1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пресудата за Кежаровски е обид за заплашување на критичкото новинарство

Силвера Падори-Кленке22 октомври 2013

Репортери без граници и известувачката мрежа за Источна Европа од Берлин сметаат дека пресудата за Кежаровски не е според европските стандарди за медиумите и има цел да го заплаши критичкото новинарство во Македонија!

https://p.dw.com/p/1A3pl
Фотографија: DW/P. Stojanovski

„Оваа пресуда ја гледаме како многу суров напад врз слободата на информирањето во Македонија. Од наш агол, острата казна против Томислав Кежаровски е целосно неоснована и има за цел да го заплаши критичкото новинарство во Македонија. Ова е скандалозно, зашто Македонија сака да стане членка на Европската унија и ваквите пресуди не одат во прилог и не се во согласност со стандардите за слободата на информирање на Европската Унија“, изјави за ДВ Кристијан Мир, раководител на германската секција на Репортери без граници од Берлин, дополнувајќи дека „Репортерите без граници бараат од Европската унија слободата на информирањето да стане услов во пристапните преговори со Македонија. Според него, слободата на информирањето честопати не е голем услов“. Затоа се бара „заштитата на новинарите кои пишуваат критички да стане еден од централните услови. Во извештајот за напредок да не се говори само за поларизацијата или само за општи работи на ниво на систем, туку да се бара и конкретно тематизирање на случаите на прогонетите новинари, како на пример Томислав Кежаровски, и тие (случаите н.з) да имаат влијние врз пристапните преговори“.

Christian Mihr Reporter ohne Grenzen
Пресудата на Кежаровски е скандалозна! Кристијан Мир од Репортери без границиФотографија: ROG/Günther

ЕУ треба конкретно да се произнесе

Улрике Груска, одговорна за Европа од Репортерите без граници, за ДВ појаснува дека случајот на Томислав Кежаровски и во Германија е релативно добро познат благодарение на информациите од централното биро во Париз, контактите со новинарите од Македонија и соработката со „н-ост“ - Известувачката мрежа за Источна Европа. Груска вели дека било неразумно што притворот на Кежаровски во истражната постапка постојано се продолжувал.

„Според наши видувања, оваа пресуда не е примарна за написот од 2008 година, туку се сака да се заплашат новинарите кои се критички и смели, со цел и на другите да им се предочи што се случува со луѓето кои навистина го креваат својот глас и критичките случаи ги истражуваат. Сметаме дека состојбата е дотолку полоша, зашто во Македонија и онака недостигаат известувања и медиуми кои истражувачки и критички работат“, вели за ДВ Улрике Груска.

Инаку, Репортери без граници, покрај ангажманот во случајот Кежаровски преку одделението за помош, направиле обид да го свртат вниманието и да покажат што се случува во земјата. Груска потсети дека пред точно седмица бил објавен Извештајот за напредокот на Македонија, во кој навистина слободата на медиумите се споменува, но само воопштено. Се констатира дека многу медиуми се зависни, дека има нејасно финансирање, дека медиумите се злоупотребуват како политички инструменти, „но Европската Унија досега избегнува конкретно да се произнесе и да се заложи за новинари како Томислав Кежаровски“, подвлекува Груска. Таа ја истакна и Ранг листата за слободата на медиумите која покажува дека состојбата во Македонија видливо е влошена.

Reporter ohne Grenzen Pressesprecherin Ulrike Gruska
Ситуацијата во Македонија е најлоша! Улрике ГрускаФотографија: Privat

„Во 2012 Македонија беше 94-та на ранг листата, а сега на актуелната е на 116-тото место, што покажува дека паднала за 22 места надолу. Споредено со другите држави на Балканот, ситуцијата во Македонија е најлоша“, констатира Улрике Груска.

За пресудата на Кежаровски реагира и „н-ост“ - Известувачката мрежа за Источна Европа од Берлин. „Во понеделникот македонскиот новинар Томислав Кежаровски е осуден на 4,5 години затвор. Н-ост пресудата ја вреднува како натамошен напад врз слободата на медиумите во земјата. Н-ост во повеќето кампањи се заложи за колегата кој во 2012 беше учесник и на Конференцијата за медиумите, организирана токму од известувачката мрежа од Берлин“, се вели во кусото соопштение.

„Ние сме навистина шокирани зашто Томислав Кежаровски го познаваме и лично - од конференцијата за медиуми која се одржа во Белград. Тој беше еден од учесниците. Оваа пресуда е сосема јасен сигнал и има за цел да се заплашат новинарите во Македонија. Според нас, станува збор за јасна повреда на слободата на изразувањето во Македониај и се вклопува во несреќните обиди на владата да влијае врз медиумите“, вели за ДВ Тамина Кучер (н-ост), според која „амбасадорите на ЕУ кои се во Македонија сега треба да направат притисок врз владата за конечно нешто и да се случи!“