1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како да се излезе од улогата на жртва?

Кристина Кифнер
19 октомври 2019

Предрасуди, напади, шиканирање, постојани закани за протерување од земјата - многу млади Роми и Синти во Германија живеат под голем психолошки притисок. Справувањето со тоа не е лесно.

https://p.dw.com/p/3R2lP
Berlin | Verein für junge Sinti und Roma Amaro Drom
Фотографија: Amaro Drom

Уште во основно училиште Ангела била напаѓана и физички и со псовки. „Имаше ученици кои погрдно ме нарекуваа 'циганка', ме тепаа, ми ги земаа парите и храната. Тоа многу ме погодуваше", се присетува 25 годишната Ромка на своите први училишни денови во Келн.

Слично искуство имал и Емануел кој одел во основно училиште во Романија. „Мајка ми секогаш ми ја переше облеката за да бидам чист. Но, ништо не помагаше. За останатите секогаш бев 'валкан'. Поради тоа никој не сакаше да седи до мене."

Ваквите понижувања продолжуваат и подоцна низ животот, на пример кога се бара работа или стан. Сето ова остава тешки последици врз нивното психичко здравје и самодовербата. „Многу млади го кријат својот идентитет поради дискриминацијата на која биле изложени“, вели Мерџан Јакупов, извршен директор на организацијата на Роми за млади Амаро дром (Наш пат) од Берлин. Ова е една од најважните теми со кои се занимава организацијата. „Тие мора да сфатат зошто сето тоа се случува за да може да се справат со истото и да го надминат."

Поголемо присуство во јавноста

Заради тоа здружението пред четири години го започнало проектот „Дикхен амен!" што на ромски јазик значи „погледнете не’“. Во рамки на проектот млади Синти и Рома редовно се среќаваат и со помош на обучувачи вежбаат како да се ослободат од многуте негативни предрасуди со кои се соочуваат и како со повеќе самосвесност да формираат барања за рамноправна улога во општеството. Главната цел на тренингот е како што вели Јакупов, да „се зајакнат и мобилизираат младите“.
На големата сојузна конференција на здружението Амаро Дром, што е најголем собир на млади Роми кој се одржа неодамна во Берлин, беа претставени резултатите од проектот. „Мора да бидеме присутни во јавноста и на тој начин да постигнеме да се заборават сите стереотипи“, смета Мелиса, 20-годишна Ромка од Лајпциг. А, Ајриз од Македонија нагласува дека „меѓу нас има многу студенти. Има и професори. Но, тоа големиот дел од општеството не го гледа и не го знае."

Berlin | Verein für junge Sinti und Roma Amaro Drom
Фотографија: Amaro Drom

Длабоко вкоренет „антициганизам“

Сликата која поголемиот дел од општеството ја има за Ромите не е едноставно да се промени. Предрасудите кај многумина се длабоко вкоренети, а одделни медиуми уште и ја поттикнуваат – свесно или несвесно. „Кога ќе се случи нешто негативно, сите доаѓаат да известуваат за тоа. А, кога ќе се случи нешто позитивно, нема никој“, вели Ева Адам. Таа е во здружението Амаро Дром задолжена за педагошки теми и програми. „Секогаш се бара влакно во јајцето." Заради тоа не се ретки случаите луѓето да го премолчуваат своето потекло, дури и ако имаат работа или стан. Едноставно се плашат дека кога би се дознало дека се Роми, дека сето останато може да биде небитно.

Младите лица на конференцијата тренираа да се покажат, а не да се кријат, и покрај постоечките искривени предрасуди за Ромите. Така на промер на работилницата за медиумите се зборуваше за тоа како да се однесуваат со новинарите и како да даваат интервјуа. А, на работилницата за политичките аспекти се разговарало за тенденциите во општеството за конкретни проблеми, на пример кога се работи за правни аспекти на можностите за добивање на траен престој. Тоа за многу млади учесници на конференцијата се важни теми, бидејќи во Германија се дојдени како бегалци.

Несигурна иднина

„Несигурниот статус на многу млади значително ни ја отежнува работата“, вели Мерџан Јакупов. Оној кој постојано живее во страв дека би можел да биде протеран лесно губи интерес за работа во заедницата. Зацврстувањето на младите што исто така е значаен предуслов за подоцнежниот успех во работата, на тој начин се гуши во сам зачеток. Наместо тоа настануваа страв и фрустрации. Несигурната иднина е проблем со кој се соочува и самата младинска организација Амаро Дром. Досега проектот е финансиран од средства во рамки на програмата на германската влада „Да се живее демократијата“.

Но, на изненадување на луѓето од здружението, средствата им се скратени. Затоа морале да укинат три постојани работни места. А, една од последиците е што вакви конференции во иднина нема да може да се организираат, барем не во оваа форма.