1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Русија стенка под новите американски санкции

Роман Гончаренко
11 април 2018

По „црниот понеделник“ следеше „црн вторник“. Продолжува крахот на руските пазари, предизвикан од новите санкции на САД. Какви се последиците од тоа за населението?

https://p.dw.com/p/2vpSJ
Krim Sewastopol - TV-Übertragung  von Putin-Rede
Фотографија: picture-alliance /dpa/EPA/A. Pedko

„Санкции? Нашите атомски ракети умираат од смеење“. Во 2014. година, кога започна да се врти спиралата на санкции по руската анексија на Крим, многумина Руси со задоволство носеа маици со вакви слични подбивни пораки. Санкциите беа колебливо воведени и на почеток беа многу ограничени. Русија се прилагоди на новата „економска реалност“, московски еуфемизам за конфронтацијата со Запад. Стопанството во 2017. година почна повторно ра расте. Дали така ќе биде и по најновите санкции, прашање е. 

Повеќе: 

Која е руската елита на удар на санкциите од САД?

Токсичната Кремљ-листа на Вашингтон

Милијарди високи загуби

Првпат по анексијата на Крим, казнените мерки воведени на 6. април од страна на Вашингтон, предизвикаа масивен крах на руските пазари на акции и девизи. Санкциите против 24 олигарси, високи функционери и 15 фирми, според пишувањето на руските медиуми, во рок од неколку часови во понеделникот предизвикале загуби во двоцифрена бројка милијарди долари.

Падот продолжи и вчера, а крајот не е на повидок. Притисокот врз руските вредносни хартии и валутата расте и поради навестените евентуални натамошни американски санкции, овојпат предизвикани од случајот со труењето на поранешниот руско-британски двоен агент Сергеј Скрипал. Во Конгресот во САД е доставен предлог санкциите да бидат проширени и врз руските државни долгови. Доколку биде реализиран ваков чекор, тој би бил рамен на „економска војна“, предупредува Александер Шошин, претседател на Руското стопанско здружение РСПП.

Притоа, и од веќе воведените нови санкции не страдаат само личностите и фирмите против кои се воведени, туку и други претпријатија и банки. Загубите во вредноста на акциите на пример ја погодуваат и Сбербанк, најголемата руска банка. Владата соопшти дека ситуацијата е под контрола и вети финансиска помош.

Oleg Deripaska
Главоболки за Олег ДерипаскаФотографија: picture-alliance/AP/A. Zemlianichenko

Економска империја се бори за преживување

Ветената државна помош веројатно на 50-годишниот бизнисмен Олег Дерипаска ќе му биде попотребна отколку на другите. Од аспект на Вашингтон, тој припаѓа во најтесниот круг олигарси блиски до Кремљ и санкциите ги чувствува со посебна тежина. Неговата стопанска империја „Базик Елемент“ вработува преку 150.000 луѓе низ цел свет. Повеќе од 15 проценти од руското население се директно или индиректно зависни од концернот, се вели на неговата интернет-страница. Тука се вбројува меѓу другото и светскиот гигант во производство на алуминиум „Русал“ или концернот „Руски машини“, со фирми од областа на автоиндустријата, производството на авиони и на железничка техника. 

Во „Руски машини“ спаѓа и автомобилскиот производител ГАЗ од Нишниј Новгород. Тоа е фирмата пред чии вработени Владимир Путин на почетокот на декември 2017. година ја објави својата кандидатура за четврт мандат како претседател на Русија, а во март беше повторно избран.

Уште е нејасно дали санкциите акутно ги загрозуваат и работните места во фирмите на Дерипаска. САД се важен пазар за алуминиумот на пример, но лавовски дел од продукцијата на „Базик Елемент“ е наменет за домашниот пазар. Суштински проблем се чини се милијардите долгови во странство. Поради санкциите, овие долгови можат да бидат порамнети само со државна помош. Набљудувачите предвидуваат можност државата во таков случај да ја преземе империјата на Дерипаска.

Symbolbild Zange Sanktionen USA EU Russland
Американските санкции предизвикаа пад на вредноста на рубљатаФотографија: picture alliance/dpa

Многу губитници, малку добитници

Мнозинството Руси досега ги чувствуваа американските санкции, но ограничувањата не беа толку драматични. Сличен крах на девизните паѐраи имаше последен пат на крајот на 2014. година. Но, тогаш причина беше падот на светските цени на нафтата, рускиот најважен извозен продукт и извор на девизи.

Во Русија моментно се дискутира дека падот на вредноста на рубљата може да се претвори во проблем за оние Руси кои планираат одмор во странство. Притоа, во последните години бројот на руски туристи во странство опаѓа.

Освен тоа, првите консеквенци од девалвацијата на рубљата причинета од американските санкции, бројни Руси можат наскоро да ги почувствуваат во продавниците за електроника. Економскиот магазин „Ведомости“ известува дека се очекува зголемување на цените од 5 до десет проценти на пример кај смартфон-телефоните или лаптоп-компјутерите.

Но, сегашната ситуација носи и погодности за некого, првенствено за руската туристичка бранша. На пример, некои Руси, наместо во Турција, поевтино би можеле да патуваат на Крим.