1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Историја

Сеќавање на холокаустот: Останаа фотографиите и болката

27 јануари 2020

„Ниеден Евреин од Македонија не беше депортиран во Аушвиц, сите беа депортирани во Треблинка и никој не се врати“, низ солзи зборува Благоја Младеновски.

https://p.dw.com/p/3Wr71
Mazedonien Holocaust-Denkmalzentrum für die Juden
Фотографија: DW/K. Delimitov

Денеска во Македонската акедемија на науките и уметностите ќе се одржи комеморативна академија по повод 27 Јануари - Меѓународниот ден на сеќавање на Холокаустот. Со резолуција на Генералното собрание на Обединетите нации донесена во ноември 2005 година, 27-ми јануари е востановен како Меѓународен ден на сеќавање на жртвите од холокаустот, како датум на кој во 1945 година е ослободен Аушвиц-Биркенау, најозлогласениот нацистички логор на смртта во Европа, каде биле затекнати 7.500 затвореници. Концентрациониот логор Аушвиц е основан во 1940 година во окупирана Полска. Бил дел од големата мрежа на концентрациони логори востановени во рамките на Хитлеровото „конечно решение“ за истребување на Евреите во Европа. Првично бил наменет како затвор за Полјаците кои се противеле на нацистичкиот режим, а потоа се претворил во најголема фабрика на смртта во Европа. Се проценува дека во тој логор вкупно биле депортирани 1,3 милиони луѓе. Околу 900.000 Евреи биле убиени во тамошните гасни комори, веднаш по нивното депортирање во логорот. 

Judentransporte Auschwitz
Се проценува дека во Аушвиц вкупно биле депортирани 1,3 милиони луѓеФотографија: picture-alliance/ZUMAPRESS.com

Останаа само фотографиите и болката

Аушвиц, Треблинка, или друг концентрационен логор... Различно е името, но трагедииите се подеднакво ужасни и болни.

„Ниеден Евреин од Македонија не беше депортиран во Аушвиц, сите беа депортирани во Треблинка и никој не се врати оттаму“, низ солзи зборува Благоја Младеновски, највозрасниот член на Еврејската заедница во Македонија, кој денеска ќе присуствува на комеморативната академија во МАНУ.

Повеќе:

Да не се повтори

„Марш на живите“ во Скопје: да учиме од минатото за да не се повтори

Признава дека му е тешко да говори на таа тема тат-а-тет. Но и во нашиот телефонски разговор не му беше лесно да ги сокрие солзите и чувствата на голема тага и загуба. Роден е во 1941 година, и имал само две години, кога во март 1943 година 7.114 Eвреи од Македонија биле депортирани во концентрациониот логор Треблинка, во окупирана Полска. Се спасил од смртта, бидејќи заедно со неговата мајка, Нета Коен, биле сокриени во куќата на родителите на неговиот татко, кој бил православен Македонец, и со кој неговата мајка се венчала подоцна - во 1946 година.

„Се криевме во таа куќа. И соседите никогаш не кажаа дека во таа куќа живее Еврејка. Но, од семејството на мајка ми, над 30 лица беа однесени во Треблинка - нејзините браќа, тетки, братучеди... Таа не успеа ни да ги види пред да ги депортираат. И никој од семејството Коен не се врати. Од семејството што повеќе го немаше, ни останаа само фотографиите и болката. Како дете ги чувствував сите последици на таа трагедија. Израснав низ солзи и до денес низ солзи се сеќавам на моето детство“, вели Благоја, и потсетува дека животот и страдањата на неговата мајка беа инспирација за филмот „Трето полувреме“ на режисерот Дарко Митревски.

Polen deutsches Konzentrationslager Treblinka
Шините кои воделе директно кон смрт во концетрациониот логор ТреблинкаФотографија: picture-alliance/dpa

Никогаш да не се повтори

Во резолуцијата на Светската организација со која се прогласува за Меѓународниот ден на холокаустот, се повикува на почит и спомен на жртвите на холокаустот и на изработка и реализација на образовни програми со цел ваквите настани од историјата никогаш да не се повторат.

Таа порака - „Сеќавање на холокаустот - никогаш повторно" е и темата на изложбата на плакати изработени од студенти по графички дизајн, што денеска во МАНУ ќе ја отвори британската амбасадорка Рејчел Галовеј. Претходно, на комеморативната академија обраќање ќе имаат премиерот Оливер Спасовски, шефот на дипломатијата Никола Димитров, претседателот на МАНУ Љупчо Коцарев, претседателката на Еврејската заедница во Република Северна Македонија Берта Романо-Николиќ и амбасадорите на Шведска и на Полска, Кристин Форсгрен Бенгстон и Војчек Тучински.