1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

090811 Frankreich Eurozone

11 август 2011

Франција би можела наскоро да ја напушти елитната група држави со кредитен рејтинг „тројно А“. Земјата има најголем дефицит и најмногу долгови, во споредба со останатите земји од еврозоната со ист рејтинг.

https://p.dw.com/p/12Dy7
Фотографија: AP

Двајца француски министри можат да се простат од летниот одмор. Тие мораа да се вратат во Париз и даваат интервјуа речиси без престан. Министерката за буџетски прашања Валери Пекрес и министерот за финансии Франсоа Бароен мора да дадат одговор на страшното прашање: дали по САД, сега и Франција ќе ја изгуби најдобрата оценка „тројно А“? Министерот за финансии смирува: „Истата рејтинг-агенција, што ја намали оценката на САД, потврди дека Франција е на вистинскиот пат со штедењата и реформите“, вели тој.

Министерката за буџетски прашања Пекрес дополнува: „Оценката ’тројно А’ е резултат на долгогодишна напорна работа. Спроведовме реформи, пополнуваме само половина од испразнетите места во државната администрација, ги замрзнавме државните давачки, ја подигнавме старосната граница за одење во пензија - со тоа Франција е доверлив корисник на кредити.“

Christine Lagarde
Ќе и’ беше ли повеќе од корист на татковината во кризните времиња? Поранешната министерка за финансии и сегашната диракторка на ММФ, Кристин ЛагардФотографија: AP

Меѓутоа, Французите не ги „купуваат“ ваквите изјави на политичарите така лесно. Во најновите истражувања на јавното мислење, над 88 проценти од жителите на Франција сметаат дека земјата не е сосема безбедна од банкрот. Всушност, во елитниот клуб земји со кредитен рејтинг „тројно А“, Франција ја има најслабата позиција. Париз има најголем државен дефицит и најмногу долгови. Економскиот раст не е толку силен, како што се очекуваше, а и стапката на невработеност не дава причина за оптимизам. Рејтинг-агенциите уште во јуни го испукаа првиот предупредувачки куршум: „Доколку Франција не успее да продолжи со реформите во пензискиот и здравствен систем и не го консолидира државниот буџет, оценката за нејзината кредитоспособност ќе биде намалена“, се вели во анализата на агенцијата Стандард и пурс. Нејзиниот експерт за Франција, Жан Мишел Сикс, во текот на викендот, кога сите стравуваа од голем крах на берзите, се обидуваше да ја смири паниката. „Оценката на Франција кај нас (Стандард и пурс) е стабилна“, рече тој, додавајќи дека не сака да шпекулира на таа тема.

Договор меѓу рејтинг-агенциите и Саркози?

Други економски експерти, пак, беа поконкретни. Новинарот Никола Доз смета дека одличната оценка на Франција кај рејтинг-агенциите е доведена во опасност. „Земјата има долгови од 1.600 милијарди евра, речиси 85 проценти од бруто-домашниот производ. Со самото тоа Франција веќе не ја заслужува најдобрата оценка од агенциите, но постои договор меѓу нив и владата. Според него, тие не треба да го намалуваат рејтингот на земјата барем до претседателските избори во 2012 година, со цел да не му наштетат на реизборот на Саркози“, смета Доз.

EU-Gipfel in Brüssel
Никола Саркози прави се` за да остане на чело на државатаФотографија: dapd

Доколку сепак дојде до тоа, намалувањето на рејтингот на Франција може да има сериозни последици врз европскиот чадор за спас. Париз е еден од најголемите финансиери на програмата - доколку реши да се повлече, тогаш останатите земји ќе треба повеќе да плаќаат; доколку остане, ќе продолжи да ги зголемува сопствените долгови. А, со намалена кредитна оценка, новите задолжувања на светските пазари ќе ја чинат многу поскапо. Германскиот Институт за економски истражувања дури стравува од распаѓање на еврозоната, доколку Франција го изгуби топ-рејтингот. Францускиот министер за финансии Бароен, меѓутоа, и натаму останува самоуверен. „Франција ќе продолжи со штедењето. Ветивме дека до 2013 година државните задолжувања ќе ги вратиме на нивото пред кризата и ќе си останеме на зборот.“

Автор: Ефи Зајберт/ Трајче Тосев

Редактор: Александра Трајковска