1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Русија провоцира нови конфликти на Балканот

Александер Андреев21 мај 2015

Зад изјавата на Сергеј Лавров за поделба на Македонија меѓу Албанија и Бугарија се крие архаичното размислување во Москва, коментира Александер Андреев

https://p.dw.com/p/1FTiy
Фотографија: Fotolia/Bastos

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ретко кажува бесмислици. Напротив, и на меѓународната сцена го сметаат за многу искусен дипломат кој знае што прави. Доколку приказните за поделбата на Македонија меѓу Албанија и Бугарија беа излезени од устата на некој како Владимир Жириновски на пример, (па дури и од некој како министерот за одбрана Шојгу)- ќе немаше причина да се вознемируваме. Но Лавров не е човек кој така едноставно би изјавил нешто толку „горливо“.

Најпрво да се прашаме: зошто рускиот министер за надворешни работи говори за „поделба“ на Македонија само меѓу Бугарија и Албанија? Та нели следбениците на традициите и добро упатените во геополитичките состојби сметаат дека свои апетити кон Македонија имаат уште и Грција и Србија? Во самата Србија веќе со недели (а најмногу по инцидентите во Куманово) гласно се зборува за евентуалниот распад на Македонија и нејзината поделба меѓу четирите споменати држави. Но Лавров воопшто не ги споменува Србија и Грција. За тоа постои едно едноставно објаснување. Како внатрешна убеденост а најмногу како пропаганда, Кремљ го распространува обвинувањето дека сите проблеми во меѓународната политика доаѓаат од САД. Тоа се однесува како на Украина и Грузија, така и на Балканот. Лавров говори за надворешно замешателство во Македонија и за притисок врз премиерот Груевски затоа што тој не ги поддржал санкциите против Русија. Тие санкции не се поддржани ни од Србија, а јасно е дека и актуелната грчка влада игра долга, нечесна и опасна игра околу санкциите, обидувајќи се да се испазари за својата позиција со ЕУ и со Москва.
На таа линија, изјавите на Лавров можат да се толкуваат и така: Вашингтон ги „буцка“ лошите проамерикански влади во Албанија и Бугарија да ја поделат Македонија, а „добрите“ Скопје, Белград и Атина се заинтересирани само за засилување на економските врски со Русија и одржување на рамнотежата.

Andreev Alexander Kommentarbild App
Александер Андреев

Смислено сценарио на Москва

Никој не може со сигурност да каже дали изјавата на Лавров го означува токму тоа, но таквата хипотеза би била во хармонија со архаичниот начин на надворешно-политичкото размислување во Москва и со долгогодишната склоност на Русија да провоцира конфликти на Балканот заради сопствен интерес. Да не се заборави притоа дека со своите дејства во Крим и во Украина, Русија еднострано го наруши меѓународното право и во најголем дел- неприкосновеноста на територијалните граници. Оттука, говорењето за евентуална територијална поделба на Македонија во целост се вклопува во новата политика на Кремљ. Не случајно токму Лавров е првиот политичар од тој ранг, кој гласно размислува на таа тема.
Зад ваквите размислувања се крие убедувањето дека, доколку кризата во Македонија смислено и целно се „етнизира“, тоа во одреден момент може да доведе до таква констелација во која Албанците ќе се отцепат, а Скопје и Софија ќе се зближат.

Познато е дека во Бугарија под површината одамна врие едно историски обременето јавно мислење кое би ги поддржало „враќањето на Македонците дома“, а за Скопје тоа, наводно, би претставувало шанса за брз влез во ЕУ. Но, едно такво, засега фала Богу само хипотетично сценарио, е наполнето со таква експлозивност, за која е подобро и да не размислуваме.

Изјавата на Лавров е нов предизвик за, и онака, преоптоварената меѓународна политика на ЕУ. Постојано се повторува дека Брисел треба многу повнимателно да ги следи случувањата на Балканот. Грчката и македонската криза одново потсетуваат на подзаборавениот спор за името, заради кој Атина ги блокира преговорите за членство на Македонија. Како ќе реагира ЕУ доколку актуелната грчка влада, притиснато од економската криза, одлучи да тргува со спорот за простување на дел од долговите? Што значи изјавата на српскиот претседател Николиќ дека Косово треба да се врати во границите на Србија? Нели токму откажувањето од тоа барање беше главниот услов за да започнат преговорите за членство на Србија во ЕУ? Во моментов, ситуацијата е целосно непрегледна.
Единственото кое може да се види со голо око, е дефинитивниот интерес на Бугарија да не се застранува од генералната европска политика. И да инсистира на две нешта: неповредливост на границите и колку што е можно побрзо приближување кон ЕУ на соседните Македонија и Србија. Само тие три услови гарантираат дека ќе се задржи мирот во регионот.