1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Рохинга-бегалците сакаат да се борат против армијата

Ате Хоекстра
19 септември 2017

Бројни мажи-бегалци од преполните логори во Бангладеш не сакаат да се помират со судбината, сакаат да се вратат назад во Мјанмар, за да се борат против војската веднаш штом ќе им се укаже прилика.

https://p.dw.com/p/2kFs0
Bangladesch - Rohingya Flüchtlinge am Cox Bazar
Фотографија: DW/A. Hoekstra

Пред околу две недели, Мохамад Ајуб пред растечкото насилство побегна од својата татковина, провинцијата Ракине во Мјанмар, преку границата, во Бангладеш. Како и многумина други негови сострадалници, тој е подготвен да се врати во родната земја и да се приклучи кон вооружените бунтовници во т. н. Рохинга армија за спас за земјата, АРСА. Тој сака да се бори против војниците кои него и неговото семејство го протераа од татковината, вели за Дојче веле.

„Ако АРСА ми понуди воена обука и ми обезбеди оружје, тогаш ќе ѝ се приклучам“, вели 20-годишниот припадник на Рохинга-малцинството, сега сместен привремено во бегалскиот логор Леда, јужно од Кокс Базар. Задоволен е од формирањето на Армијата на спасот и нејзината борба за правата на неговиот народ. „Доволно долго бевме угнетувани од мјанмарската војска. Ни ги зеде сите наши права и слободи“, вели Мохамад Ајуб.

Bangladesch Rohingyas im Flüchtlingslager Cox's Bazar
Рохинга-бегалците во Бангладеш во екстремно бедни условиФотографија: Reuters/M.P. Hossain

Бегство пред свирепостите на војската

Многумина меѓу 400.000 бегалци, кои според податоците на ОН изминатите четири недели побегнаа од Мјанмар, го делат неговото мислење. Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш смета дека во Мјанмар се врши класично етничко чистење. Повод за најновите систематски насилства на војската против етничкото муслиманско малцинство Рохинга беше оркестриран препад на борци на АРСА врз 30 армиски и полициски пунктови во државата Ракине во Мјанмар, при што беа убиени 12 војници. Во рамките на одмаздничките акции на армијата, беа запалени цели села и убиени најмалку 1000 Рохинга-припадници.

Бегалците кои успеаја да стигнат во Бангладеш, сведочат за масовни убиства и силувања. „Војниците упаднаа во нашето село, ги собраа сите млади мажи и ги одведоа в џунгла, каде ги застрелаа“, раскажува на пример Соду Миа, кој живее во импровизиран логор во близина на границата. Тој се сокрил во џунглата и под закрила на ноќта тргнал во потрага по преживеани. Со оние малкумина кои ги нашол, пешки тргнал кон Бангладеш, вели 45-годишниот селанец. И тој е подготвен да се врати и да се бори против мјанмарската војска.

Bangladesch Rohingyas im Flüchtlingslager Cox's Bazar
Бегалски егзодус на Рохинга-малцинствотоФотографија: Reuters/D. Siddiqui

Во одбрана на правата

Останатите мажи, провизорно сместени во бегалскиот логор, му даваат за право на Соду Миа: „Ние сме народ на земјоделци и рибари, но имаме свои права. Подготвени сме да се бориме за да ги одбраниме нашите права“, вели еден Рохинга. Борците на АРСА првпат извеле истовремен напад врз повеќе гранични бази во октомври 2016. година, убивајќи девет полицајци. За владата веднаш било недвојбено дека е тоа дело на „терористи“, кои мора беспоштедно да се гонат.

Меѓународната криза група во свој извештај од декември минатата година предупреди од настанување на ново бунтовничко движење во Мјанмар. Лидерите на АРСА, која претходно се нарекуваше Хараках ал-Јакин, Движење на верата, делумно се израснати во Саудиска Арабија и собрале борбени искуства во Авганистан и во Пакистан. Според Меѓународната кризна група, тие имаат свои корени во Рохинга-етникумот и не се поврзани со меѓународните терористички мрежи како Ал Каеда и Исламска држава. Дека тие не се терористи, туку борци за правата на народот Рохинга, лидерите на АРСА истакнуваат и во своите видео-пораки.

Се чини дека повикот за борба наидува на засилен одек во бегалските кампови: „Владините војници ги убија нашите деца и ги посрамотија нашите жени. Затоа, сакаме да се браниме“, вели Соду Миа. А еден друг Рохинга-бегалец, Амам Улах, дополнува: „Доколку добиеме обука и оружје, ќе се бориме за нашите права.“