1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се бара двојазичност на цела територија

29 јули 2009

Нова епизода во битката на албанскиот политички фактор во Македонија да се избори за официјализирање на својот мајчин јазик како државен јазик. Сега и ДУИ тврди дека Законот за користење на албанскиот јазик е фаличен.

https://p.dw.com/p/IzbP
Зградата на парламентотФотографија: Petar Stojanovski

Законот за користење на албанскиот јазик е фаличен и потребно е низ новите парламентарни правила да се овозможи ново, паралелно користење на албанскиот јазик на цела територија на државата – овој став на владеачката Демократска унија за интеграција (ДУИ) фрла нова светлина во битката на албанскиот политички фактор во Македонија да се избори за официјализирање на својот мајчин јазик како државен јазик.

ДУИ применува алиби политика и вели дека пред една година пратениците од оваа партија гласале за Законот за употреба на јазиците само од опортунизам, а не и поради реалните правни правила со кои се гарантира официјализирање на албанскиот јазик. Ермира Мехмети (ДУИ) пробува да објасни дека е потребно „расчистување, кристализирање на прашањето на имплементација на законот за употреба на јазиците“. Таа изјави: „Тоа значи дека се‘ уште е потребна работа во тој правец. Зошто гласавме за таков закон? Затоа што закон воопшто не постоеше, затоа што целата јавност се разбранува тврдејќи дека никогаш нема да биде донесен.“

Ако не се официјализира албанскиот јазик и во Законот за Собранието, што инаку е еден од „евро-законите“, тогаш ДПА ќе излезе од Собранието, соопшти Имер Алиу (ДПА) по разговорите со спикерот на парламентот, Трајко Вељановски. ДПА инсистира Законодавно-правната комисија на Собранието да даде автентично толкување дали со сегашниот закон за албански јазик овој јазик може да биде паралелно официјален на цела територија на земјата.

Охридскиот договор треба да се доспроведе

Двојазични табли и натписи и во Битола и Гевгелија, на влезовите на македонската територија, албански јазик во владата, водење на собраниските седници и на албански јазик, кој се предвидува и за официјалните документи за идентификација – сето ова е дел од проширените амбиции за паралелно користење на двојазичноста. Ваква радикализација на примената на Охридскиот договор се бара откако Имер Селмани (Нова демократија), по лидерската средба минатата недела, побара со Законот за Собрание, што би требало да биде донесен кон средината на август, да се реши и комплетната двојазичност во законодавниот дом. „Да имаме навистина соодветно имплементирање на службено ниво и на албанскиот јазик“, изјави Селмани.

Wahlen in Mazedonien Kandidaten
Имер Селмани (Нова демократија) побара со Законот за Собрание да се реши и комплетната двојазичност во законодавниот домФотографија: DW / Stojanovski

Премиерот Никола Груевски повторува дека Законот за употреба на јазиците е донесен минатата година и дека сега е фазата на негова доимплементација. „Тоа е еден од предизвиците во делот на исполнување на Охридскиот рамковен договор“, вели Груевски.

Автор: Александар Чомовски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска