1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Водата затруена со арсен, а никој не трепнува

6 април 2018

Секој десетти граѓанин на Србија пие вода затруена со арсен, која може да предизвика тумор. Во Војводина состојбата е алармантна, трае со децении, но малку ги интересира политичарите.

https://p.dw.com/p/2vTku
Serbien Krebserregendes Wasser
Фотографија: DW/S. Kljajić

Кога пред 15 години дознале дека водата од чешма не е исправна, биле загрижени. Денес на уште едно во низата истражувања на Институтот за јавно здравје кое покажува исти резултати, жителите на Темерин само одмавнуваат со раката. „Нам и натаму во поствеста ни стои дека водата е таква, каква што е - полна со арсен. Порано се обидувавме да најдеме некое решение, но со текот на времето се откажавме и од купување вода во шишиња и од различни апарати, затоа што трошоците се големи. Сега ја користиме оваа вода од чешма - и за пиење и за туширање и готвење“, раскажува Наталија од Темерин.

Тоа е само една од бројните општини во Војводина, во која граѓаните немаат исправна вода за пиење. Најчеста причина е високата концентрација на арсен, кој е многу опасен по здравјето. „Арсенот се вбројува во групата канцерогени соединенија и може да доведе до карцином на бубрезите, на кожата, на респираторните органи, сѐ зависи од начинот на внесување“, објаснува Сања Бијеловиќ, началничка на Центарот за хигиена и хумана екологија во Институтот за јавно здравје на Војводина.

Serbien Krebserregendes Wasser
Сања БијеловиќФотографија: DW/S. Kljajić

„Засега немаме научни истражувања за директна поврзаност на карциномот на бубрези со арсенот во водата за пиење, но став на Светската здравствена организација е дека водата не е за употреба доколку арсенот преминува 10 микрограми на литар“, вели таа за ДВ.

Истражувањето на Балканската истражувачка мрежа БИРН покажа дека во 102 града, гратчиња и села во Војводина, со вкупно 653.160 жители, нивото на арсен во водата е повисоко од дозволеното - во одделни општини дури и неколку десетици пати повисоко.

Повеќе: Вакцинирање: Смртта не е имуна на фактите

Информации нема, но сметките си стигнуваат редовно

Наталија дознала дека водата од чешма е опасна по здравјето во училиштето во кое работи. Другите жители на Темерин главно дознавале од медиумите или од соседите. Никогаш не стигнало официјално известување од надлежните, ниту пак некакво упатство за постапување.

Граѓаните за такво нешто треба да бидат известени од страна на локалната самоуправа, вели Срѓан Рончевиќ, професор на катедрата за хемија и заштита на животната средина на Природно-математичкиот факултет во Нови Сад. „Прашање е колку таа информација им е пласирана на јасен и разбирлив начин. На луѓето недвосмислено мора да им се каже дали тоа е техничка вода или вода за пиење“, вели Рончевиќ за ДВ.

Serbien Krebserregendes Wasser
Срѓан РончевиќФотографија: DW/S. Kljajić

Освен информации, локалните самоуправи се должни на граѓаните да им обезбедат и алтернативен извор на снабдување со вода. Во Војводина тоа најчесо се еко-чешми или цистерни. „Еко-чешмите се филтер-систем и тој кога ќе се засити, ја прекинува својата функција и повторно произведува загадување на излезот“, објаснува Сања Бијеловиќ. „Ако зборуваме за цистерни, тие не би смееле да бидат оддалечени повеќе од еден километар од местото на живеење, но секоја цистерна претставува проблем, затоа што поради неадекватно управување, контрола или ризик од стоење на водата, може да дојде до размножување на микроорганизми, па повторно може да има опасност.“

Во Темерин, меѓутоа, веќе неколку години го нема ниту едното ниту другото. „Кога стигна известување дека водата не е исправна, директорката беше обврзана да набави цистерни кои стоеја во приземјето и децата можеа за пиење да ја користат таа вода, а не водата од славина. Такви цистерни имаше и на неколку места во Темерин. Сега веќе ги нема - ниту на улиците ниту во училиштето“, раскажува Наталија.

Serbien Krebserregendes Wasser
Фотографија: DW/S. Kljajić

Од Водовод единствено редовно добиваат сметки за вода, а тие, како што велат, не се ни малку помали поради неисправноста на водата. Освен арсенот, причина за неисправноста на водата во Војводина се и нитратите и нитритите, па и фекалното загадување во јавните бунари.

Читајте нѐ и преку апликацијата на ДВ за андроид