1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Путин ја врбува Бугарија

Јасен Бојаџиев/Александар Андреев/Ж.А.23 август 2015

Откако Бугарија, членка на ЕУ и на НАТО, ги поддржа санкциите кои Западот ги воведе кон Русија, рускиот претседател остро ја нападна Софија, но сега и‘ се обраќа со попомирливи тонови. Што се крие зад тоа?

https://p.dw.com/p/1GKA9
Фотографија: Reuters/G. Dukor

Изјавата на бугарскиот премиер Бојко Борисов на почетокот на јули годинава звучеше како оправдување. „Разбирливо е зошто претседателот Путин толку остро ја обвини Бугарија. Ние навистина испаднавме виновници, иако во суштина не бевме виновни, а замрзнување на односите со Русија уште помалку беше наша цел.“ Се разбира, со ова мислеше на економските санкции кон Кремљ, кои како членка на ЕУ ги воведе и Бугарија. Борисов упатува на зборовите на Путин во декември минатата година во Анкара, кога рече дека проектот „Јужен тек“ пропадна, а станува збор за гасовод кој е многу важен за Бугарија. Но, не само за Бугарија, туку и за Србија, па и за Босна и Херцеговина, односно нејзиниот ентитет Република Српска. Аргументацијата на Путин тогаш беше-целата вина за пропаѓањето на проектот ја сноси Бугарија, зашто оваа земја „ не знаеше да се однесува како независна“.

Но, сега одеднаш тонот меѓу Москва и Софија се промени. На почетокот на оваа недела Путин на Крим изјави: „Членството на Бугарија во НАТО е завршена работа. Ние ќе го почитуваме изборот на бугарскиот народ и и натаму ќе соработуваме со Бугарија, независно од тешките прашања во врска со различни проекти, како на пример ’Јужен тек’. Освен тоа, Русија и Бугарија отсекогаш во историјата биле многу блиски“, истакна Путин. Во Бугарија овие зборови се примени како „јасен нак на помирување“ и „целосно нови тонови во билатералните односи“.

Bulgarien Prorussische Kundgebungen in Sofia
Проруска демонстрација во СофијаФотографија: BGNES

Гасоводот како политички инструмент

Во текот на официјалниот прием на анектираниот Крим, во неговото повеќе попатно споменување на Бугарија, Путин уверуваше дека Русија ќе развива односи со Бугарија „ на сите колосеци“. Но, тој всушност мислеше само на два-а обата всушност се проникнати со тензии меѓу Русија и Западот, како и со геостратешката позиција на Бугарија која е членка на ЕУ и на НАТО.

Еден од двата колосека за кој зборуваше Путин секако е „Јужен тек“, кој покрај својот економски аспект, е и важен инструмент на руската надворешна политика. А, со голема помпа во Анкара најавуваниот т.н „Турски тек“, се чини умре и пред да се роди. Русија веќе не тврди толку категорично дека од 2019 година рускиот гас веќе нема да оди во Европа преку Украина. Истовремено, некои експерти гледаат повторно големи шанси за реализација на „Јужен тек“. Меѓу другото, и поради тоа што од Москва не стигна официјално откажување на проектот „Јужен тек“, Бугарите веруваат во можноста тој сепак да се спаси. Шпекулациите околу повторното оживување на проектот очигледно водат до извор во Кремљ. На Русија всушност и‘ е потребен гасовод како инструмент за политички притисок. А Бугарија во сето тоа секако би играла одредена улога.

South Stream Russland Europa Pipeline Projekt gestoppt
Проектот „Јужен тек“ засега е замрзнатФотографија: picture alliance/ZUMAPRESS.com

Бугарија меѓу Исток и Запад

Другиот колосек е обидот на Кремљ преку Бугарија да влијае врз ЕУ и НАТО за всушност да предизвика поделба во овие организации, како во однос на ембаргото, така и во поглед на безбедносната политика. И во тој случај Бугарија е добар терен за „тајни акции“. Зашто, Москва се‘уште има бројни приврзеници во Софија. Посебно во редовите на најголемата опозициска партија во бугарскиот парламент. Социјалистите посебно се израдуваа на изјавата на Путин. Портпаролот на партијата рече: „Ќе станува се‘ појасно дека под нос ни беше подметната погрешна слика за Русија. Вистинските приоритети на Русија се далеку од сликата за агресивна и немилосрдна држава.“ Тој дополни дека поради својата геополитичка позиција, но и поради духовната и културолошка поврзаност со Русија, „Бугарија е повикана како посредник да го ублажи актуелниот спор.“

Мнозинството Бугари би ја поздравило ваквата улога на државата. Меѓутоа, мнозинството политичари знае оти е целосно нереално малата Бугарија сега одеднаш да се позиционира како голем помирител на меѓународната сцена. Но, и по последните изјави на Путин, Бугарија останува поделена во однос на прашањето за политиката кон Русија.