1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Протекувањето говори повеќе од записникот

26 август 2019

Ако институциите со нечинење дозволиле да се одлеваат службени податоци, или некој платен од наши пари си игра со надлежностите, одговорност мора да има.

https://p.dw.com/p/3OU1l
Tastatur und Bildschirm  mit Programmiercode und Binärcode
Фотографија: picture-alliance/K. Ohlenschläger

Во Кривичниот суд денеска ќе утврдува дали до Судот воопшто стигнал записникот од сведочењето на оштетениот во „Рекет“, Јордан Камчев, (кој беше објавен од еден портал, а потоа пренесен и од други) за потоа да утврдат дали е можно да протекол од таму. Од Обвинителството за гонење организиран криминал велат дека копија од записникот била испратена со барање за притвор на осомничени во „Рекет“ и дека копија од записникот не му била дадена на Камчев. Според тоа, сомнежите за протекувањето на документот засега се вртат околу две адреси: Обвинителството и Судот, иако во јавноста се шпекулира и за неколку други можности, а кои заради потенцијална истрага не би ги наведувале. Но, што и да е во прашање, едно е јасно - дека институциите се крајно порозни. Ден претходно, тоа се покажа и во случајот со предложената за министерка за финансии, Нина Ангеловска, што беше „дочекано“ директно со податоци од базата на МВР за нејзин прекршок во сообраќајот, објавени во медиум.

Таквите постапки мора да се санкционираат. Ако институциите со нечинење дозволиле да се одлеваат службени податоци, или некој платен од наши пари си игра со надлежностите, одговорност мора да има. 

Но, ваквите примери откриваат и дека во прашање не е само истрагата и вистината за „Рекет“, туку многу повеќе од тоа - компромитирање и уривање на Обвинителството и Владата.

И дека на некого многу му се брза, па со снимки објавени во странство или со протечени записници се обидува да му одреди темпо на Обвинителството, да му кажува кого да приведе, кого да го викне следен на распит и.т.н. Токму тоа нечие брзање ѝ предизвикува најголема штета на истрагата. По притворањето на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, се очекуваше и други бизнисмени да се охрабрат и да посведочат во Обвинителство за евентуални изнуди од осомничените за исти цели. Прашање е дали ќе го сторат тоа по протекувањето на записникот. Бидејќи и оние кои веќе сведочеле, не сакаат нивните изјави во фаза на истрага да се тркалаат по улица. А се тркалаат. Скриншотови од сведочење се препраќаат како да се празнична честитка. Никој не размислува за безбедносните импликации, за штетите што се нанесуваат на истрагата и дека на таков начин најдиректно се открива за кои лица има индиции дека учествувале во кривичното дело, а кои сѐ уште не се повикани на распит и не се притворени. Не затоа што некој сака да ги заштити, туку затоа што секој обвинител кој ја има сликата на случајот, врз основа на сознанијата гради стратегија кој кога ќе биде повикан на распит. Во таа тактика сега е направен упад. На дел од оние за кои има индиции (можеби и цврсти докази) дека учествувале во кривичното дело, со протекување на записникот им е дадена шанса и време да си ги подзаметат дворот и да си обезбедат други „докази“ во нивна корист.

И секако дека ваквото излевање на сознанија надвор од коридорите на истрагата ќе се одрази на случајот. На кого му користи тоа? На некој што преку манипулирање со овој случај сака да создаде хаос од пошироки размери. Некој што во случајот „Рекет“ не гледа цел да се дојде до вистината, туку средство за остварување многу пошироки домашни и туѓи цели.

Притоа, апсолутно не се согласувам со ставовите на некои угледни лица од правосудството дека оштетениот во „Рекет“ имал за цел да направи хаос со СЈО, да нуди поткуп и сето тоа да го снима - за да го компромитира СЈО. Дури и да сакал такво нешто, ако другата страна не го прифатела тоа, како ќе направел хаос? Ако другата страна била чесна, таа ќе снимала како едно осомничено лице се обидува да ги поткупи за да се спаси од обвиненија. Ама такво нешто не се случило. Затоа, да не се залажуваме.

Она што е важно, е да се одвојат трите нивоа на приказната: истрагата за „Рекет“ која Обвинителството мора да ја води професионално и без притисок на партии (опозициски или владејачки). Второ, да се направи санитарен коридор меѓу истрагата и оние кои сакаат од овој случај да направа бара за политички лов во матно, и трето - да се утврдат сите надворешни линии од каде стигаат инструкции за уличното водење на овој случај и заради туѓи цели.

И на крајот нешто, не помалку важно: ЗНМ и Советот за етика не може само папагалски да повторуваат дека власта мора да има повисок праг на толеранција за критика, и дека медиумите се предмет на саморегулација. Тоа е така во претпоставена ситуација дека критиките доаѓаат од медиуми кои ги почитуваат професионалните стандарди и кои имаат прописна идентификациска картичка. Оние другите, власта и да сака, не може да ги тужи. Во многу случаи манипулации и лажни вести доѓаат од „медиумски“ субјекти без адреса, одговорно лице, редакција и.т.н. Не може да функционира саморегулацијата во ситуација кога не се знае што е медиум, што е парамедиум. А ЗНМ и Советот со невидена леснотија се впуштаат во коментар на вакви случаи. Тоа е исто како Лекарската Комора или нејзиниот етички совет да се изјаснуваат дали треба да има постапка за погрешно даден лек, не од страна на лекар, туку од бајач. 

Во тоа е разликата. А за жал, не е мала.