1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

СДСМ, што правевте пет години?

11 март 2022

По 5 години на власт, СДСМ допрва најавува дека ќе менува спорна Уредба потпишана од Груевски. Граѓански активисти прашуваат - што правевте досега?

https://p.dw.com/p/48L1d
Седиштето на владејачката партија СДСМ во Скопје
Седиштето на владејачката партија СДСМ во СкопјеФотографија: Petr Stojanovski

„СДСМ како одговорна политичка партија ќе преземе чекори за промена на сите закони и уредби од времето на ВМРО-ДПМНЕ кои се уште предизивкуваат штета“, најави владејачката партија по опозициската критика дека власта на приватен инвеститор му продала државно земјиште во центар за сума од 7 евра (438 денари) за квадратен метар, на локација каде земјиште се продава и по цена до 2.000 евра за квадратен матар.

Одговорот од СДСМ би имал смисол, ако датира од втората половина на 2017 година, кога партијата ги презеде лостовите на власта. Но, оттогаш поминаа пет години. Активисти кои се залагаат хуманизацијата на просторот во градот, оваа најава ја сметаат за лицемерна.

„Да си пет години на власт, да го набљудуваш немо бетонизирањето и на последните слободни јавни површини, и отпосле да најавуваш дека ќе ги промениш штетните одредби, е врв на лицемерие и цинизам“, велат тие. 

Сѐ помалку зелени површини во Скопје
Сѐ помалку зелени површини во СкопјеФотографија: Arbnora Memeti/DW

Пасивизација на граѓанството

Не е првпат да се соочат со комбинација од заднински игри и потценување. Потсетуваат дека горкото искуство им се потврдило и минатата година, кога игрите меѓу надлежните институции завршија во корист на приватниот, а на штета на јавниот интерес. 

„И покрај силниот граѓански активизам, јавните реакции не беа пресудни во корист на зачувувањето и зазеленување на последните слободни простори во градот. Како што може да се види, интензивно си тече изградбата на еден од критикуваните објекти спроти хотелот ‘Холидеј ин'. Дали имаше институционална можност да се запре? Имаше. Дали имаше политичка волја? Немаше", потсетуваат тие.

Покрај штетата што ќе ја претпри јавниот простор со планирани нови габаритни објекти во веќе задушеното градско јадро, сметаат дека голема штета ќе претрпи и граѓанскиот активизам, бидејќи ваквите епилози водат до заклучок дека граѓанинот не може да иницира суштинска промена на политиките, што најдиректно води кон пасивизација и апатично граѓанство.

Ако СДСМ точно знае од кога датира спорната Уредба, активистите очекуваат да одговори зошто досега не направиле ништо за да ја сменат.

Таков одговор нема во партиското соопштение. Во него само се констатира причината за проблемот.

„Државното земјиште кое е продадено спроти зградата на ‘Нова Македонија' е продадено по цена која е формирана токму за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, со потпис на Никола Груевски (...) Со ‘Уредба за висината на надомест за приватизација на градежното земјиште што се приватизира, начинот и постапката за наплата на надоместот за приватизација на градежно земјиште', со потпис на Груевски, објавена во Службен весник во 2011 година, цената за метар квадратен земјиште во Општина Центар, во централно подрачје, за изградба на комерцијални деловни објекти изнесува 438 денари. СДСМ како одговорна политичка партија ќе преземе чекори за промена на сите закони и уредби од времето на ВМРО-ДПМНЕ кои се уште предизивикува штета, вклучително и споменатата", соопшти партијата.

Купи имот на една, стекни право на друга парцела

Врз основа на цените од таа Уредба, бизнисменот Фатмир Етеми и неговата компанија „ЗСФ-КОМ“ веќе успеал да се стекне со сопственост на атрактивни парцели во центарот на Скопје. Како што објави редакцијата „Само прашај“, Министерството за финансии во декември минатата година донело решение со кое го  прифатило барањето на компанијата за приватизација на градежно земјиште во државна сопственост. Станува збор за четири парцели со вкупна површина од 663 квадратни метри. Се почнало со тоа што Етеми ги искористил поволностите за легализација на дивоградби. Тој со поранешниот градоначалник на Центар, Саша Богдановиќ во октомври 2020 година потпишал договор за отуѓување градежно земјиште во државна сопственост со непосредна спогодба со сопственици на објекти за кои имало решение за легализација, за што Етеми платил по едно евро за квадрат, за објекти со вкупна површина од 171 квадратен метар. Врз основа на имот на една парцела му било дозволено да се стекне со право на друга парцела, односно Министерството за финансии дозволило приватизацијата на тоа државно земјиште. Сега Етеми бара спојување на парцелите, за таму да никне деловен објект, а според негова изјава – станува збор за изградба на деловна зграда на 15 ката, со градинка.

Името на овој градежник и поранешен пратеник на ПДПА-НДП и во минатиот период креваше прав поради градежни зафати во општина Аеродром. Граѓанските активисти сега го коментираат и времето во кое се случуваат ваквите зделки.

„На граѓаните им порачуваат дека теба да се штеди, да се зачуваат виталните ресурси. Ако земјиштето е необновлив ресурс, нека кажат зошто се распродава толку лесно и толку евтино?“, прашуваат тие.

Од Министерството за финансии досега нема одговор за ваквата постапка.