму денес на десетгодишнината свечено ќе биде предаден и кој ќе биде „жив простор” на местото каде некогаш биле кулите-близначки. Едновремено, Марфи кажа дека  терористичките напади не успеале да го опустошат градот. Денес на Менхетен живеат двојно повеќе луѓе одошто пред една деценија!
 

Автор: Силвера Падори-Кленке

Редактор: Е.М.Фиданоска