1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Петровска ќе продолжи во Министерството за животна средина

4 август 2021

Откако беше разрешена, од кабинетот на премиерот Заев велат дека Ана Петровска е квалитетен кадар и ќе и биде понудена функција во Министерството за животна средина.

https://p.dw.com/p/3yXxq
Nordmazedonien | Umweltexpertin | Ana Petrovska
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Разрешената директорка на Државниот инспекторат за животна средина ќе добие шанса да продолжи со работа на нова функција во Министерството за животна средина, по локалните избори, велат извори од кабинетот на премиерот Зоран Заев.

„Ана Петровска останува посветена на заштата на животната средина, нејзиниот професионален ангажман продолжува во Министерството за животна средина“, велат извори од кабинетот.

Владата на денешната седница ја разреши Ана Петровска од функцијата в.д. директорка на Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) и на нејзино место го именува за в.д Сретен Стојковски.

Петровска ја загуби функцијата како резултат на судир во нејзината матична партија ДОМ која е коалициски партнер во владата на СДСМ. Разрешувањето е на барање на претседателката на ДОМ, Маја Морачанин. Од Владата велат дека согласно меѓукоалицискиот договор, позицијата директор на државниот инспекторат за животна средина е во политичка надлежност на партијата ДОМ.

Од владата сметаат дека Петровска е „исклучително квалитетен кадар“ и ќе и биде понудена функција во министерството.

„Владата ги цени нејзините квалитети и перформанси и веќе се разгледуваат повеќе опции Петровска да координира некои од процесите од зелената агенда на Владата, веднаш после локалните избори“, велат од кабинетот на премиерот.

Петровска за Дојче веле изјави дека и понатаму ќе продолжи да работи за јавниот интерес. „Мојата служба во инспекторатот беше привилегија. Некои проблеми во животната средина почнаа да се решаваат, уште многу останаа за во иднина. Јас останувам во секторот животна средина и без оглед што не сум веќе функционер, ќе продолжам да работам за јавниот интерес“, рече Петровска за ДВ, по одлуката за нејзино разрешување. 

Петровска на челната позиција во Инспекторатот за животна средина дојде во 2020 година. Претходно како член на Извршниот одбор на ДОМ, во 2018 година таа беше именувана за државен секретар во Министерството за животна средина и просторно планирање. Петровска е инжинер архитект со долгогодишно искуство во животната средина и просторното планирање.