1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Романија: комунистичките тајни останаа неразјаснети

25 декември 2009

Романците се незадоволни што и денес, 20 години по падот на комунизмот, во речиси сите државни пори се вовлечени поранешни комунисти, а некои тајни од деновите на револуцијата до денес не се разјаснети.

https://p.dw.com/p/LDKT
Повеќе од илјада луѓе загинаа во антикомунистичката револуција во Романија во 1989 годинаФотографија: ullstein bild - Reuters

Романците неделава ја одбележуваат 20-годишнината од падот на комунистичката диктатура во нивната земја. Во немирите кои почнаа на 21 декември, а кулминираа со стрелањето на диктаторот Николај Чаушеску и неговата сопруга на 25 декември, загинаа околу 1.200 Романци, а повеќе од 4.500 беа ранети. Но и покрај приемот во ЕУ, Романија и денес не е многу понапредна земја од она што беше пред 20 години...

Букурешт 15 Јуни 1990 година-Јон Илиеску, првиот посткомунистички претседател на Романија, им се заблагодарува на рударите за присутноста и граѓанската дисциплина. Ден претходно, 10 илјади рудари од западната романска провинција, дојдоа во главниот град и по налог на Илиеску предизвикаа судир со антикомунистичките демонстранти, кој беше координиран од полицијата и од офицерите од тајните служби. Билансот беше шест мртви и стотици тешко повредени лица.

Тогаш веќе беше помината половина година од падот на диктаторот Чаушеску. Насилната оргија на универзитетскиот плоштад во Букурешт беше тажна кулминација на хаотичните месеци, а воедно и конечниот сигнал кој го покажа патот на Романија кон Источна Европа, пат кон режим на лажни реформи со националистички и авторитарни стремежи, кој притоа целосно го изолираше цивилното општество.

Тогашниот лидер, Јон Илиеску, беше прво воспитаник на Чаушеску, а подоцна жртва на неговата немилост. Тој беше комунист, а по 1989 три пати претседател на Романија. На критичните прашања, како што е нападот на рударите на универзитетскиот плоштад во Букурешт, денес, 79 годишниот пензионер се уште реагира гневно и порачува:

„Се уште се смета дека Илиеску ги повикал рударите. Но како? Тие едноставно дојдоа. Тие спаѓаат во најсолидарна и најсложна категорија на работници. Со духот на солидарноста тие ги одбранија државните институции од анархијата. Потоа им се јавив и им се заблагодарив за актот на солидарноста. Само така можев да ги убедам да го напуштат главниот град. Друг начин немаше.“

Rumänien Geschichte Revolution 1989 Nicolae Ceausescu hingerichtet
Диктаторот Чаушески беше осуден по кратка постапка и стрелан на 25 декември 1989 годинаФотографија: picture alliance / dpa

Илиеску вели дека само тој бил гаранција за стабилност и демократија во државата и тоа уште од 22 декември 1989 година, денот што го означи крајот на диктатурата во Романија и денот кога Илиеску за прв пат настапи на државната телевизија. „Во телевизиската зграда владееше голем хаос, ништо не можеше да се реализира “, раскажува Илиеску. „Сите луѓе се врткаа наоколку. Мојата појава му даде смисла на самиот настан.“

„Доколку организиравме масовни егзекуции на сите повидни приврзаници на поранешниот режим ќе ги следевме идеологиите на Хитлер и Сталин. Ние сакавме демократија. Исто и оние кои направија грешки во поранешниот систем би требало да го следат патот кон демократскиот развој. И тоа без одредување вина .“

Смаранда Еначе е филолог и активист за човекови права од Тиргу Мурес. Во 1989 година таа беше еден од основачите на Лигата за Европа, првата невладина организација во Романија по падот на Чаушеску. Кусо потоа романските националисти ја прогласија за предавник и државен непријател број еден. Во март 1990 година ултра националистите заедно со припадниците на Секуритате ги потпалија етничките тензии во Тиргу Мурес, градот населен со Унгарци и Романци. Тоа доведе до жестоки судири меѓу двете етнички групи, а Романија беше на работ на граѓанска војна. Смаранда Еначе беше меѓу ретките Романци во градот, кои се свртија против националистичката хистерија и кои повикуваа на помирување и бараа повеќе права за малцинствата. Денес по 20 години таа го следи развојот на Романија со измешани чувства. Романија е членка на Европската Унија и ги почитува граѓанските права, но:

„Обидот да се изгради мултиетничка солидарност и граѓанска нација во Романија е безуспешен. Ние се уште сме нација во која доминираат етницизмот и православието. Тие движења доведуваат одредени општествени групи во опасност. Нивната радикализација ме загрижува.“

EU-Erweiterung Symbolbild Rumänien Ein Krankenwagen passiert ein Pferdefuhrwerk auf einer Strasse nahe Agighiol, Rumaenien, am 7. Dezember 2005
Романија и денес е една од најсиромашните земји во Европа, а квалитетот на животот не се подобри драматичноФотографија: AP

Одговорноста за тоа што Романија сеуште е недоволно изградено граѓанско општество ја сносат и активистите за цивилно општество, додава Смаранда самокритично:

„Ние се занимававме со тоа да ја насочиме елитата кон демократија според моделот од 18-от век. Ние не слушавме и немавме чувство за тоа што сакаат обичните луѓе. Сега одеднаш откриваме дека целата дискусија на разјаснување противречи на негативните искуства на луѓето. Романците се уште живеат во средниот век. Условите за живот во селата се застрашувачки, а во предградијата и метрополите покрај сиромаштијата има и криминал. Вака ние повеќе наликуваме на една од земјите од Третиот свет отколку на една земја членка на Европската Унија“.

автор: Ферзек Кено/Дана Трајчев

редактор: Борис Георгиевски