1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се трча последниот круг

Александар Чомовски26 мај 2008

Кампањата во Македонија влегува во завршните пет дена пред изборите закажани за први јуни. Медиумите се преполни со партиски пораки, а улиците се преплавени со ликовите на Груевски, Шеќеринска, Тачи и Ахмети.

https://p.dw.com/p/E5v7
Кому избирачите ќе му ја дадат довербата?Фотографија: picture-alliance

Во Скопје синоќа (25.05.2008) се одржа централен митинг на ВМРО ДПМНЕ. На улиците и паркиралиштата имаше долги колони автобуси со симпатизери од цела држава. Плоштадот беше „обоен“ со портокалова боја. Доволно за предизборен триумфализам на лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Никола Груевски.

Wahlen in Mazedonien, Nikola Gruevski
Никола Груевски на предизборен собирФотографија: Macedonian Information Agency

Македонија во НАТО и ЕУ наредната деценија?

На митинзите синоќа и во Скопје се појави европратеникот, Бернард Поселт од германските народни партии. Тој околу проблемот со името, изјави: „Сигурен сум дека еден ден Грција ќе се срами од своите постапки. Прашањето за името е вештачко и Грција непотребно го блокира влезот на Македонија во евро-атлантските асоцијации.“ Германскиот европратеник изрази увереност дека Македонија ги исполнува критериумите за влез во НАТО, а наскоро и во ЕУ, што би можело да се случи во наредната деценија.

Во придружба на Поселт, во митинг атмосфера во Охрид и Скопје, беше шефот на македонската дипломатија, Антонио Милошоски. Според него „2008 година ќе биде годината кога ние ќе ги оствариме сите предуслови, а 2009 година да биде годината во која ќе се случи укинувањето на визите, со што на еден начин ќе станеме дел од Европа.“

Ахмети порачува дека времето на патриотизам минува

Пред синоќешниот собир на коалицијата „За подобра Македонија“, предводена од Груевски, во скопската населба Арачиново, лидерот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети на својот соперник од ВМРО ДПМНЕ му порача: „Фотелјите ги заменивме со предвремени избори. Можевме да бидеме во парламентот и да гледаме како другите си играат со политичката волја на Албанците. Затоа се решивме на предвремени избори, но и на Груевски му порачувам – времето на патриотизмот поминува.“

Wahlen in Mazedonien, Ali Ahmeti
Митинг на ДУИФотографија: Macedonian Information Agency

Во жестоката битка за гласови, ограбена е опрема од телевизијата Алсат, која важи за блиска до ДУИ. Зрачењето на оваа телевизија на албански јазик е оневозможено во тетовско, во шестата изборна единица, која се смета за центар на одмерување на силите меѓу ДУИ и ДПА, меѓу Али Ахмети и Мендух Тачи. Портпаролот на ОБСЕ во Македонија, Сали Бартон оцени дека инцидентот, кој не се случува првпат, е многу сериозен и тој „задира и во слободата на новинарството и медиумите.“