1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Продолжуваат масовните апсења во Турција

Б. Георгиевски/афп/дпа18 јули 2016

Турските безбедносни сили и утрово продолжија со акции против осомничени пучисти, додека расте меѓународната загриженост поради опсегот на операциите.

https://p.dw.com/p/1JQbH
Фотографија: picture-alliance/AA/M. Kula

Властите велат дека повеќе од 6.000 луѓе се уапсени досега во рамките на истрагата за неуспешниот воен удар против претседателот Реџеп Таип Ердоган. Ердоган ги обвини приврзаниците на исламистичкиот свештеник Фетула Ѓулен за пучот.

Утрово, анти-терористичките единици во Истанбул извршија рација во воздухопловната академија во градот во потрага по нови осомничени.

Уапсен е и генералот Мехмет Дасли, кој ја спроведе операцијата на апсење на шефот на Генералштабот Хулуси Акар за време на воениот удар.

Türkei Demonstration nach Putschversuch
Во текот на ноќта се одржаа демонстрации за поддршка на Ердоган во повеќе градови.Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Suna

Според извештаите, досега се уапсени 36 генерали, а 10 од нив се задржани во притвор. Ердоган ги повика граѓаните да останат на улиците и покрај тоа што тврди дека пучистите се совладани.

Во текот на ноќта се одржаа демонстрации за поддршка во повеќе градови.

Светските лидери, меѓу нив претседателот на САД, Барак Обама и германската канцеларка Ангела Меркел ја повикаа Турција да го почитува владеењето на правото.

Шефицата на надворешната политика на ЕУ, Федерика Могерини рече дека земјата не смее да се оддалечува од правото.

„Владеењето на правото мора да биде заштитено, нема изговор за било какви чекори кои ќе ја оддалечат земјата од тоа“, рече таа.

Комесарот за проширување на ЕУ, Јоханес Хан оцени дека фактот што апсењата се случуваат толку бргу по неуспешниот пуч укажува дека властите имале подготвено листа уште пред него.

Türkei Polizeipräsenz nach Putschversuch
Зголеменото полициското присуство е видливо насекаде.Фотографија: picture-alliance/AA/O.Coban

Освен над 3.000 воени офицери и обични војници, властите експресно отпуштија и осомничија и речиси 3.000 судии и обвинители.

„Се чини дека нешто било подготвено. Листите се на располагање што укажува дека биле подготвени за користење во одреден момент“, рече Хан. „Јас сум многу загрижен. Ова е точно она од што се плашевме“.

Еден ден по неуспешниот пуч, претседателот Ердоган најави „чистка“ на државните институции и армијата. Говорејќи на погребот на неколкумина загинати во воениот удар, Ердоган рече дека „ракот се раширил“ но ќе биде уништен.
Околу 290 луѓе загинаа, а повеќе од 1.100 се ранети во пучот кој започна во петокот вечерта.