1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

САД и Кина се борат за превласт во Африка

Филип Сандер / Александра Трајковска10 август 2012

Хилари Клинтон за време на турнејата ги предупреди африканските влади од партнери кои не се залагаат за развој, туку само искористуваат. Кина се почувствува погодена и од своја страна ги критикуваше САД.

https://p.dw.com/p/15mKG
China and USA Flag © Feng Yu #24512850
Symbolbild China und USAФотографија: Feng Yu/Fotolia

Остри тонови од американската министерка за надворешни работи: Вашингтон сака да се залага за демократијата и човековите права во Африка, навести Хилари Клинтон на почетокот на нејзината турнеја во главниот град на Сенегал, Дакар. Таа дополни дека не секој партнер на Африка донесува ваква одлука, видливо алудирајќи на Кина. Одговорот од Пекинг беше брз: Клинтон сака да удри клин меѓу Кина и Африка, кои ги поврзуваат пријателски односи на исто рамниште, објави државната кинеска новинска агенција Ксинхуа.

Но, колку навистина се различни позициите на двете држави во однос на африканскиот континент? Факт е дека САД ја нагласуваат потребата за унапредување на демократијата. Во стратегијата за Африка на Обама ова е на прво место, уште пред економската соработка.

Кина не крие дека помалку ги нагласува критериумите: добро раководење на владите или човекови права. Во сојуз со Бразил, Русија, Индија и Јужноафриканката Република, или т.н. БРИКС државите, таа свесно е против моделот на старите колонијални сили, кои развојната помош ја врзуваат за политчки услови. Мешање во внатрешно-политичките односи за Кина не доаѓа в предвид, додека владата на САД неодамна ја скрати помошта за Руанда, бидејќи владата на Руанда наводно поддржувала бунтовници во Источно Конго.

Политикологот Филип Гиг од универзитетот во Вирцбург критикува дека САД поставуваат барања за добро водење на владите само таму каде може да си го дозволат тоа. Пример е Етиопија. Земјата на рогот на Африка е стратешки партнер во борбата против тероризмот на Блискиот Исток и во Сомалија, подвлекува Гиг.

Symbolbild China und USA
Фотографија: Rob/Fotolia

„Затоа САД воопшто неможат да си дозволат навистина силно да ја критикуваат Етиопија и затоа не го прават тоа. Тоа е разбирливо, но од друга страна изјавите на Клинтон мора да се гледаат во друго светло, дека Американците се залагаат само за демократија и добро водење на влада, што во Етиопија дефинитивно не е случај“, нагласува Гиг.

Меѓутоа, новите и старите големи сили се чини се единствени за една работа - тие го препознаваат потенцијалот за пораст на Африка и сакаат да профитираат од тоа, смета Џеки Килиерс од Институтот за безбедносни студии во јужноафриканската Преторија.

„Натпреварот меѓу САД и Кина за африканскиот пазар расте. Африка повеќе не е објект на добрите намери на САД, туку станува важен глобален трговски партнер“, вели Килиерс.

Една студија на Институтот Зидвинд, по барање на Европската унија, утврдува дека 46 проценти од кинеската развојна помош се влева во Африка. Доделените кредити најчесто се врзани со конкретни проекти: инфраструктурните проекти, на пример, кои потоа ги изведуваат кинески фирми. Земјите, пак, кои ги користат кредитите најчесто утврдуваат нив да ги отплатат со суровини. Покрај ова, африканските земји и’ служат на Кина како пазар за ефтино произведена стока, која ќе им биде конкурентна на локалните производи. Но, и во ова Кина не е единствена смета полтикологот Гиг.

„Оваа нерамнотежа во трговијата во принцип се’ уште е класичната трговија, како што порано изгледаше меѓу колониите и матичната земја. Значи суровините се влеваат во матичната земја, а обработената стока потоа се влеваше во тогашните колонии. Оваа слика не произлегува само од кинеско-африканската трговија, туку исто така и од американско-африканската или европско-африканската трговија“, смета Гиг.

Karte Äthiopien englisch

За инвестициите во Африка да му донесеат долгорочна корист на континентот, за тоа би морале да се грижат пред се’ африканските влади, дополнува Гиг. Тој предупредува од еднострана осуда на Кина. Впрочем јужно-јужната кооперација има и успеси: Студијата на Институтот Зидвинд дојде до заклучок дека трговијата и инвестициите на државите од БРИКС ги намалија ефектите од светската економска криза во Африка. А кризата, како што е познато не почна во Кина туку во САД.