Расте критиката за набљудувачката мисија во Сирија
2 јануари 2012Арапскиот парламент, влијателно тело на Арапската лига, побара итен прекин на мисијата на Лигата во Сирија. „Ако пред очите на набљудувачите и натаму се случуваат акти на насилство, тогаш тие се злоупотребени како покритие од страна на претседателот Башар ал-Асад“, соопшти т.н Арапски парламент, советодавно тело со 88 делегати.
Ситуацијата не се подобрува
Од доаѓањето на мисијата во Сирија пред една недела, речиси и да нема никакво подобрување на состојбата, гласи оценката на парламентот.
Во повеќе сириски градови против набљудувачката делегација на Арапската лига веќе демонстрираа десетици илјади луѓе. Тие изразија незадоволство бидејќи мисијата не може да го запре крвопролевањето во земјата. Изливи на гнев предизвикаа и изјавите на шефот на мисијата, кој по посетата на градот Хомс, кој важи за упориште на протестите, изјави дека не забележал ништо загрижувачко во градот.
Автор:СН/ЕМФ/ап/дпа/ртр
Редактор: Ж. Ацеска