1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

САД го зголемуваат притисокот врз Русија и Кина

СН/ агенции
21 септември 2018

Москва и Пекинг реагираа со остри зборови против одлуката на САД да воведат нови казнени мерки против лица и институции на војската и на тајните служби на Русија и на Кина. На Вашингтон му се префрла „играње со оган“.

https://p.dw.com/p/35IHE
US-Außenministerium
Фотографија: AFP/Getty Images/J. Richards

Американските власти за првпат воведоа санкции на една единица на кинеската војска поради купување руско оружје, односно авиони ловци и ракети земја-воздух. Стејт департментот во Вашингтон, исто така, на црниот список додаде имиња на 33 лица и руски компании во воениот и разузнувачкиот сектор на кои им се забранети трансакции во областа вооружување под закана на санкции од САД.

Овие мерки се преземeни како дел од законот кој минатата година го усвои Конгресот поради „злонамерни активности“ на Русија, меѓу кои се и нејзината политика во Украина и наводното мешање во американските избори во 2016 година, кое Русија го негира. На црниот список сега се наоѓаат 72 лица и фирми.

Luftfahrtmesse Frankreich Le Bourget Flughafen Paris
Фотографија: Reuters

Кина денеска изрази „голема огорченост“ откако САД ѝ воведе нови санкции поради купување на руско оружје. „Потегот на САД сериозно ги крши фундаменталните принципи на меѓународните односи и сериозно ги загрозува односите меѓу двете земји и нивните војски. Упатуваме силен повик САД веднаш да ја поправат грешката и да ги повлечат т. н. санкции. Во спротивно САД ќе снесат последици“, изјави портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Генг Шуанг.

Повеќе:

-Која е руската елита на удар на санкциите од САД?

-Русија стенка под новите американски санкции

 

Истовремено, Москва го обвини Вашингтон дека во овој случај „игра со оган“ и оти е закана за „светската безбедност“. Зборувајќи за купувањето на оружје од Русија, Генг рече оти земјата е „партнер во стратешка соработка“.

Според неговите зборови, оваа соработка има за цел одбрана на „легитимните интереси на двете земји како и за регионалниот мир и стабилност“, а не на „ниту една трета страна“.

Вашингтон воведе финансиски санкции за клучниот дел од кинеското министерство за одбрана, одделот за развој на опрема, и на неговиот директор Ли Шангфу поради купување борбени авиони Сухој Су-35 на крајот на минатата година и набавки на опрема за рускиот противвоздушен систем С-400 на почетокот на годинава.

САД и Кина во моментов се наоѓаат и во трговска војна во која се воведени обострани царини за увоз на стока.