1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

310309 Merkel und Medwedew

1 април 2009

Канцеларот Ангела Меркел и рускиот претседател Дмитриј Медведев во Берлин беа согласни околу потребата од ново уредување на светската финансиска архитектура. Разговарано е и за проблемот со запирање на испораките на гас.

https://p.dw.com/p/HO0g
Меркел и Медведев акцент ставија врз заедничкото во ставовите што ги застапуваатФотографија: picture-alliance/ dpa

Меѓу Берлин и Москва има и различни мислења во одделни пунктови, што не е необично, но претседателот Медведев и канцеларот Меркел се задржаа само на она што е заедничко. Со поглед врз средбата на Г20, за обајцата беше важна истата порака: „Ние одиме во Лондон со многу слични очекувања и позиции. Неопходно е да биде многу, многу јасно дека архитектурата на финансиските пазари во светот треба да биде така променета, што вакви кризи нема да се повторат“, рече Ангела Меркел.

Неа очигледно ја израдува што Медведев го поддржа нејзиниот проект за меѓународна повелба за постојан развој, која треба да биде основа за посакуваниот нов поредок на глобалниот финансиски надзор, со што ќе се занимава самитот на Г20. Меркел не се изјасни што мисли за предлогот на Медведев, таму да се зборува и за нов систем на резервна валута. Идејата за пресметковна валута што би го заменила доларот како референтна валута неодамна ја пласира Кина. Дискусијата за тоа во Лондон треба да биде возбудлива.

Русија мора да учествува во разговорите ЕУ-Украина околу гасоводот

Медведев, одговарајќи на новинарско прашање, покажа дека има конфликтен потенцијал и надвор од финансиските пазари. „Неможе да има сигурно снабдување со гас, без земјата која го става него на располагање. Поради тоа бевме изненадени што неодамна ЕУ преговараше со Украина за тоа, како може да се подобри нејзиниот гасоводен систем, без и ние да учествуваме во разговорите“. Медведев нагласи дека Русија од тоа не направи голем проблем, но наредниот пат мора да биде подобро. „Кризата во снабдувањето, од зимата, покажа што може да се случи, кога една земја следи некоординирана политика“, рече рускиот претседател.

Medwedew in Deutschland
Меркел - поддршка за барањето на Русија да учествува во разговоритеФотографија: picture-alliance / dpa

Ни кај таа жешка тема канцеларот Меркел не дозволи да дојде до никаков спор: „Се разбира дека за гасоводите не може да се мисли без содржината што минува низ нив и поради тоа станува збор за прашање што ја тангира и Русија“. Меркел рече дека на оваа тема ќе разговара со Комисијата на ЕУ - изјава која веројатно уште повеќе ја јакне готовноста на Медведев во Лондон да влече на иста страна на јажето со Меркел.

Автор: Петер Штицле / Зоран Јордановски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска