1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сега е јасно што сака да постигне Путин

Константин Егерт
3 јануари 2022

Рускиот лидер не е заинтересиран за компромис – сака само капитулација на Западот. Кремљ е јасен. САД и ЕУ треба да отворат очи, коментира Констатин Егерт.

https://p.dw.com/p/454e7
USA Russland Biden und Putin
Фотографија: ERIC BARADAT/AFP

Една од омилените приказни на Путин во неговата книга „Од прва рака“ е за голем стаорец кого што го бркале заедно со другарите низ зградата во Ленинград, каде што живееле. Успеале да го втераат во ќош, но одеднаш стаорецот станал агресивен и го нападнал Путин. Дури морал да побегне. Зошто оваа приказна е повторно важна? Бидејќи за Путин метафорите за силата и очајот се многу повеќе од само приказна. Особено деновиве анегдотата со стаорецот има повторно големо значење.

Непосредно пред и по разговорот на рускиот лидер со американскиот претседател  Џо Бајден,  имаше низа изјави од најблиските соработници на Путин задолжени за надворешни работи. Првиот човек на дипломатијата, Сергеј Лавров, советникот на Путин за надворешни работи Јури Ушков и рускиот амбасадор во САД, Анатолиј Антонов во изјавите се фокусираа само на едно: Москва нема да се согласи на бескрајни преговори со  САД  во стилот на Студената војна и не се повлекува од барањето на правно обврзувачки  „безбедносни гаранции“  од Западот. Меѓу другото ова вклучува и барање дека НАТО нема да прима повеќе членки од поранешните советски земји (на пр. Украина и Грузија), како и ветување дека ќе ги намали воените активности во Централна Европа и Балтичките земји. Русија исто така сака САД да не стационира во Европа ракети со кус и среден дострел.  

Путин јасно става до знаење – ќе размисли да ја повлече руската војска стационирана долж украинската граница само ако НАТО го повлече ветувањето за идно членство на Украина и Грузија дадено на самитот на Алијансата во Букурешт во 2008.

Москва прави притисок – но зошто?

По над 20 години на меѓународната сцена, Путин добро знае дека ова нема никогаш да се случи. Повлекување на поканата од Букурешт (која самата е контроверзна за некои европски сојузници) и ограничување на стационирањето војници и оружје во Централна Европа е исто како на Москва да ѝ се даде право на вето при носење одлуки во Алијансата. Ова би му ставило крај на НАТО какво што го знаеме досега.

von Eggert Konstantin Kommentarbild App
Константин Егерт

Бајден веќе изјави дека Украина мора прво да си го реши проблемот со корупција пред да почне да размислува за членство во сојузот. Тој исто така повтори и дека САД нема да распореди никакво  големо вооружување на украинска територија. Теоретски, можно е да се ограничи и воената соработка на САД со Киев, иако со ова се ризикува да се разгневи Конгресот. Всушност, Вашингтон веќе ги направи поголемиот дел можни отстапки уште пред да започнат руско-американските разговори закажани за 10 јануари во Женева. Но Кремљ продолжува да прави притисок со барања за кои знае дека нема да им бидат исполнети. Зошто?

Путин го користи моментот

Путин смета дека Западот, а особено Европската унија сега се ослабени поради пандемијата и дека им недостасува кохерентно лидерство. Бајден направи грешка кога го покани Путин на директни разговори пролетоска веднаш по првото заканувачко распоредување руски трупи во близина на украинската граница.  Путин ова го протолкува како знак на слабост и подготвеност да ја „трампа“ Украина во замена за немешање на Русија во борбата на Вашингтон со Кина, која им е најголемиот предизвик на векот. Рускиот челник исто така се разлути од одлуката на украинскиот претседател Владимир Зеленски да го уапси и суди за предавство неговиот најблизок пријател и соработник, водечкиот проруски политичар во земјата Виктор Медведчук. Покрај тоа, тој конечно сфати дека ниту еден украински лидер никогаш нема да го исполни договорот од Минск од 2015, кој се смета за потпишан под закана и понижувачки.

Згора на сѐ, Путин гледа многу опасен тренд во тоа што украинските сили користат дронови од турско производство, како и во програмата за модернизација на морнарицата и продлабочување на соработката со  НАТО земјите. Според Кремљ, ова може да доведе и до офанзива на Киев во областа околу Донбас која е под контрола на Русија. Впрочем на Азербејџан му успеа вакво нешто во Нагорно Карабах во 2020.

Руското раководство смета дека сега е вистинскиот момент да се изврши притисок со нефлексибилни барања. Германија ја водат социјалдемократите кои се пријателски настроени кон Русија, и се против напуштање на гасоводот  Северен тек 2.  Франција е среде скандалозна претседателска кампања, при што еден од кандидатите ветува излегување на земјата од  НАТО и укинување на санкциите за Кремљ. САД се предводени од прилично стар човек, чиј тим е длабоко поделен меѓу реалистите кои се залагаат за „Кина на прво место“ и интернационалистите кои се за тоа „да не се заборави и потцени Русија“. Украина пак е ослабена поради постојаните политички кризи и серозно погодена поради несоодветното справување со пандемијата.

И уште нешто вредно за размислување: како врховен командант, Путин не може да си дозволи да ги преместува руските трупи напред назад, два пати годишно, што е прилично скапа операција, и тоа само за да добие телефонски разговор со американскиот претседател. Ова креира слика на неодлучност и слабост – нешто што Путин го мрази. Русија не е демократија, па главна задача на Путин му останува да ги држи задоволни елитите, вклучително и највисоките воени функционери. Вака го одржува режимот стабилен.

Путин точно знае што прави и намерно се претставува како втурнат во ќош, бидејќи цели кон борба со Украина. За него тоа е стратешки императив кој произлегува од историското наследство. Така што заборавете на договорите и самитите на Хрушчов-Кенеди и Брежњев-Никсон. Путинова Русија е многу порешителна и послободна во носењето одлуки, отколку што некогаш биле Советите.