1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Реинвентирање на Заев

16 февруари 2019

Претседателските избори се клучот за иднината на Зоран Заев како премиер. На Заев му треба човек што ќе победи, а не човек што ќе произлезе од внатрепартиските рововски битки. Колумна на Љупчо Поповски.

https://p.dw.com/p/3DUtH
Nord-Mazedonien NATO Flagge in Skopje
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Страшната трагедија со автобусот крај Скопје за миг прекри се во државава: и поделбите, и етничките меѓи, и политичкиот натпревар, и чувството дека сме станале себично општество, кое не знае да го види заедништвото, и изборите, и непотизмот, и кревањето на знамето на алијансата, и промената на таблите со новото име на земјата. Како што некој извонредно го забележа тоа по социјалните медиуми – сите сме во ист автобус.

Оваа трагедија од една страна ја покажа несебичноста на граѓаните и нивната пожртвуваност, а од друга дека одредени институции на системот, особено здравствените, знаат да функционираат кога е најпотребно и кога тоа треба да се направи со огромна брзина. Колку тоа може да изгледа и неприкладно во ваков момент, сепак е важно. Важно е и затоа што тоа е знак дека барем малку сме се помрднале од мртвата точка. И дека оваа трагедија може да означува нов почеток за заедништвото на земјата и за функционирање на нејзиниот систем.

Тоа не е мала работа. Еден детаљ од траорната комеморација во Гостивар, кога еден до друг седеа претседателот Ѓорге Иванов, премиерот Зоран Заев и градоначалникот Арбен Таравари, покажа дека политичарите можат да придонесат за тоа заедништво, иако причината беше една ужасна несреќа. Но така е со несреќите – нивната судбина е да обединуваат.

Тие не се забораваат, солзите на најблиските на настраданите нема да престанат да течат, но за жал, чудовиштето на политиката за недела-две повторно ќе го грабне денот. Клучната работа е дека не смее да не се извлечат поуки од оваа трагедија, особено за начините како функционира превозот на патниците, исправноста на автобусите, линиите по кои возат, професионалноста на возачите. Улогата на државата тука треба да биде целосно непристрасна за да се сведат на минимум ваквите можни ситуации.

Nordmazedonien Busunfall bei Skopje
Фотографија: Reuters/F. Naskovic

Перцепцијата е поважна од вистината

Ако во политиката, па и во животот, во голема мерка нема вистина туку само перцепција, премиерот Зоран Заев откако ја заврши првата фаза од својата мисија – да ја внесе Македонија во НАТО со промена на името – сега се соочува со клучниот предизвик за еден лидер: да ги калибрира очекувањата на граѓаните, способноста на неговата влада и брановите разочарувања. Всушност, за Заев дури сега дојде вистинското време кога треба да покаже дека навистина знае да го остварува слоганот од неговата кампања – едно општество за сите. Сосем веројатно дека оваа година и пол откако е премиер Заев сфатил дека таа идеја е извонредно тешко да се оствари. Можеби затоа што не е дојдено време за неа, можеби затоа што македонското општество, како и сите други во Европа, е длабоко поларизирано по политички, економски, етнички и социјални бразди; а можеби и затоа што треба да се одбере друг човечки и политички капитал за да се оствари тоа.

Никој не измислил таква вага со која ќе може да се измерат настаните и политиките кои влијаат во една држава за да може на тие тасови да се додава или одзема, но многу често политиката е таа што креира ситуации за да се остварат некои цели. На Заев сега му е потребно реинвентирање на политиката со која ги освои граѓаните, а тие му ја испорачаа надежта директно на неговите раце. Има стотици примери на политичари кои го губеле нивното пледоаје за многу кусо време, затоа што нивните замисли се губеле во огромната мрежа на илјадници интереси кои драматично ја подјадувале неговата супстанца. Земете го само случајот на францускиот претседател Емануел Макрон. Протестите на „жолтите елеци“ не произлегоа од зголемената цена на гасот (тоа беше иницијална каписла), туку од изневерените очекувања од она што тој го кажуваше во кампањата, која слично како овдешната може да се опише со слоганот едно општество за сите. Кога се покажа дека Макрон ги продолжи старите обрасци на поделено општество (главно на богати и сиромашни), неговата популарност почна драматично да паѓа и протестите беа неизбежни. Одговорот на Макрон со таканаречната „голема дебата“ по сите региони во Франција, во општински сали, со неселектирани луѓе, во лежерна атмосфера со засукани ракави беше насочен кон тоа да го слушне гневот на граѓаните и да ја калибрира политката со која дојде на власт. Од тимот на неговите советници мораше да замине клучниот човек кој му ја донесе победата со стратегијата за паметната употреба на социјалните медиуми, затоа што виртуелните пораки станаа ужасно недоволни за реалните односи во животот. Дојде време за контакт со луѓето, а не за пропагандни пораки преку социјалните мрежи. Во некоја рака зачудувачки, но популарноста на Макрон почна расте. Дури пет процентни поени во последната анкета оваа недела.

