1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се чека предлогот за безвизен режим

15 јули 2009

Европската комисија денеска (15.07.2009) во Брисел треба да достави предлог за безвизен режим за три балкански земји: Македонија, Црна Гора и Србија. Конечната одлука ќе ја донесат министрите за внатрешни работи наесен.

https://p.dw.com/p/IpS5
Фотографија: AP

По едно прашање Брисел е единствен - Хрватска, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Косово, Албанија и Македонија - сите земји од Западен Балкан порано или подоцна треба да влезат во ЕУ. Но, постојат големи разлики: додека за едни земји од регионот ЕУ е на дофат, за Хрватска на пример, за другите пристапот во ЕУ се’ уште е далеку.

На владите во регионот не им е лесно да го одржат кај граѓаните воодушевувањето за Унијата на подолг временски период, вели Милица Делевиќ, одговорна за евроинтеграција во српската влада:

„Кога постојано зборувате за изгледите за прием во ЕУ, без притоа да има видливи предности за луѓето, тогаш е тешко да го продадете тоа.“

Таква предност е визното олеснување за патување во ЕУ - досега само граѓаните на Хрватска ја имаа таа можност. Но, наскоро ова треба да се смени. Брисел има намера да го прошири кругот, иако не за сите балкански земји. Оние кои сега може да се надеваат на безвизен режим се граѓаните на Македонија, Црна Гора и Србија. Имено, Комисијата на ЕУ денеска ќе им предложи на министрите за внатрешни работи да ги укинат визите за овие три земји.

Mazedonien Ausweis
Гордана Јанкуловска: Македонија ги исполни сите условиФотографија: DW

Условите мора да бидат исполнети

Но, за да дојде до визната либерализиција, земјите мора да ги исполнат условите. Македонија, на пример, мрежно ги поврза своите бази на податоци со шенгенскиот безбедносен систем и старите пасоши ги замени со нови, биометриски пасоши.

„Македонија ги исполни сите услови што и’ беа поставени“ вели гордо македонската министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска.

Според проценките на Брисел, Босна и Херцеговина, Косово и Албанија се’ уште не ги исполниле критериумите и за нив и натаму ќе остане да важи визната обврска. Шефот на пратеничката група на Зелените во Европскиот парламент Даниел кон Бендит критикува дека ова е дискриминација, особено ако Србите коишто живеат на Косово или во Босна добијат српски пасоши, дискриминирани ќе бидат пред се’ жртвите од балканските војни, смета Кон Бендит.

Министите за внатрешни работи на ЕУ имаат време до оваа есен да одлучат по предлогот на Комисијата на ЕУ. Граѓаните на Македонија, Србија и Црна Гора се надеваат дека од почетокот на 2010 година ќе може да патуваат без визи во ЕУ.


Автор: Михаил Геченберг/ Александра Трајковска

Редактор: Жана Ацеска