1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Прочуени марки за мизерни плати

К.Харнеброк/С.Недевски22 август 2014

Грузија е сиромашна земја, и само од пред неколку недели има договор за асоцијација со ЕУ. Владата сака да привлече инвеститори сметајќи притоа на ниските плати и социјални стандарди, особено во текстилната индустрија.

https://p.dw.com/p/1Cw1d
Фотографија: DW

Предградието на Батуми, грузиски град на Црно Море, е центар на текстилна индустрија. Таму работат повеќе од 7.000 шивачки, вели шефот на локалниот синдикат. Сокриени зад високи ѕидови, тие шијат облека за познати и скапи западни марки. Директен работодавач им се турски фирми.

Многу жени се од околните села. Тие не си ги знаат правата, заштита на работно место за нив е туѓ поим. Платите им се екстремно ниски.

Синдикалецот Илиа Верѕаѕе сака да ги просвети, да им каже дека можат да се борат против ниските плати. Но, тој не смее да влезе во кругот на фабриката, никој не смее - дури ни независни контролори.

„Ги прашувам работничките колку заработуваат, но не ми одговараат. Ако заработувачка им е добра, би кажале“, вели Верѕаѕе.

Синдикатот на текстилците на кој му припаѓа Верѕаѕе всушност се бори против владата. Ниските плати и слабата социјална заштита се аргументи со кои владата привлекува странски инвеститори.

„Во моментов станува збор за тоа дали ќе добиеме 24 дена годишен одмор, тие сакаат да ни дадат само 15“, вели една текстилна работничка која сака да остане анонимна.

Отпор речиси нема, оти порано кој ќе се побунеше, веднаш добиваше отказ, раскажуваат други две шивачки. Тие се осмелија да зборуваат пред камера само затоа што се надеваат дека ќе добијат заштита од синдикатот.

За живот во Грузија се потребни околу 250 евра месечно, а шивачка заработува максимално 150 евра.

„Ни го сметаат само времето кога работиме на машината за шиење. Не се плаќа за носење материјали и нивно редење на маса. Не се плаќа ни нумерирањето, пребројувањето и сортирањето на готовите парчиња облека. Затоа мора да се работи многу, многу брзо и само така се заработува доволно“, раскажува шивачката Нино Гургениѕе.

Кој нема да ја исполни пропишаната норма, на крајот на месецот добива помалку од 60 евра плата. Синдикалците го поделија информативниот материјал кој го донесоа. Нивната работа за денеска е завршена.