1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Протестираме за нашите деца, за нивната иднина!

Костадин Делимитов17 мај 2015

„Збогум Никола, бараме оставки!“ Во мирна атмосфера, илјадници граѓани пред Владата во Скопје гласно порачаа дека сакаат промена на власта.

https://p.dw.com/p/1FR3Q
Фотографија: DW/K. Blazevska

„Излеговме на улица за нашите деца, за нивната иднина, да живеат во демократија, а не во ваква неподнослива атмосфера, во диктатура“!

Илјадници граѓани од цела Македонија ги преплавија скопските улици. Собрани пред Владата со единствена порака „Збогум Никола“, повикуваат на оставка на актуелната владејачка гарнитура.

Транспаренти на кои пишува „Збогум Никола, бараме оставки“, стотици македонски, албански знамиња, пораки на поддршка но без партиски симболи. Големиот протест го организираат граѓански здруженија, невладини организации и политички партии, меѓу кои и најголемата опозициска партија, Социјалдемократскиот сојуз. Граѓаните се револтирани и бараат промени:

„Протестирам против оваа власт, против оваа диктатура, сакаме се‘ да се врати на свое место, демократијата прво! Едноставно сметаме дека демократијата е на најниско можно ниво, со оваа Влада повеќе е од очигледно дека Македонија не може да оди напред“

„Имаме илјада причини да протестираме, децата ни завршија факултети, станаа магистри, доктори на наука, а се без работа. Им бараат партиска книшка на ВМРО ДПМНЕ за да се вработат, не им важат дипломите, кога тие ќе се вработат? Затоа излегуваме, за нашите деца, за нивната иднина, да обезбедиме услови да не водат тие, а не неписмени да ја водат државава“, велат дел од граѓаните.

„Јас сум Албанец, и сакам да протестирам заедно со Македонците. Барам оставка од оваа Влада бидејќи постојано само слушаме дека работи за соживот, но освен зборови и ветувања нема никакви дела. Затоа барам оставка“, вели еден млад човек.

Mazedonien Demonstration in Skopje
Фотографија: DW/B. Georgievski

„Бараме оваа насилна, немилосрдна власт да падне, секој од нас што и‘ сака добро на оваа држава мора да излезе, крајно време е, лимитот е достигнат или ќе не‘ нема како држава“, реагираат граѓаните во анкетата на Дојче веле.

Протестот е под силно полициско обезбедување, присутни се и голем број редари организирани од организаторите. Според најавата, денеска започнатото ќе заврши кога премиерот Никола Груевски ќе даде опставка:

„Одлуката е: остануваме до крај, додека Груевски не даде оставка. Ќе ги обезбедиме сите ресурси согласно со нашите можности, и тоа продолжување да биде мирно, ненасилно, со одредени содржини кои ќе бидат за луѓето што ќе одлучат да останат во континуитет на овој протест“, изјави Зоран Заев, претседател на СДСМ.

Пртотестот е кулминација на повеќемесечниот револт посебно изразен по објавата на прислушуваните телефонски разговори кои според опозицијата се потврда за скандалозното, неморалното и криминално владеење на актуелната власт. Пред насобраните граѓани во име на здружената опозиција и граѓанската коалиција ќе се обрати лидерот на СДСМ, Зоран Заев, а свое обраќање ќе имаат и поранешниот бугарски премиер Сергеј Станишев и Кнут Флекенштајн, потпретседател на групата социјалисти во Европскиот парламент. Како говорници се најавени и голем број интелектуалци, претставници на пленуми и невладини организации.