1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Само невидлив Евреин е безбеден во Германија?

Михел Фридман
31 мај 2019

Ополномоштеникот на германската влада за антисемитизам ги советува Евреите да се воздржат од носење кипа, што е скандал. Ако Феликс Клајн е во право, германското општество има принципиелен проблем, смета Михел Фридман.

https://p.dw.com/p/3JWpz
Kundgebung gegen Antisemitismus
Фотографија: picture alliance/dpa/M. Hitij

Какво откровение! Каква изјава за банкрот! И каква страшна импликација! Ополномоштеникот на германската влада за антисемитизам изјави: „На Евреите не можам да им препорачам носење кипа низ цела Германија.“

Логичниот крај на реченицата би бил: ако подготвеноста на насилство против Евреите во Германија, како вербалното потпалување омраза, така и физичките напади, во меѓувреме имаат толкава димензија што Евреите не можат без опасност да носат кипа, тогаш тие треба да не ја носат. 

Правилниот одговор на овој наод би бил следниот: ќе ја сузбиваме омразата и мразачите во нашата земја сѐ додека Евреите никогаш нема да мораат да се откажат од носење кипа кога се појавуваат во јавност.

Ги советува ли некој христијаните да не носат крст?

Според членот 4 од уставот, оваа земја гарантира верска слобода, значи припадниците на сите религии можност јавно да ја презентираат својата вера. Никој во Германја не би дошол на идеја на христијаните да им советува да не носат веќе приврзоци со крстови. Дотолку е пошокирачки, но и разобличувачки, кога на Евреите им се советува да не ја носат веќе својата кипа.

Ако се размисли натамошно за овој предлог, тогаш наскоро би следел и совет да се сокрива Давидовата ѕвезда на вратот, како и воопшто- да се изоставаат сите симболи кои надворешно еден човек го идентификуваат како Евреин. Треба ли навистина да им советувам на своите деца во иднина својот еврејски идентитет да го живеат само внатрешно, а да го кријат во јавноста? Ако консекветно се следи советот на Феликс Клајн, тогаш видливиот еврејски живот во Германија не е безбеден. А невидливиот веројатно безбеден. Може ли човек да биде Евреин во Германија само зад затворена врата? Тогаш еврејскиот живот во Германија секако нема иднина.

Доколку е точна дијагнозата на Феликс Клајн, тогаш се покажува дека во изминатите децении малку нешто се случило за подобрување на општественополитичката клима, дека  омразата кон Евреите, како и воопшто омразата против малцинствата во Германија станала со занемарливо значење.

Buchmesse Frankfurt | Michel Friedman
Михел ФридманФотографија: picture-alliance/dpa/B. Roessler

Првпат по ослободувањето од Хитлер и основањето на Сојузна Република Германија постои партија која со антисемитски наративи, со извртување и минимизирање на нацистичката ера, како и со расизам, со преку десет проценти е изгласана во Бундестагот и во сите покраински парламенти. Појасно кажано: раководните делови од оваа партија се обидуваат да ги минимизираат Хитлер и Третиот рајх, не се воздржуваат од вербално потпалување и посакуваат поинаква демократија во Германија. Волците во јагнешка кожа во Бундестагот недвосмислено по покажаа своето вистинско лице. Оној кој денес уште гласа за оваа партија, не може да тврди дека тоа го прави од протест, туку станува соучесник.

Повеќегодишно институционално потфрлање

Ако е точна дијагнозата на Феликс Клајн, тогаш со децении потфрлиле и политичките институции. Задушување на опасниот развој во никулец е стандардното мото на германските политичари во поглед на антисемитизмот со децении. А притоа, веќе одамна сме среде таков развој. Премногу долго преголем број луѓе ги превидоа почетоците. Премногу долго преголем број луѓе не реагираа на почетоците и не водеа оппштественополитичка дебата. Секој поединец треба да се преиспита себе си и својата одговорност – во здруженија, семејства, професионално. Колку често како шеф, татко, општественик ноншалатно дозволил да се раскажуваат вицови за Евреите, едноставно ги пречул и не реагирал. Но, оној кој не реагира на почеток, и самиот сноси вина. Го променува и сопствениот координативен систем.

„Човечкото достоинство е неприкосновено“, гласи членот 1 во германскиот устав. Но, Евреите во Германија очигледно не можат да се потпрат стопроцентно на тоа. Оној кој сѐуште ги вергла вообичаените заташкувачки фрази: „Отсега полицијата и државното обвинителство мора посензибилно да се справуваат со тоа“ или „Сите во текот на еден ден ќе носиме кипа од солидарност“ (А што е со останатите денови?) или пледира за величествен говор на сојузниот претседател, во кој тој бара сузбивање на антисемитизмот, уште не сфатил дека тоа многу одамна веќе не е доволно. Ситуацијата е сериозна. Доколку е точно дека Евреите во Германија, кога се видливи како такви, не можат без опасност да го живеат своето секојдневие, тогаш оваа Република се наоѓа во криза на демократијата.