1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сета моќ за Ердоган

Жанет Цвјенк
26 јуни 2018

Со години шефот на турската влада работеше на воведување претседателски систем. Тоа и му појде од рака. Сега тој е и претседател и шеф на владата. Поглед на новиот опсег на моќ на Реџеп Таип Ердоган.

https://p.dw.com/p/30HUP
Wahlen Türkei - Erdogan erklärt sich zum Sieger
Фотографија: picture alliance/AP Photo/L. Pitarakis

Во април минатата година, Турците на референдум со тесно мнозинство гласаа во полза на претседателски систем кон кој тежнееше претседателот Реџеп Таип Ердоган. Со парламентарните и со претседателските избори преминувањето на новиот систем е сега завршено. Критичарите стравуваат дека тоа ќе овозможи владеење на еден човек во Турција. Јасно е оти Ердоган сега има повеќе моќ отколку што имаше порано.

Претседателот станува шеф на државата и на владата

Премиерската функција е укината. Прв човек на извршната власт сега е претседателот, кој според уставот претходно имаше претежно репрезентативна функција. Во иднина претседателот ќе биде надлежен за именување и разрешување на потпретседатели и министри, чија бројност самиот ќе ја одредува, како и за сите високи државни службеници. Парламентот нема право на самоодлучување. А членовите на неговиот кабинет не можат да бидат пратеници.

Владеење по декрет

Претседателот, кога е во прашање извршната власт, може да носи декрети кои имаат сила на закони, кои стапуваат на сила по објавување во службениот весник. Согласност од парламентот не е нужна. Декретите ќе станат неважечки ако парламентот усвои некој закон од таа област. Претседателските декрети не смеат да ги ограничуваат уставни права и прописите кои веќе се усвоени со закон. Законите може - со исклучок на предлог буџетот - да ги носи само парламентот.

Повеќе на темата:

-Ердоган победи на претседателските избори

-Ердоган победи, демократијата загуби

-Ердоган - Од реформатор до радикал и назад?

Wahlen Türkei - Erdogan erklärt sich zum Sieger
Фотографија: picture-alliance/AA/K. Ozer

Претседателот станува предводник на мнозинството во парламентот

Пред уставната  реформа претседателот беше обврзан на политичка неутралност, но тој сега може да ја задржи својата припадност кон партијата. Поради тоа, претседателот на најголемата партија и така, како предводник на мнозинството во парламентот, може да ја контролира неговата работа. Ердоган се врати на  чело на АКП во мај 2017 година.

Избори во двојно пакување

Како што беше тоа случај во неделата, во Турција парламентот и претседателот и во иднина ќе бидат избирани во исто време и тоа на петгодишен мандат. Истовремените избори ја зголемуваат веројатноста партијата на претседателот да располага со мнозинство во парламентот. Актуелни избори всушност беа закажани за ноември 2019 година, но Ердоган од нив направи предвремени избори.

Два и повеќе мандати

Во принцип, претседателот може да биде избиран на два петгодишни мандати. Меѓутоа, владеачката партија АКП се погрижи да отвори и мала врата: доколку парламентот одлучи за време на траењето на вториот мандат да одржи нови избори, претседателот ќе може уште еднаш да се кандидира за таа функција. Во тој случај броењето на мандатите почнува од почеток, како што предвидува овој нов претседателски систем. Ердоган значи, по победата, се наоѓа во својот прв мандат. Со таа мала врата (и со соодветни изборни успеси) тој би можел теоретски да остане на власт до 2033 година.

Türkisches Parlament
Фотографија: Reuters/M. Cetinmuhurdar/Presidential Palace

Помалку права за парламентот

Пратениците во парламентот ја губат можноста да сменат министри од владата. Парламентарни прашања и предлози се можни само во пишана форма на адреса на потпретседателот и на министрите, но не и на претседателот. Во иднина, пратениците нема да бидат во можност да бараат импичмент само за предавство, туку и за сите кривични дела. Меѓутоа, пречките за тоа се многу високи: за да се изврши соодветна истрага во правосудството, потребно е двотретинско мнозинство во парламентот.

И натаму мали шанси за помалите партии

Многу спорниот изборен праг за влез во парламентот од 10 отсто, кој особено ги загрозува прокурдските партии, останува во сила.

Ограничување на независноста на првосудството

Со оваа реформа на претседателот му се овозможува поголема контрола во правосудството. Од усвојување на уставната реформа тој именуваше 6 од 13 члена на Советот на судии и јавни обвинители. Овој совет, меѓу останатото, е одговорен за именување на судии и обвинители. Другите членови на овој совет ги избираат пратениците во парламентот - каде претседателот Ердоган е предводник на мнозинството. Во стариот систем, правниците сами го одредуваа мнозинството членови во ова тело, кое порано броеше 22 члена. Воените судови во земјата се веќе укинати.