1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаГлобално

САД и Кина: Гаѓај надвор, собирај поени дома

Франк Зирен
1 август 2020

Вашингтон ја напаѓа Кина како никогаш досега. Реториката од Студената војна тешко дека ќе доведе до алијанса на „слободниот свет” против Кина, но може да има влијание во предизборната кампања во САД, смета Франк Зирен.

https://p.dw.com/p/3gCln
Symbolbild USA-China-Handelskrieg
Фотографија: Colourbox

Степените на ескалација меѓу САД и Кина сѐ побрзо се менуваат. По затворањето на кинескиот конзулат во Хјустон, Тексас, минатата недела и затворањето на претставништво на САД во западнокинеската метропола Ченгду, министерот за надворешни работи Мајк Помпео зазема агресивен тон во комуникацијата каков што во американско-кинеските релации немало веќе 40 години.

„Ако сега попуштиме, нашите внуци може да бидат препуштени на милост и немилост на Комунистичката партија на Кина”, рече поранешниот шеф на ЦИА во говор во калифорниското место Јорба Линда. Слободниот свет мора да триумфира над новата тиранија, вели Помпео: „Сакаме слободен 21 век, а не онаков каков што го сонувал Ши Џинпинг”, кој верува во „банкротиран тоталитарен режим”. Кина на Американците „им ја откина интелектуалната сопственост” и им ги „исцица ланците на производство” и ги замени со „робовска работа”, оцени Помпео. Тоа милиони Американци го платиле со своите работни места. „Комунистичка Кина делува веќе во рамки на нашите граници“, предупреди Помпео, додавајќи дека „кинеската армија не ги штитела Кинезите, туку пред сѐ сакала да го зголеми кинеското царство”.

Вашингтон и надворешниот непријател

Така не зборувал дури ни републиканскиот претседател Џорџ Буш по крвавиот прекин на протестите во Пекинг во 1989 година. Зошто тоа го прават сега Помпео и Трамп? Одговорот е јасен: Кина е денес многу помоќна. Земјата има удел од 30% во светскиот БДП, а САД само 11%. Владата на Кина сѐ помалку трпи, а САД имаат големи внатрешнополитички проблеми кои се многу повеќе од актуелниот проблем со короната. Владата во Вашингтон се обидува со сите сили да го предизвика надворешнополитичкиот непријател за да ги обедини луѓето во поглед на таквата опасност и под водство на Трамп. За околу сто дена во САД има избори. Затоа сега опасноста од странство не може да се прикаже доволно голема. Помпео не случајно го одржа својот говор во родното место на Никсон. Кинеското претставништво во Хјустон, кое Помпео го означи како „центар на шионажа и кражба”, настана како директна последица од воспоставувањето дипломатски релации со Пекинг од страна на Никсон во 1972. Во 1979. таму беше отворен еден од првите кинески конзулати во САД. Во говорот Помпео рече дека Никсон создал „Франкенштајн” кога и’ ги отворил на Кина портите кон западниот свет.

Frank Sieren *PROVISORISCH*
Франк ЗиренФотографија: picture-alliance/dpa/M. Tirl

Никсон е долго време починат. Тој не може да се одбрани, но неговиот тогашен советник за безбедност Хенри Кисинџер, уште минатиот ноември нагласи дека во случај на втора Студена војна нема да има победници, туку само губитници. „Дебата за нашите меѓусебни цели и обидот за што поголемо ограничување на нашите конфликти е клучна“, предупредува овој 97-годишен политичар.

Со стравот од Кина сите партии одамна водат политика. И покрај тоа што Трамп го нарече Џо Бајден - „Пекинг Бајден“, обвинувајќи го дека е пријателски настроен кон Кина, претседателскиот кандидат на демократите во меѓувреме остриот курс кон Кина го наметна како централна тема во својата изборна кампања. Тој го нарече Ши Џинпинг „криминалец“, бидејќи ги затвори Ујгурите во Шинџијанг. Помпео, за разлика од Бајден, зборува за „концентрациони логори“. Бајден пак го обвинува Трамп, дека се занимава само со Трговскиот договор и целосно ги занемарува „човековите права“, како и дека по избивањето на корона-пандемијата бил премногу невнимателен кон Пекинг и „целосно без стратегија“ во однос на надворешната политика кон Кина.

