1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Радев најавува помош со вакцини за С. Македонија

ДТЗ
25 мај 2021

Софија испраќа сигнали за затоплување на односите со Скопје. С. Македонија е на врвот на листата за помош со вакцини, а се најавува и враќање на довербата и дијалогот.

https://p.dw.com/p/3tuFs
Rumen Georgiew Radew I Staatspräsident Bulgarien
Фотографија: picture-alliance/J. Ratz

Бугарскиот претседател Румен Радев, пред почетокот на вториот ден од ЕУ самитот во Брисел кој е посветен на борбата против Ковид-19 и климатските промени, изјавил дека за Бугарија приоритет е споделувањето на вакцините со Северна Македонија и регионот.

„Ќе го разгледаме механизмот за споделување на вакцини од држави членки кон трети земји. За Бугарија приоритет е западниот Балкан со Северна Македонија на врвот“, ја пренесува МИА изјавата на Радев.

Бугарскиот претседател вчера се сретна со претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, со која разговарал за Северна Македонија. Според бугарските медиуми пред почетокот на самитот на ЕУ, Радев изјавил дека од неговите колеги ќе побара солидарност и разбирање за специфичностите на секоја земја членка.

Чекор напред за решавање на проблемите

Ваквите изјави доаѓаат во пресрет на заедничкото чествување на Св. Кирил и Методиј во Рим каде утре ќе заминат македонскиот претседател Стево Пендаровски и бугарскиот колега Румен Радев. Во јавноста ваквиот чекор се толкува како обид за затоплување на односите меѓу двете земји, во насока на одблокирање на македонскиот пат кон ЕУ.

Радев вчера го оцени како добар знак претстојното заедничко чествување на делото на светите браќа Кирил и Методиј од страна на делегациите на Бугарија и Република Северна Македонија во Рим и повика на политичка волја од нашиот југозападен сосед за постигнување конкретни резултати . „Потребни ни се и позитивни примери во билатералните односи меѓу Бугарија и Република Северна Македонија, како и директен и отворен билатерален дијалог за решавање на проблемите“, вели тој.

-повеќе на темата: Во пресрет на заедничкото чествување на Св .Кирил и Методиј во Рим: Можен ли е исчекор во спорот меѓу Скопје и Софија?

Според Радев, привремената влада на Бугарија е подготвена да спроведе активен дијалог со Република Северна Македонија во оваа насока, како и да разговара за можностите за забрзување на процесот на европска интеграција. Шефот на државата исто така посочил дека секоја можна одлука за почеток на преговори за членство во ЕУ од страна на Северна Македонија ќе биде внимателно анализирана и споредувана со Декларацијата на бугарскиот парламент и Рамковната позиција на нашата земја за проширување на ЕУ и Процесот за стабилизација и асоцијација.

Враќање на довербата

Новиот шеф на бугарската дипломатија Светлан Стоев, го престави тимот со којшто ќе работи, а во преговорите со С. Македонија ќе учествува Румен Александров, кој во моментов е на Европскиот совет заедно со претседателот Радев и претходно бил заменик министер во периодот 2014-2016 година. Јана Дончева ќе биде шеф на неговата канцеларија.

Враќањето на довербата и дијалогот со Република Северна Македонија вели дека ќе бидат приоритет број еден. „Целта е да се постигнат одржливи и неповратни резултати во односите меѓу Бугарија и Северна Македонија“, категоричен е Стоев.