1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Репортери без граници: Сè повеќе новинари зад решетки 

16 декември 2021

Годишниот извештај на организацијата „Репортери без граници“ констатира – во 2021 година има помалку убиства на новинари, но медиумските работници сè почесто завршуваат во затвор, пред сѐ во Кина, Белорусија и Мјанмар. 

https://p.dw.com/p/44Mr6
Myanmar | Festnahme eine Journalisten in Yangon
Фотографија: Ye Aung Thu/AFP/Getty Images

Ова не се добри времиња за новинарите, тие се под закана речиси насекаде низ светот. Авторитарни режими како Белорусија,  Кина,  или Мјанмар засилено преземаат мерки против демократските движења во земјите. Во западните демократии, во Европа и САД, популистите и теоретичарите на заговор се закана за слободното известување, особено во време на корона пандемијата.

Повеќе од доволно причини организацијата „Репортери без граници“, РоГ, во нивниот последен годишен извештај да алармира за слободата на печатот. Сижето на годишниот извештај гласи: сè повеќе медиумски работници произволно се притворани додека си ја извршуваат задачата. 

Благо опаднат бројот на убиени новинари 

Бројот на медиумски работници во 2021 убиени за време на новинарски ангажман е 46, што е најмалку во последниве години. Според РоГ, причина за тоа е смирување на тензиите во регионалните конфликтни зони како Сирија, Ирак или Јемен. 

Членот на раководството на РоГ, Катја Глогер сумира: „Најопасни земји за новинарите повторно се Мексико со седум и Авганистан со шест убиени новинари. Во Јемен и Индија во 2021 година се убиени по четворица медиумски работници.“ 65 новинари во светот се водат како киднапирани. 

Niederlande | Abschied von Peter de Vries
Убиството на холандскиот новинар Петер Де Врис го шокира светотФотографија: Barbara Wesel/DW

Повеќе затворени новинари од било кога досега

Најмалку 488 новинари во 2021 година во светот се уапсени поради нивната работа. Тоа е највисока бројка досега, и зголемување од над 20% споредено со 2020 година, велат од „Репортери без граници“. 103 од нив не се ниту професионални новинари, туку активисти - најчесто на социјалните мрежи. Дваесет и двајца од уапсените се камермани. За една третина е зголемен и бројот на уапсени новинарки. РоГ известува за 60 жени-новинарки зад решетки. 

Главен проблем: Кина, Белорусија и Мјанмар 

 „Репортери без граници“ во суштина обвинуваат три земји за влошената состојба и зголемениот број на затворени новинари: Во Кина, според РоГ, има 127 затворени новинари, во  Белорусија 32 и во Мјанмар 53. Во извештајот се наведува дека се тоа три земји „чии влади се рамнодушни на копнежот на нивните граѓани кон демократија. Големината на овие бројки е исто така показател на растечките немилосрдни мерки против независните медиуми.“ 

Катја Глогер анализира: „ Порастот на бројките е, исто така, резултат на новите геополитички односи на моќ во кои овие режими добиваат премалку притисоци од страна на водечките демократии."

Еден пример: Во Белорусија на моќникот Александар Лукашенко само со употреба на брутална сила му успева да ги контролира протестите против неговиот режим. Над 500 новинари беа уапсени, од кои повеќето привремено. Но, рускиот претседател Владимир Путин го поддржува белорускиот автократ, а санкциите од ЕУ сѐ уште го немаат посакуваниот ефект. Неодамна пресудата за познатиот блогер Сергеј Тихановски кој е осуден на 18 години затвор, повторно ја стави оваа земја на насловните страни. 

Според извештајот на РоГ, во Мјанмар по преземањето на власта од страна на војската на почетокот од февруари, бројот на новинари зад решетки годинава се искачи на 53, додека претходната година имаше само двајца затворени новинари.

Хонгконг некогаш беше бастион на слободата на медиумите 

Во Кина апсењата се пред сѐ поврзани со сѐ поголемата контрола на централната власт врз Хонгконг. Извештајот потсетува: „Специјалната зона некогаш беше бастион на слободата на печатот во кој ниту еден новинар не беше во затвор”. Понатаму се вели: „Но, Закон за безбедност донесен во 2020 од Пекинг до 1.декември годинава служеше како параван за апсења на минимум 10 лица од медиумите”.

Großbritannien | Gericht entscheidet über Auslieferung von Assange an die USA
Поддржувачите на Џулијан Асанж ја критикуваат одлуката на лондонски суд кој отвори можност за негова екстрадиција во САДФотографија: Frank Augstein/AP Photo/picture alliance

Индивидуални судбини: Џулијан Асанж, Питер де Врис, Шахназ Руфи

Зад секој убиен или затворен новинар се кријат индивидуални судбини и нечие име. Шахназ Руфи беше авганистанска новинарка која во март годинава беше убиена од исламистички борци. Убиството на Де Врис ја потресе Холандија. Најмногу внимание моментално предизвикува случајот на основачот на Викиликс, Џулијан Асанж. Британски апелациски суд во петокот ја укина забраната за екстрадиција во САД, каде му се заканува доживотна казна затвор. 

Основани во 1985 година, „Репортери без граници” работат од седиштето во Париз како и од 13 регионални канцеларии во светот во преку 130 земји за слободата на медиумите.