1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Руската Дума со нов закон за медиумите

ЖА / агенции
15 ноември 2017

Рускиот парламент, реагирајќи на слична регулатива во САД, усвои закон, кој ги принудува странските медиуми на регистрација како странски агенти.

https://p.dw.com/p/2nfJ8
Symbolbild Pressefreiheit
Фотографија: picture-alliance/ZB/J. Büttner

Медиумите финансирани од странство, според новиот закон во Русија, можат да бидат класифицирани како „странски агенти“, јавува руската агенција РИА Новости. Москва уште претходно го најави ваквиот чекор, откако Вашингтон ги обврза руските медиуми во САД да се регистрираат како „странски агенти“.

„Ова е симетричен одговор упатен до САД и сигнал дека нашите медиуми не треба да бидат третирани на таков начин“, истакна претседателот на Думата, Вјачеслав Володин во текот на дебатата за новиот закон.

Од 450 пратеници, во второто читање 409 гласаа за новата регулатива, немаше гласови против. Третото читање се смета за чиста формалност, а пред да го потпише претседателот Владимир Путин, законот треба да помине и во Сенатот.

Еден сличен закон, кој предвидува задолжителна регистрација доколку постои финансирање од странство, во Русија е во сила од 2012. година за невладините организации, што предизвика затворање на голем број од нив.

Заменик-претседателот на рускиот парламент, Пјотр Толстој за агенцијата Интерфакс изјави дека под овој закон во Русија нема да потпаднат сите странски медиуми, постојат критериуми за негова примена, а Министерството за правда ќе дефинира кои медиуми ќе бидат засегнати. „Станува збор за медиуми, а не за одделни дописнички претставништва“, истакна тој, одрекувајќи идно креирање „црни листи“.

Државно финансираната руска телевизија РТ (Раша тудеј) во понеделникот потврди своја регистрација во САД во својство на странски агент, запазувајќи го рокот поставен од американското Министерство за правда. Американските тајни служби ја сомничат руската телевизија РТ дека била дел од кампањата за  целно вмешување во американските претседателски избори,  што Москва категорично го демантира.