Mazedonien Ljupco Popovski
Љупчо Поповски, автор на колумнатаФотографија: Petr Stojanovski

Се разбира дека е илузорно да се споредуваат македонската и француската политика, различните социјални групи и општествени слоеви, но овој пример на Макрон е доволно поучен за секој лидер дека е потребно постојано реинвентирање. Факт е дека СДСМ ја губи поддршката меѓу гласачите (особено меѓу македонските, најмногу поради законот за јазиците, а потоа и поради промената на името) и факт е дека партијата сега нема добар одговор да го спречи тоа. Претседателските избори се извонредно важен тест за Заев. Победата на нив ќе му овозможи помирни води до изборите есента 2020 година и влегување во трета брзина за реформите кои ги најавуваше.

Ако нема амбиции во политиката таа би се претворила во застоена бара. Затоа и не е чудно што кај повеќемина во власта веќе пламти амбицијата да се биде претседателски кандидат. Сосема е јасно дека за кандидатот на СДСМ главниот збор го има Заев. Предлозите по општинските комитети се само формалната рамка. На Заев му треба човек што ќе победи, а не човек што ќе произлезе од внатрепартиските рововски битки. Објаснувањето е многу едноставно – поразот на кандидатот на СДСМ ќе му ги претвори идните месеци на Заев пеколни, притисокот на опозицијата ќе биде незапирлив, вонредните избори речиси неизбежни, а поразот на нив многу извесен.

Свежа крв

Всушност, овие претседателски избори се клучот за иднината на Зоран Заев како премиер. Ако тој тоа не го знае, или ако го знае а некои други го советуваат поинаку (дека тоа е бура што ќе помине) е на многу лоша трага и брзо ќе стане свесен дека погрешил. Стравот дека е можно да не се стигне до цензусот е помалку важната работа. Во основа, ако не се стигне до цензус тоа може да биде извонредно добра причина во драматично иселеното општество да се намали оваа анахроност и политичкиот натпревар да ги добие реалните законски рамки со пет или десет проценти подолу. Политичките решенија мора да се прилагодуваат на животот и вистинските параметри. На секои претседателски избори некоја опозиција може да посака да бојкотира и со тоа да го урне гласањето, што е деструкција на одлучувањето. Одредбите за цензусот ќе мора да се менуваат, бидејќи со овој бран на миграции за десетина години во државава може да остане само половина од запишаните на избирачкиот список. Тогаш изборите за претседател според сегашниве правила ќе станат целосно илузорни. Најлошата варијанта од неуспешни избори е можен договор претседателот да се бира во Собранието (принцип што беше напуштен во 1994 година и принцип што го напуштија најголемиот број посткомунистички земји), затоа што политичкиот договор во парламентот ќе го претвори шефот на државата само во нем сведок на политичките процеси и целосно ќе ја маргинализира неговата улога. Па дури и неговата функција како врховен командант ќе стане само театрална и потчинета дури и на министри во Владата.

За да може да ги реинвентира своите политики Заев треба да внесе свежа крв во Владата. Тоа е стандардно правило во политиката која се проверува на избори. За една партија која владее основната премиса е да се задржи власта и нејзиниот премиер. Не заради неговата личност, туку затоа што тој е врвот на пирамидата – ако тој биде поткопан граѓаните потоа ќе гласаат за промена на партијата што ја раководи државата. Тоа е нишката што ги држи сите партиски членови без оглед за која демократија станува збор. Само во авторитарни структури владата функционира како некаков вид политбиро во кое тешко се влегува, а уште потешко се излегува.

Mazedonien NATO
Фотографија: Regierung Mazedoniens

Поради комплицираните коалициски односи Заев има ограничени можности да влијае врз изборот на кадрите од другите партии. Но кога тие кадри прават непоправлива штета на целата влада, главниот губитник е тој. Од една страна сака да делегира одговорност, а од друга јавно да ветува дека ќе ги исправа нивните грешки кои предизвикуваат вистински гнев во јавноста, како последниот случај со распределбата на државни пари за културни проекти. Во овој случај главен губитник не е министерот за култура туку премиерот, затоа што јавната перцепција во општеството е дека тој дозволил да се случуваат вакви скандали. Со знаење или без знаење, сеедно.

Затоа реинвентирањето на Заев по претседателските избори би требало да има само една патека – како поефикасно и подобро да се остварат замислите со кои неговата партија дојде на власт. Нема ништо поприродно со поголема реконструкција на Владата да стигне до тие цели. Доколку заглави во калкулацииите, најавени министерски промени а неостварени, премиерски оправдувања за неспособноста на одредени министри; доколку се обидува да ја врши работата на некои негови колеги во кабинетот само да се зачува привидната хармонија – ќе го поплочи патот кон неговиот пораз на следните избори.

Македонија се промени откако беа поразени авторитарните структури. Сега не знае да молчи и не сака да простува. Но тоа не значи дека нема да воздивне, да замижи и неволно да им се врати на оние од кои мислеше дека се ослободила. Нејзиниот избор тогаш ќе биде легитимен, затоа што ќе се води од разочарувањата и изневерените очекувања. Тогаш Зоран Заев не ќе треба да се прашува зошто граѓаните имале мало трпение, туку да се запраша за своите погрешни проценки дека може да внесе нова енергија со истите луѓе во постпреспанска Македонија.

 

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар