1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Северна Кореја веројатно лансирала ракета од подморница

ЖА / агенции
7 мај 2022

Северна Кореја годинава тестираше повеќе ракети, најновиот обид можно е да претставува лансирање ракета со посебна стратешка цел.

https://p.dw.com/p/4AxtV
Südkorea: Nordkorea feuert erneut Geschoss Richtung Meer ab
Фотографија: picture alliance/dpa/AP

Јужнокорејската војска јавува дека Северна Кореја во денешните рани утрински часови испалила балистички проектил во правец на отворено море. Според Генералштабот на јужнокорејската армија во Сеул, веројатно станува збор за балистичка ракета од краток дострел испалена од подморница, за што сепак не постои потврда.

Користењето на подморници како носачи на балистички ракети од аспект на експертите би значел голем напредок за севернокорејските планови за надоградување на атомската способност. Резолуциите на ОН ѝ забрануваат на земјата тестирање на било каков вид балистички ракети. Тие по правило се ракети земја-земја, кои според нивната конструкција можат да носат една или повеќе атомски боеви глави. Балистичките ракети лансирани од подморница, СЛБМ, се сметаат за оружје од посебно стратешко значење, за противникот е тешко нивното откривање.

Соседот на  Пјонгјанг,   Јужна Кореја  важеше за прва земја која има развиено вакви ракети, без самата да поседува атомско оружје. Северна Кореја пак тврди дека одамна располага со СЛБМ технологија, но досега постоеше сомнеж во таквите изјави. Се претпоставува дека е користена пловечка платформа под вода.

Во најновиот тест, како што соопшти Сеул, ракетата достигнала височина до 60 километри и далечина од околу 600 километри во Јапонското Море пред да падне во водата. 

Националниот јужнокорејски совет за безбедност го обвини северниот сосед за загрозување на сигурноста во регионот со своето однесување. Северна Кореја оваа година изврши веќе ракетни тестирања во 15 наврати, од кои најмалку еден тест на интерконтинентална ракета.

Само пред неколку дена, во средата, како што гласат информации од Јужна Кореја и Јапонија,  Пјонгјанг истрелал ракета која достигнала 470 километри далечина, при што не се знае од каков вид била таа.

Не е исклучено да станувало збор за неуспешен обид на тестирање ракета со долг дострел.

Најновите севернокорејски ракетни проби се случуваат во време на растечка несигурност во регионот. Експертите претпоставуваат дека Пјонгјанг има намера да го зголеми притисокот врз САД за да изнуди конкретни предлози за нови преговори. Разговорите околу севернокорејската атомска програма веќе три години се во застој, а  раководството во Пјонгјанг  ѝ префрла на американската влада водење непријателска политика. Вашингтон стравува дека Северна Кореја уште овој месец може да преземе нов нуклеарен тест, пред посетата на американскиот претседател Џо Бајден по две недели кај американските сојузници Јужна Кореја и Јапонија.