1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Реакции на дипломатите за случувањата во Струга

31 јануари 2012

Канцеларијата на Европската унија во Скопје бара властите да ги расчистат последните инциденти во Струга и да ги изнесат виновниците пред лицето на правдата. Реагира и ОБСЕ.

https://p.dw.com/p/13tdl
СтругаФотографија: Petar Stojanovski

Од ОБСЕ информираат дека нивни набљудувачки екипи биле на терен и внимателно ги следат последните случувања во Струга. Од мисијата на оваа организација апелираат за смирување на ситуацијата. Британскиот амбасадор во Македонија Кристофер Ивон, пак, изрази надеж дека повиците од политичките лидери за смирување на состојбата ќе се почитуваат од сите страни.

Синоќа во струшкото село Лабуништа во црква стара два века, и во која има вредни икони, избувна пожар. Изгорела една помошна просторија на црквата и трпезаријата, додека според првичните информации огнот не ја зафатил црквата. Помошните простории кои изгореа се залепени до самиот верски објект, а во него се сместени и вредни икони кои датираат од 18 и 19 век. Струшкиот градоначалник Рамиз Мерко по синоќешниот пожар повика на воздржаност и внимателност.

Инцидентот се случи по повеќедневните меѓуетнички тензии во Струга и протестите на локалното албанско население против исмејувањето на исламот и коранот на вевчанскиот карневал. Пред неколку дена во Струга беше запалено и македонското знаме. Исламската верска заедница вчера обвини дека во Македонија постои исламофобија, која е комбинирана со владина пропаганда. Денеска во македонскиот парламент треба да заседава Комитетот за односи меѓу заедниците, а единствена точка на дневниот ред се меѓуетничките односи. Се очекува партнерите во владата да преземат конкретни чекори за смирување на состојбите.

Автор: АМ/БГ/бета/макфакс/миа

Редактор: Е.М. Фиданоска