Се проблематизира почетокот на пописот
30 септември 2011Последните три дена претставници на помалите етнички заедници во Македонија го пробламатизираа пописот со барањето да се попишуваат и лицата кои се надвор од земјата, а кои во последните 12 месеци барем еднаш и на кратко се вратиле во Македонија. И покрај повеќе организациски и технички проблеми Владата и Државната пописна комисија со став - пописот почнува утре.
Македонија утре се попишува?!
Попис ќе има - јасно порача Весна Јаневска, која вчера изјави дека се’ е подготвено и дека оваа важна и многу скапа статистичка операција ќе се реализира во предвидениот термин од 1-ви до 15-ти октомври. Пописот е предвидено да чини околу 15 милиони евра.
Според Јаневска, која изминатите два - три дена е речиси невидлива за медиумите во Македонија, околу пописот нема никакви одолговлекувања, проблеми и контроверзи, иако медиумите известуваат токму за проблеми што се јавија во последен момент. Таа ги повика административците да ја следат обуката за попишувачи и сите подготвени, утре, да го почнат пописот. Истото вчера го направи и владата, која на седница донесе три заклучоци за пописот: попишувачите и нивните раководители да ги почитуваат законот и задачите пред нив, Заводот за статистика да ја обезбеди целосната логистика, а општините помош и поддршка на теренот.
Бенефит од попишувањето
„Македонија ќе има голем бенефит од пописот што следува и сето тоа што ќе го сработиме ќе придонесе за напредок во евро-интеграциите и за подобар живот на граѓаните“, изјави Јаневска.
Иако лидерот на ДУИ, Али Ахмети пред два дена јасно порача - пописот да не се политизира, затоа што сите детали биле договорени во текот на подготвувањето на законот, сепак, спротивното го стори токму претставникот на неговата партија во државната комисија, Абдулменаф Беџети, кој два дена најавуваше дека е можно поради незадоволството од толкувањето на членот 6 од Законот за попис Албанците да не прифатат да се попишуваат.
Закани за бојкот и непризнавање на резултатите
Во сличен тон беа и пораките на претставниците на другите политички партии на етничките заедници.
„Нема да ги прифатиме резултатите, кои нема да бидат соодветни на нашите сондажи, а тоа значи дека очекуваме раст на бројот на Турците во Македонија во однос на пописот од 2002 година“, тоа е ставот на лидерот на Демократската партија на Турците Ердоан Сарач.
„Пописот останува проблем со економските емигранти и со нивното доаѓање во Македонија барем еднаш годишно. Имаме голем број иселеници кои не се присутни во земјата“, изјави Руфи Османи, градоначалникот на Гостивар.
Изминатите денови проблем создаде и изборот на попишувачи, кои се избираат од делот на државата и јавната администрација, но и од невработените. Од вкупно 16 500 попишувачи, над 7 000 се Македонци, 3 600 се Албанци и останатите се претставници на другите етнички заедници. Пописните тимови ќе бидат од мешан состав. Но, проблемот настана што на списоците на пописната комисија без консултации се најдоа новинари на МТВ, балерини, актери, медицински сестри.
„ДПК морала да води сметка дека класичните административци, правници и економисти, кои работат административни работи, тие да бидат во барабанот и од нив да се ангажираат попишувачите, а не во него да се најдат балетани, актери, кустоси на музеи, што е далеку од паметот“, објаснува професорот на Правниот факултет Борче Давитковски, еден од авторите на Законот за попис.
Првичните резултати од пописот треба да се добијат по два месеца.
„Ние сме должни во декември да ги кажеме првите резултати од пописот за вкупното вообичаено население, за вкупниот број домаќинства, станови и вкупно попишани лица“, истакна Благица Новковска директор на Заводот за статистика на РМ.
Автор: Сашко Димевски
Редактор: Александра Трајковска