1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Руски тајни агенти оперираат во странство

Јан Валтер
17 октомври 2020

Во Берлин започна процес за убиство на еден Грузиец, но Запад во меѓувреме на Русија ѝ става на товар цела низа нарачани ликвидации во странство од страна на тајните служби. Дали Кремљ сака да го дестабилизира Запад?

https://p.dw.com/p/3jgs7
Deutschland Prozess um «Tiergartenmord» beginnt am 7. Oktober
Фотографија: Odd Andersen/AFP/Getty Images

Во процесот за т.н. убиство во Зоолошката градина наводно не би требало да стане збор само за извршителот. Главниот државен обвинител Роналд Георг сака исто така да докаже дека во прашање е државен тероризам: според негово мислење, убиството на Селимкан Кангошвили, Грузиец со чеченско потекло, извршено во „Малата зоолошка градина" во берлинскиот кварт Моабит, го нарачала руската влада.

Убиството во „Малата зоолошка градина" ни оддалеку не е единствен случај за кој постои сомнеж дека е државен тероризам од Москва. Но, досега на властите на Запад ретко им успеваше да докажат учество на Кремљ во атентати во странство.

Повеќе:

Со убиството во Берлин, Русија го тестира Западот

Зад убиството на Чеченец во Берлин стои руска тајна служба?

Но, најдоцна од 2006. година за западните тајни служби е јасно дека руските агенти и под претседателот Владимир Путин не запираат на сопствените национални граници: бившиот службеник на руската тајна служба за внатрешна безбедност ФСБ, Александар Литвиненко умре во егзил во Лондон по труење со радиоактивен полониум 210. Наводно труењето го извршиле двајца руски шпиони чие испорачување од тогаш го бара Обединетото кралство. Освен нарачани убиства, Запад на Москва ѝ префрла и за сајбер напади и манипулации на избори. Листата на обвинувања против руските тајни служби во последните петипол години е долга:

2015: Хакерски напад врз Бундестагот

Russland Karikatur zum Thema Russische Hacker in den USA
Карикатура на Сергеј Елкин за рускиот хакерски напад врз Бундестагот

„Она што хакерите го изведоа во 2015. година на компјутерите во Бундестагот, медумите го нарекоа „дигитална рација". Хакерите во тек на неколку седмици украле илјадници имејлови и документи од компјутерите на различни пратеници, и од канцеларијата во Бундестагот на Ангела Меркел.

Повеќе:

И Меркел била цел на хакерските напади

Користениот софтвер наводно типично го користат руски хакери од воената тајна служба ГРУ заради откривање шифри и крадење податоци. За извршителите истрага води Сојузната служба против криминал, БКА. Службата за заштита на уставниот поредок смета дека е „речиси сигурно" дека налогот за кражба на податоци стигнал од ГРУ.

2016. година: Изборни манипулации во САД

Во текот на предизборната кампања за претседателските избори во САД во 2016. година руски агенти наводно извршиле бројни сајбер напади заради влијание на исходот од изборите. Од една страна наводно армија тролови од руската фирма Internet Reasearch Agency, ИРА, во Санкт Петерберг влијаела врз избирачите преку Твитер, Фејсбук, Јутјуб и Инстаграм, објавувајќи делумно лажни вести. Различни анализи на меѓународни иследници покажаа дека конзервативните бирачи првенствено биле поттикнувани против демократската кандидатка Хилари Клинтон. Нејзините потенцијални избирачи наспроти тоа биле заплашувани со збунувачки информации. Сопственик на ИРА наводно е еден од блиските следбеници на Путин.

Директна врска со Кремљ постоела наводно и кај хакираните имејлови на Хилари Клинтон: трагите наводно водат директно до руската тајна служба. Во 2018. година специјалниот обвинител Роберт Мулер во овој случај подигна тужба против 12 соработници на ГРУ, кои продреле во имејловите и шпионирале. Неколку дена подоцна и Доналд Трамп потврди дека веројатно постоела вмешаност на Москва. Дотогаш американскиот претседател ја следеше верзијата на негирање на обвиненијата од руските политичари. Извештајот на американскиот Сенат, на речиси 100 страници, ги набројува овие и други манипулации.

2016. година: Обид за пуч во Црна Гора

Во мај 2019. година Врховниот суд на Црна Гора прогласи за виновни 14 лица со образложение дека во текот на изборната 2016. година планирале завера за државен удар за да спречат прием на Црна Гора во НАТО. Двајца од нив беа руски државјани со фалсификувани пасоши и наводно агенти на ГРУ. Осудените пред судот ги отфрлија сите обвинувања, Москва жестоко демантираше своја вмешаност.

2018: Хемиски боен отров, прв дел

Во март 2018. година рускиот двоен екс-агент Сергеј Скрипал и неговата жерка Јулија беа пронајдени во бесвесна состојба на клупа во парк во малиот англиски град Солсбери. Британските истражители констатираа дека двајцата дошле во контакт со нервниот гас Новичок. Хемискиот боев отров е развиен во 70-те години во Советскиот Сојуз.

Giftanschlag auf Sergej Skripal in Salisbury
Врз двојниот руски екс-агент Сергеј Скрипал беше извршен атентат со НовичокФотографија: picture-alliance/Solo Syndication/ Daily Mail/M. Richards

Британската влада подигна обвинение против Русија како одговорна за нападот. Меѓународните иследници од Организацијата за забрана на хемиско оружје, ОПЦВ, ја потврдија анализата на Британците. Осомничените извршители се вработени во ГРУ, а Москва тоа повторно го негира.

Повеќе:

Потерница по двајца Руси за труењето на Скрипал

ЕУ ја поддржува Британија против Русија во аферата Скрипал

2020: Хемиски боев отров втор дел

На 20. август 2020. година рускиот опозициски лидер Алексеј Навални колабираше на летот од Сибир кон Москва. По итната интервенција во Омск, беше префрлен во берлинската болница Шарите, каде е потврден сомнежот за труење на Навални со Новичок.

Повеќе:

Навални го обвинува Путин за неговото труење

Новичок: Советскиот отров за елиминација на неистомисленици

По првиот преглед на хотелската соба во која престојувал Навални во Томск од страна на руската полиција, руските власти соопштија дека нема знаци на криминално дело. Тимот на Навални напротив извести за трагови на Новичок на празни шишиња во хотелската соба. Кремљ и во тоа не гледа доказ за труење.

Специјални единици за дестабилизација на Запад

Во меѓувреме речиси истата група од 15-20 агенти на тајните служби се смета за одговорна за извршени дела во Европа: единицата 29155 според истражувањата на мрежата Белингкет учествувала во обидите за дестабилизација во Република Молдавија и на Крим во 2014. година, во хакерскиот напад врз Светската антидопинг агенција ВАДА во 2016. и 2017. година. Освен тоа групата наводно извршила влијание врз гласањето за Брегзит и нелегалниот референдум за независност на Каталонија во 2017. година. Дури во 2019. година се дозна дека еден дел од групата оперира од француските Алпи, меѓу нив веројатно и извршителите на нападот со Новичок врз Сергеј Скрипал. Дали единицата 29155 стои и зад нападот во „Малата зоолошка градина" во Берлин, засега останува отворено прашање.