1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Салафистите ги радикализираат муслиманите на Балканот

Обработка: Е. М. Фиданоска9 декември 2014

Меѓу џихадистите во Сирија и Ирак има неколку стотици од Балканот. Многумина од нив претходно се движеле во салафистичко опкружување, пишува весникот „Ноје цирхер цајтунг“ во текстот со наслов „Од Балкан во света војна“.

https://p.dw.com/p/1E1Jg
Фотографија: picture-alliance/dpa

Весникот подолгата анализа ја почнува со податокот дека меѓу повеќе од 10.000 странски борци во Исламска држава (ИД) кои се борат во Сирија и Ирак, околу 700 потекнуваат од Југоисточна Европа. Притоа, како што се вели, станува збор „главно за Бошњаци (муслимани) од БиХ и од регионот Санџак во Србија, како и Албанци од Албанија, Косово и Македонија“. И меѓу оние кои во ИД доаѓаат од западноевропските земји, има луѓе со балкански корени, се вели во текстот и се додава дека речиси и нема борци муслимани од Грција и Бугарија.

„Исто како повеќето странски џихадисти доброволци и оние од ЈИЕ им се приклучуваат главно на двете екстремистички групации Џабат ал-Нусра и Исламска држава. Во меѓувреме, повеќето се борат за ИД. Причините на џихадистите од ЈИЕ за такво нешто не се поразлични од оние на нивните истомисленици од Западна Европа. Со оглед на тоа што нивното познавање на арапскиот јазик ретко е поголемо од познавањето на само некои религиозни флоскули, овие групи кои имаат интернационален профил, пред се‘ ИД, имаат многу поголема атрактивност отколку оние кои се составени исклучиво од Арапи или дури и само од Сиријци. Притоа тие главно завршуваат во единици во кои веќе има нивни сонародници. ИД, меѓутоа, и идеолошки е најверојатно најатрактивна за нив. За разлика од сириските бунтовници, странските џихадисти не се борат за соборување на режимот на Асад, туку се залагаат за глобален џихад и создавање на поредок кој одговара на нивните екстремни исламистички претстави. Не треба да се превиди и материјалниот поттик, со оглед на тоа што екстремистичките групи, пред се‘ ИД, се добро финансиски опремени и можат да им исплаќаат плата на своите борци. Освен тоа тие се надеваат и на удел во пленот кој го освојуваат.

Сепак, се чини дека процентот на џихадисти од Балканот, мерен според вкупниот број на граѓани во нивните земји, е понизок отколку во некои земји од Западна Европа, особено Франција, Белгија или Данска. За тоа има различни причини. Муслиманите во ЈИЕ не се доселеници. Тие живеат во својата татковина со поколенија, а проблемите со идентитетот и интеграцијата кои не се нетипични за втората и третата генерација мигранти, за нив се непознати. Исто така, речиси и не постои феноменот на конвертирање, кој е маркантен за западноевропските џихадисти. На пример, според една студија, една третина од француските борци се конвертити. Речиси сите џихадисти претходно се движеле во салафистичко опкружување и се радикализирале. Делумно радикализацијата се одвива и преку интернет. Салафистичките групи прво корен фаќаат во БиХ. За време на војната 1992-1995 околу 2000 борци од Блискиот Исток доаѓаат во земјата, обединети во единицата ал-Муџахед. По војната впечатливо е влијанието на финансиски силните Заливски држави, а најсигнификантно е влијанието од Саудиска Арабија... Во останатите земји на Западен Балкан салафистичкото присуство е помало. Дури и кога дојде до војна на Косово немаше присуство на миџахедини како катализатор. Во Македонија првите салафистички струења се појавија меѓу имамите кои претходно студирале во Саудиска Арабија, Во 2005 година тие го затворија тогашниот Реис-ул-Улема, поглаварот на ИВЗ, и од него бараа да именува исклучиво имами кои студирале во Саудиска Арабија, со што тој не се согласи.

До денес има мали, но добро организирани групи, кои добиваат поддршка пред се‘ од организации од Саудиска Арабија, Катар, Пакистан и Обединетите Арапски Емирати. Либерално настроените верски учители добиваат закани, па дури се и физички напаѓани“, пишува весникот „НЦЦ“, наведувајќи и дека како реакција на феноменот на џихадисти доброволци, парламентите на Албанија, БиХ, Косово, Македонија и Србија, донесле измени на кривичните закони со кои се казнува со затвор до 15 години лице кое учествувало во воени конфликти во странство или кое поттикнува на учество. Првите луѓе на исламските верски заедници, од кои дел поттикнаа на преземање вакви кривично-правни чекори, апелираат до младите луѓе да не учествуваат во конфликтот во Сирија, односно да се вратат дома, пишува „Ноје цирхер цајтунг“.

Весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ го пренесува текстот на агенцијата ДПА со наслов: „Како олигарсите ја ограбија Србија“. Станува збор за случајот на Мирослав Богичевиќ, Горан Перчевиќ и други, кои наводно ја оштетиле државата за повеќе од милијарда евра. Се објаснува нивниот систем со низа фирми кои позајмуваат пари и никогаш не ги враќаат долговите. „Деловниот модел на олигарсите го обелодени Александар Вучиќ, кој сака да се профилира како чист политичар и борец против сеприсутната корупција.“ Се пренесува дека досега не е уапсен ниеден политичар кој овозможувал богатење на сметка на државата. Се чека некој од олигарсите да проговори, а тоа нема да биде лесно, со оглед на тоа дека врз еден од нив, Милан Беко, е извршен атентат.

„Повеќето супер богати со својата блискост со политичарите веќе се обезбедиле и правно. Нивното богатство е можеби неморално во балканската држава која е постојано на чекор до банкрот. Меѓутоа, правно, тие се сигурни. Така, најбогатиот Србин Мирослав Мишковиќ ,заедно со синот Марко, половина година беше во истражен притвор. Двајцата веќе одамна се на слобода, а процесот не е ни почнат. Белград, Брисел и Вашингтон се согласни дека приватизацијата на српските државни фирми по периодот на комунизмот е организирана главно криминално. Но поради наводни малверзации досега во затвор не е заминат ниту еден познат купувач“, завршува текстот на ДПА, а пренесува „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ .

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема