1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

САД се против прекин на преговорите за името

23 декември 2011

САД никогаш не би прифатиле прекин на преговорите за спорот за името меѓу Скопје и Атина, порача американскиот амбасадор Пол Волерс по денешната средба со македонската вицепремиерка за европски прашања Теута Арифи.

https://p.dw.com/p/13YHF
Пол Волерс, американски амбасадорФотографија: MIA

Волерс не сакаше директно да го коментира евентуалното повлекување на Грција од Времената спогодба, но јасно порача дека преговорите под покровителство на Обединетите Нации треба да продолжат.

„Никогаш не би поддржале стопирање на преговорите за прашањето за името. Нашата позиција е дека двете страни треба повторно да ги поттикнат нивните напори за прашањето со името. Како што знаете, го поддржуваме процесот воден под покровителство на Обедиенетите Нации. Мислиме дека неодамнешната пресуда на Меѓународниот суд на правдата е можност да се поттикне процесот. Се надеваме дека двете страни ќе го сторат тоа. Секако, не сакаме стопирање на преговорите“, изјави Волерс.

„Не можам да говорам во име на Грција и што се нивните намери. Мислам дека не е многу корисно да шпекулираме со хипотетички ситуации, околу тоа што би се случило или не би се случило. Има толку многу хипотетички ситуации што може да ги претпоставите и сите имаат различен одговор. Мислам дека треба да се фокусираме на позитивните страни и практичните аспекти на тоа што го знаеме, отколку да шпекулираме околу тоа што може или не да се случи“, објасни американскиот амбасадор.

Тој денеска со Арифи разговараше за нејзината посета на Вашингтон и Њујорк и средбите со високи претставници на американската дипломатија, меѓу кои и државниот секретар Хилари Клинтон. Арифи објасни дека од американска страна во однос на спорот со името било побарано двете страни да дадат придонес за негово надминување.

„Не добивме временски рокови, туку едноставно ни беше кажано дека треба да дадеме придонес да се надмине спорот со името, особено по пресудата во Хаг тоа да биде еден нов поттик заедно со Грција да најдеме што побрзо решение за да можеме да се движиме побрзо кон евроатланските процеси – процеси за кои секако американската администрација е спремна да помогне и спремна да биде силен партнер со нас, и за едниот и за другиот процес“, рече Арифи.

„Секако дека кажавме дека за нас многу е важно членство во НАТО и дека членството апсолутно ни е висок приоритет и сме заинтересирани да станеме членка, па да продолжиме со процесот со името. Но, исто така за тоа треба да има волја од двете страни“, рече Арифи по денешната средба со Волерс.

Teuta Arifi Mazedonien
Теута АрифиФотографија: DW

Средба со Пангалос идната година

Инаку, средбата меѓу македонскиот и грчкиот вицепремиер, Теута Арифи и Теодорос Пангалос, првично најавена за декември, ќе се одржи на почетокот на следната година на барање на Атина.

Вицепремиерот Арифи информираше дека грчката страна побарала дополнително време за подготовка на средбата и го потврдиле интересот за нејзиното одржување.

„Мислам дека бевме коректно известени и побарано беше таа средба да се одржи на почетокот на наредната година. Јас ги информирав и партнерите во Вашингтон за оваа информација која јас пред да одам на пат ја добив официјално од Атина, каде што беше укажано дека останува интересот да ја оствариме средбата, но бараат малку повеќе време за подготовки. Се надевам дека таа средба ќе се оствари. Тоа ќе биде еден голем сигнал дека навистина двете страни се заинтересирани да ги решат проблемите“, изјави Арифи.

Автор: ЖА/ АТ/ макфакс

Редактор: Александра Трајковска