1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Наука

Секој петти Ковид - пациент може да развие психички проблеми

Александер Фројнд
14 ноември 2020

Анксиозност, депресии и несоница според една нова британска студија на Универзитетот Оксфорд се најчестите долгорочни последици од заболување од Ковид- 19.

https://p.dw.com/p/3lCJd
Woman Awake In Bed Suffering With Insomnia
Фотографија: Colourbox/Monkey Business Images

Речиси една година по појавата на новиот вид коронавирус САРС – КоВ-2 познато е дека овој агресивен патоген не ги напаѓа само белите дробови и дишните патишта, туку може сериозно да го оштети срцето, крвните садови, нервите, бубрезите и кожата. Во јули британските невролози беа шокирани од сознанието дека САРС-КоВ-2 дури и кај пациенти со лесни симптоми или веќе излечени, може да предизвика тешки последици на мозокот и централниот нервен систем, како психози, парализа и мозочни удари кои често доцна се препознаваат.

Научниците од Центарот за биомедицинско истражување на Оксфорд открија дека секој петти пациент може да развие проблеми со менталното здравје како последица на болеста. Особено изолацијата може да доведе до нарушувања како анксиозност, депресии и несоница. Научниците ги објавија своите наоди во стручниот магазин „Лансет психијатрија“.

Психички проблеми дијагностицирани кај речиси 6% од пациентите

За обемната студија спроведена заедно со здравствената мрежа ТриНеткс беа анализирани речиси 70 милиони анонимизирани електронски досиеа на пациенти во САД. Меѓу нив беа и 62.000 Ковид- пациенти со лесни симптоми. Се испитуваше дали овие пациенти развиле психички проблеми во периодот од две недели до три месеци по дијагнозата.

Според студијата, кај 18,1% од Ковид- пациентите во анализираниот период е дијагностицирано психичко заболување, што значи кај секој петти заболен пациент. Кај 5,8% од анализираните за првпат се дијагностицира психичко заболување.

Symbolbild Coronavirus Depression
Сериозни последици за психичкото здравје од Ковид-19Фотографија: picture-alliance/dpa/Weber/Eibner

Споредба со останати болести

За да се осигура дека овие психички болести се во директна поврзаност со Ковид 19, направена е споредба со податоците од шест други заболувања за истиот период: грип, други респираторни инфекции, кожни болести, камења во жолчка, камења во уринарниот тракт како и фрактури на коските. Кај овие болести сепак само 2.5% до 3,4% развиле и психички проблеми.

Повеќе на темата:

Најсигурниот симптом дека сте заразени од коронавирус

Пушењето е-цигари значително го зголемува ризикот од коронавирус

Долготрајни страдања на пациентите со Ковид-19

Тешки мозочни оштетувања се можни дури и при лесни корона-симптоми

„Ова откритие беше неочекувано и мора дополнително да се истражи. Во меѓувреме психијатриските нарушувања треба да се додадат на листата фактори на ризик за Ковид 19,“ вели Макс Такет од Националниот институт за здравствени истражувања и еден од авторите на студијата.

Студијата треба да се земе претпазливо

Во истовреме британските научници предупредуваат дека не треба да се преценуваат резултатите од студијата, бидејќи за одредени абнормалности се уште нема убедливо објаснување. Така според податоците постои 65% зголемен ризик за заразување со САРС КоВ -2 кај лица со психички заболувања.

Освен тоа, деменциија беше дијагностицирана два пати повеќе кај Ковид-пациенти за анализираниот период. Тоа не мора да значи дека САРС КоВ-2 има директно влијание врз мозокот. Можно е деменцијата да е почесто дијагностицирана едноставно само поради тоа што повеќе луѓе се одеднаш прегледани, вели Пол Харисон, професор по психијатрија на Универзитетот Оксфорд.

Четири ризик фактори не се земени предвид 

Не се земени предвид полот и староста на пациентите, дали пушат или конзумираат дрога. Сето тоа се фактори кои го зголемуваат ризикот од психичко заболување. Не се земени предвид и социоекономските аспекти и општиот стрес од пандемијата. Притоа ризикот од заболување е повисок за лица од помалку привилегирани социоекономски околности поради лошите услови за работа и живеење. Тие почесто страдаат од психички заболувања. Следните години ќе покажат во кој обем вирусот предизвикал долгорочни последици и психички заболувања.