Реторичка трка во однос на Кина помеѓу републиканците и демократите

Повеќе анкети покажуваат дека Трамп речиси и да нема предност кога станува збор за тоа кој кандидат е построг со Кина во очите на американската јавност. Трамп сака тоа да го промени. Се распламти некаков вид на реторичка трка за оружје меѓу републиканците и демократите во однос на Кина. Тоа нема да заврши ниту со изборот на нов американски претседател во ноември. Дури и доколку победи Џо Бајден, конфликтот помеѓу велесилата САД и растечката велесила Кина ќе остане. Видни високи претставници на Комунистичката партија во Кина во меѓувреме порадо би сакале Трамп да биде повторно избран. Бидејќи благодарение на неговата крактовида политика САД се оддалечи од многу свои сојузници и се повлече од многу светски институции, како на пример Светската здравствена организација (СЗО). Кина профитира од тоа, и полесно може да се профилира на меѓународни лидерски позиции.

Ако победи Бајден, тој веројатно ќе се обиде да ги поправи односите со традиционалните американски сојузници и заедно со новите партнери во Азија да изврши мултилатерален притисок врз Пекинг – нешто што нема да и’ успее на владата на Трамп, и покрај апелот на Помпео, која со излегувањето од сојузите како Транспацифичкото партнерство (ТПП), Парискиот климатски договор или Атомскиот договор со Иран, покажа колку и’ значи меѓународната соработка. Освен Јапонците и Австралијците, ниту една друга влада во Азија нема голема желба да се врзува со Вашингтон. Дури и Индијците се претпазливи. Во Африка и Јужна Америка преференциите се јасни: порадо Кина отколку САД.

Кина сигурно нема да се впушти во воена авантура

И во Европа нема единствен став. И Ангела Меркел, која страдаше од комунизам во ГДР, не сака да го следи американскиот курс. Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји, актуелната кинеска политика на САД ја нарекува „параноја слична на Мекарти“: „Се чини како во моментов секоја кинеска инвестиција да има политичка позадина, секој странски студент како да е шпион, а зад секаква соработка стојат лоши задни намери.“

Меркел веројатно ќе се согласи со ова. Но, не и со многу други теми, како на пример пристапот кон Хонгконг, Ујгурите или отвореноста на кинеските пазари. Нејзиното мото гласи - онаму каде што има проблем, двете страни мора повеќе да разговараат.

Ситуацијата ја отежнува и тоа што Пекинг сѐ помалку е отворен за критика во однос на неговата тврдокорна позиција за Јужнокинеското море, за Хонгконг и во однос на соседен Бутан, како и за острите тонови кон Индија, Австралија, Велика Британија и Канада. Кина тешко дека ќе се впушти во воена авантура. Пекинг има многу работа да ја држи стабилна домашната економија. Токму поради тоа Пекинг се држи цврсто за првата фаза од договорот за трговија, договорена во јануари, и сака да продолжи да соработува со САД во борбата против коронавирусот.

„Се’ додека двете страни имаат волја, ние ќе најдеме начин да излеземе од спорот и повторно да се вратиме на вистинскиот пат“, изјави кинескиот министер за надворешни работи, Ванг. Секако. Од друга страна, Помпео не сака ништо помалку од промена на режимот во Пекинг. Тој ги повика „слободоумните“ Кинези да се свртат против сопствената влада. Тоа нема така бргу да се случи. Напротив: во глобалната борба алтернативата САД станува помалку привлечна за Кинезите. Тоа Пекинг секако го знае. Стотици луѓе, кои по затворањето на американскиот конзулат во Ченгду аплаудираа, многу веројатно не беа само „ракоплескачи“. И Кинезите ги збиваат редовите во однос на нападите однадвор.

Со својот говор, Помпео надворешнополитички нема да направи некое поместување. Но, сосема е возможно острите критики на Трамп и Помпео за Кина да имаат влијание на внатрешнополитички план.

Нашиот колумнист Франк Зирен живее во Пекинг над 20 години